Американски сили во Полска: Дојдени за да останат
14 јануари 2017Во Полска викендов е вонреден празник: на плоштадот Пилсудски во Варшава, на плоштадот во Краков и во многу други градови ширум земјата се слави доаѓањето на американските сили. Свират воени оркестри, се разгледувата тенкови и друга воена опрема, се служи гулаш. Историски ден. Полјаците последен пат поздравиле странски сили пред повеќе од 200 години, кога во земјата влегле војниците на Наполеон.
Овојпат во Полска дојдоа Американците. Идејата наместо во Германија (каде денес има уште 36.000 војници), да се градат бази во Источна Европа, сѐ уште е предмет на дискусии. На Германија, по падот на железната завеса, веќе не ѝ беше потребна заштита, а и стационирањето беше скапо. Но, не се преземаше ништо. Сѐ до анексијата на Крим од страна на Русија, пролетта 2014 година. Тогаш полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски побара „две бригади“ за подобра заштита на Полска.
Протести од Москва
Сега доаѓа една бригада, околу 3500 војници од Колорадо. Освен тоа, и 87 тенкови и 400 хамви-џипови. Акцијата е под име „Атлантска решителност“. Војниците викендов ќе бидат свечено поздравени и во Жаган, на околу 100 километри оддалеченост од германската граница. Таму првично и ќе биде стациониран најголемиот дел од трупите. По девет месеци, по принцип на ротација, тие ќе бидат заменети со нови војници.
По распадот на Советскиот сојуз, НАТО ѝ вети на Москва дека нема трајно да стационира борбени сили источно од Германија, сѐ додека безбедносната состојба не се промени. Ротацијата со постојани вежби е трик: дозволува на лице место да се имаат војници и опрема, а притоа тоа да не е „трајно“. Москва сепак протестира против ваквите вежби. Но Русија од 2007 година наваму, постојано изведува маневри со десетици илјади војници на својата западна граница или во соседна Белорусија. Притоа се вежбаа и напади врз Варшава и Естонија.
Загрозеност на балтичките држави
Американската единица е американска вонредна услуга за сојузниците. Наскоро би требало да се реализира и заеднички НАТО-потфат. Во негови рамки, во членките на НАТО - Полска, Литванија, Летонија и Естонија треба да биде распореден мултинационален баталјон. Притоа, Германија (со 500 војници) ќе има раководна улога во Литванија. Во Естонија ќе раководат Британците, во Летонија - Канаѓаните, во Полска - Американците.
Заедничкиот НАТО-потфат ЕФП е најважната одлука на самитот на алијансата во Варшава, во јули 2016 година. Меѓутоа, по победата на Доналд Трамп, во регионот има загриженост дали новиот американски претседател ќе се држи до одлуките на својот претходник Обама. Или пак, во рамки на некаква „нова Јалта“, заедно со Москва ќе го подели светот во јасно дефинирани сфери на моќ.