Полска, Германија и сенките на војната
30 август 2019Полска не беше само првата жртва на Германија во Втората светска војна, туку мерено според бројот на населението забележа и најголем број жртви. Страшни беа и штетите за полски споменици и културни добра. За обемот на штетата причинета на Полјаците и денес, по 80 години, се свесни само мал број Германци. Тоа неодамна го кажа министерот за надворешни рабти на Германија, Хајко Мас, по повод 75-годишнината од Варшавското востание.
Повеќе:Варшава: Германската вина, срам и плаќање на гревот
Да се зацврстат сеќавањата
И Лео Маусбах го дели истото мислење. „Знаеме многу малку за тоа што сме ѝ сториле на Полска во Втората светска војна и колку отворени рани има до ден-денешен", вели младиот Германец кој живее во Варшава и е активен во сферата на економската соработка на двете земји. Маусбах објаснува зошто дијалогот и по 80 години се одвива тешко. „Нападот врз Полска во септември 1939 година навистина не зазема некое значајно место во германското колективно сеќавање, додека пак отпорот против бруталната германска окупација е во сржта на полскиот идентитет." Сѐ додека Германците не го разберат тоа, тешко ќе оди со помирувањето или европското единство.
Германецот се ангажира за нов споменик во Берлин. Полска со години бара место за споменување на полските жртви од германската окупација. Досега малку се случило. Не смеело да се мисли на жртвите во национални категории и не можеле сите групи на жртви да си добијат посебно место, беше досегашната аргументација на германска страна. Во пресрет на 80-годишнината од германската агресија сепак нешто се случува. 240 пратеници од сите партии застапени во Бундестагот, со исклучок на деснопопулистичката АфД, ја поддржуваат таквата иницијатива. Таков споменик можел да поттикне луѓето „повеќе да се занимаваат со маките на Полјаците за време на германската окупација", изјави неодамна претседателот на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле. Министерот за надворешни работи Хајко Мас исто така зазема јасен став за идејата со споменикот: „Тоа одамна беше потребно."
Тешка хипотека
По 1945 година Полска и Германија со години немаа никакви дипломатски релации. Дури по посетата на Вили Брант во 1970 година нештата се сменија. Но, патот кон нормализирање на односите беше долг и уште се оди. До 1990 година Германија во еден дел не ја признаваше границата кон Полска. Владата на Источна Германија ја прифати само под притисок на Москва и без општествена дебата. Пред германското обединување и под притисок на здружените сили Германија во рамки на 2 + 4 договорот конечно ја призна својата источна граница, што го отвори патот за добрососедски односи. 1990-те години важат за златни во билатералните односи. Контактите на сите нивоа се интензивираа. Германија го поддржа членството на Полска во ЕУ и НАТО.
Повеќе: На соседите им се потребни нови визионери
Нови недоразбирања
Но, релациите повторно се раштимани. Во Полска, на пример, воздржано се следи како Германија наново открива свои жртви на прогони. Полски историчари и политичари забележуваат дека не се посочувало оти тие прогони се последица на германската агресија.
Растечкиот десен популизам во Германија загрижува многу Полјаци. Претседателот на АфД, Александар Гауланд, зборува за националсоцијализмот како „птичји измет на историјата", додека лидерот на партијата во Тирингија, Бјорн Хеке, бара „политичка промена во сеќавањето за 180 степени".
Тоа шири недоверба. Згора на тоа има и разлики во ставовите на европско ниво, како на пример во однос на прашањето за бегалската политика или правната држава во Полска. Тоа влијае и на други сфери. Историчарот Мартин Ауст од Бон вели дека во политичките конфронтации треба да „сме свесни дека полското општество не треба да се поистоветува со полската влада".
Повеќе: Моја Европа: Во ЕУ нема репарации
Барањата за репарации ќе го зацврстат десниот популизам
Барањата за репарации се нов тест за билатералните релации. Владеачката ПИС во Полска го зборува она што поранешните полски влади веќе не сакаа да го тематизираат. „Повеќе од илјада полски села беа уништени од Германците", истакна неодамна во интервју полскиот премиер Матеуш Моравјецки. „Сумата што ја бараме сериозно ќе ја пресметаме", најави тој.
Владата уште нема доставено конкретни барања. Но, комисија работи веќе 2 години на пресметките. Наесен треба да биде претставен резултатот. Засега се зборува за околу 850 милијарди евра оштета. Полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович неодамна зборуваше за „нефер однос" и „дискриминација" на неговата земја од страна на Германија. Други земји добиле подобар третман во однос на нивните штети. За германската влада пак прашањето одамна е „правно и политички затворено". Истовремено, постојано се нагласува дека Германија има морална одговорност. Историчарот Мартин Ауст, при сето разбирање за полските чувства, смета дека политички не е мудро да се бараат репарации оти тоа би долеало „масло во огнот на популизмот" во Германија и би ги оптоварило односите.
Претстои тежок дијалог
Во Полска на нештата гледаат поинаку. „Нашите релации се толку добри, што може да издржат отворена и искрена дебата за тешки теми", вели Ришард Чарнецки, пратеник од редовите на ПИС во Европскиот парламент. Политичарот од германската влада очекува да не ја избегнува темата. „Токму тој одбивен став води кон тоа да го промашуваме дијалогот", смета тој и додава дека „е сигурен оти меѓу Германија и Полска треба да има преговори за репарации во некаква форма".
Лео Маусбах се сомнева дека таквите барања се вистинската форма за идниот дијалог. Младиот Германец бил изненаден кога темата одеднаш била отворена од политичарите. Но, „шокот беше кога сфатив дека моите полски пријатели, кои инаку немаат ништо заедничко со ставовите на полската влада, за тоа прашање делат исто мислење", вели Маусбах. Моментот колку е силно изразено чувството на сторена неправда и неразбраност кај Полјаците го натерало да се замисли околу тие прашања. Тој сепак смета дека дебата, па дури ни спор околу тоа прашање, не би ги оптоварило на значаен начин денешните билатерални односи.
Во таквата наелектризирана ситуација се одвива одбележувањето на почетокот на војната и германската агресија врз Полска. Тројца претседатели требаше да држат говор на официјалниот меморијален настан во Варшава, полскиот, германскиот – и Доналд Трамп. Американскиот претседател во меѓувреме го откажа патувањето поради ураганот „Доријан“. Наместо него во Полска доаѓа потпретседателот Мајк Пенс.