Полска и Унгарија: ЕУ нѐ казнува и нѐ уценува
17 февруари 2022Ако владата на една земја за одредено прашање тужи и губи на суд, може да се очекува дека не е воодушевена и веројатно незадоволна, разбирливо. Но, отфрлена тужба од судот да се сфати како напад врз сопствената нација се чини малку претерано. Но, точно на таков начин реагираа претставниците на Унгарија и Полска откако Европскиот суд во средата (16.02.2022) ги отфрли тужбите од двете земји против механизмот за правна држава на ЕУ. Тој на Европската комисија ѝ овозможува да иницира финансиски санкции против земјите членки ако во области во кои течат европски средства, се повредуваат начелата на правната држава на Унијата.
Европскиот суд донел политичка пресуда, изјави унгарската министерка за правда, Јудит Варга во средата, по објавата на пресудата. Таа била „жив доказ дека Брисел ја злоупотребува својата моќ”. Во Полска колегата на Варгас, Збигњев Зиобро, рече дека ЕУ „економски ја уценува” Полска со механизмот. Брисел врши притисок да ја ограничи сувереноста на Полска, „на пример во делот на права и вредности”, оцени тој.
Не е изненадување
Владите на Полска и на Унгарија можеби и веќе очекуваа дека ќе им биде одбиена тужбата. Вештачење пред неколку недели покажало дека тужбата на двете земји не е основана. Европскиот суд претежно носи одлука во духот на таквите вештачења. Затоа изгледа никој во Будимпешта и Варшава не бил изненаден.
Унгарските владини претставници ја коментираат пресудата во духот на наративот што подолго преовладува во земјата, дека Брисел ја казнува Унгарија поради тоа што држи до своите вредности и принципи. Европскиот суд донел политичка пресуда заради Законот за заштита на децата, пиша министерката за правда, Јудит Варга, на Фејсбук и го повтори тоа подоцна и на пресконференција. „Бирократската елита" на ЕУ не можела „да ги прифати слободните одлуки и мислењето на Унгарија", рече Варга.
Посочувањето на заштитата на децата се однесува на закон донесен во 2021, кој забранува т.н. „ЛГБТ пропаганда” во образовни установи, медиуми и во јавноста, ако деца имаат пристап до нив. Затоа ЕК поведе постапка за повреда на Договорот за ЕУ, која пак нема никаква врска со сегашната пресуда на Европскиот суд.
„Шлаканица за Орбан"
Сепак, во соопштението на Фидес, партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, се вели дека пресудата е казна за обидот на Унгарија да ја „запре ЛГБТ пропагандата“.
„Затоа започнаа џихад за владеење на правото, затоа сакаат да ја жигосаат нашата земја, да ја осудат и ја казнат,“ се вели во соопштението.
Во меѓувреме интересно признание дојде од шефот на кабинет на Орбан, државниот министер Ѓергели Гулас. Тој на прес конференција рече дека Брисел е во право што го критикува високиот број на јавни тендери во Унгарија со по една понуда. Владата ќе преземе мерки по „ова прашање“ рече тој, без да прецизира какви.
Унгарската опозиција пак во пресудата на Европскиот суд на правдата гледа „голема шлаканица за Орбан“ како што изјавија неколку нејзини претставници. „Орбан е поразен, Унгарија победи,“ напиша во соопштението европратеникот Каталин Чех.
Спор во полската владина коалиција
Додека реакциите на одлуката на Европскиот суд на правдата во Унгарија влегуваат во жешката фаза на предизборната кампања во земјата, во Полска може да предизвикаат владина и коалициска криза. Владиниот портпарол Пјотр Мулер првично претпазливо советуваше да нема избрзани коментари. Образложението зад пресудата покажувало дека новите правила смее да се применуваат само во исклучителни и точно дефинирани случаи. Поради тоа немало ниту фактичка, ниту правна основа на Полска да ѝ се скратат финансиски средства, оцени тој.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја критикуваше пресудата на судот како „уште едно поглавје во книгата за проширување на надлежностите“ на Европската унија, која на тој начин навлегувала во доменот на земјите членки. Истовремено тој се обиде да го смири министерот за права и јавен обвинител, Збигњев Зиобро, кој го обвини Моравјецки за „историска грешка“ и остро го критикуваше фактот што шефот на полската влада пред две години во Брисел го одобри механизмот за владеење на правото на Унијата.
Во врска со ова Моравјецки рече дека би било фундаментална грешка доколку пресудата на Европскиот суд на правдата доведе до „спорови и недоразбирања во рамки на обединетата десница“. Аналитичарите коментираат за напад од Зиобро, кој е шеф на малата Партија на солидарна Полска (СП) врз премиерот Моравјецки. Се шпекулира дека соработката меѓу двата коалициски партнери е доведена во опасност.
Полскиот Уставен суд заседава на истата тема
Во меѓувреме, на денот кога Европскиот суд на правдата ја носеше одлуката, за истото прашање заседаваше и полскиот Уставен суд. И ова е на иницијатива на министерот за правда, Зиобро – нејасно е дали премиерот Моравјецки бил однапред информиран за ова. На барање на Зиобро, полскиот Уставен суд треба да преиспита дали механизмот за владеење на правото на ЕУ е во согласност со полскиот Устав.
„Ова е политичка игра и не е никаква случајност тоа што Уставниот суд на ист ден и во исто време заседава за исто прашање,“ вели за ДВ, Роберт Гржежак, адвокат и експерт по право од Универзитетот во Варшава. Тој нагласува дека полскиот Уставен суд воопшто нема надлежност да суди за механизмот за владеење на правото на ЕУ. На крајот на краиштата, неговата судска пракса или одлука нема никакво значење за европските институции.
„Тоа е исто како да пресудат дека месечината што свети на небото не е во согласност со полскиот устав,“ вели Гржежак.