Полска на пат да излезе од ЕУ?
8 октомври 2021Одлуката на Уставниот суд во Варшава се очекуваше од летото. И, се стравуваше од најлошото. Сепак, институциите на ЕУ и експертите за европско право се шокирани од одлуката со која полскиот Уставен суд вчера (7.10) ги прогласи законите на ЕУ за некомпатибилни со полскиот Устав.
ЕУ почива на заеднички правни основи
Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, оцени дека пресудата не може да остане без последици. „Предноста на правото на ЕУ мора да биде неспорна“, напиша тој. Оној кој го прекршува тоа, ги загрозува тремелните принципи на ЕУ. „Ја повикуваме Европската комисија да ги преземе неопходните чекори.“
Европската комисија, која како чувар на европските договори сега е на потег, соопшти дека одлуката на судиите предизвикува сериозни сомнежи во врска со предноста на ЕУ-правото во Полска и авторитетот на Европскиот суд. ЕК уште еднаш повтори дека пресудите на Европскиот суд се обврзувачки за сите земји членки на ЕУ, вклучително и нивните национални судови. Комисијата сака да ја проанализира пресудата и „нема да се колеба да ги употреби можностите кои произлегуваат од ЕУ-договорите“, нагласи надлежниот еврокомесар Дидие Рејндерс. Се чини дека ова е јасно укажување оти со години одолговлекуваната постапка според членот 7 од ЕУ-договорите сега ќе биде забрзана. Со неа се утврдува тешко прекршување на владеењето на правото, што може да води кон одземање на правото на глас на земјата членка.
Досега, ЕК и Советот на ЕУ, сакаат да избегнат политички „шоудаун“ со Полска. Тоа, по одлуката од Варшава, би можело да се промени, зашто во Брисел на тоа се гледа како на еден вид објава на војна. „ЕУ е заедница на вредности и на право кои мора да бидат признати во сите земји членки“, додава Комисијата во својата реакција.
Повеќе:Договор во ЕУ: Владеење на правото, па потоа европски милијарди
„Што е доста, доста е!“
Тешко е да се поверува во она што го тврди владата на ПиС во Полска - дека не сака излез од ЕУ. Таа делува спротивно на тоа. „Што е доста, доста е!“, напиша гласноговорникот на Европската народна партија во Законодавно-правната комисија на Европскиот парламент, Јерун Ленарс. Пресудата е напад против целата ЕУ, владата во Варшава ја загуби својата веродостојност, смета тој.
„Со тоа што ЕУ-договорите ги прогласи за некомпатибилни со полското право, нелегитимниот Уставен суд ја води земјата на пат кон Полегзит.“ Трибуналот во Варшава не е признат како легитимен од страна на ЕУ-институциите, поради тоа што владата го пополни со судии кои ѝ одговараат. Законот за избор на судии во Полска е веќе прогласен за противправен со цела низа пресуди на Европскиот суд.
Според Ленарс, ЕК мора да ги употреби сите инструменти за да не им се дава поддршка на „автократите во Варшава“. Влијателната пратеничка група на Европската народна партија притоа укажува на можноста од замрзнување на ЕУ-парите за Полска.
Повеќе: ЕУ и владеење на правото - доцно будење
„За Полска има две можности“
„Се остварува црното сценарио во Полска“, изјави пратеничката група на Социјалистите. Комисијата сега, како што се вели, би морала да го покрене механизмот за владеење на правото и да почне постапка за повреда на договорите.
Пратеничката Катарина Барли додава дека полската влада темелно ја подготвувала оваа пресуда со својата спорна правосудна реформа. Таа бара консеквенции, исто како и нејзиниот колега од пратеничката група, Јенс Гајер: „Ако ЕУ не биде правна заедница, таа ќе се растури. За Полска сега има две можности: да го доведе полскиот Устав во согласност со европското право, или Полска мора да ја напушти ЕУ.“
Повеќе: Полска, Унгарија и Чешка го кршат правото на ЕУ
„Да не се гледа немо“
Особено се лути Зелените во Европскиот парламент, кои со години го критикуваат оддалечувањето на Полска од европските закони. „Владите на ЕУ не смеат веќе немо да гледаат како полската влада се обидува да ги преиначи правилата на демократијата“, изјави Тери Рајнтке. Според неа, постапката согласно членот 7 треба да продолжи.
Заменикот претседател на Законодавно-правната комисија, Сергеј Лагодински, коментира: „Одлуката од Варшава е во прв ред шлаканица за полските граѓани.“ Тие со тоа би ја загубиле заштитата која им ја дава европското право, коментира тој и бара ЕК конечно да ги употреби сите средства.
Пратеникот на Зелените, Даниел Фројнд, пак, соопшти: „Шокантно! Полска се збогува од европското право. Тоа не може да остане без финансиски последици. Пари од ЕУ може да се даваат само онаму каде што има ЕУ-правила.“
Пресудата е револуција и проглас за излез од ЕУ
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки повеќепати демантираше дека неговата влада ја води Полска надвор од ЕУ. Меѓутоа, правни експерти се уверени дека пресудата би можела навистина да се смета за еден вид проглас за излез од ЕУ. Со тоа што Уставниот суд смета дека предноста на ЕУ-правото согласно европските договори не е компатибилно со полскиот Устав, „тоа би можело да се смета за изјава согласно членот 50 (излез од ЕУ). Или ќе си заминат, или ќе го променат полскиот Устав“, напиша експертот за европско право, професор Франц Ц. Мајер.
Сличен е ставот и на професор Лаурент Пех: „Тоа е Полегзит од правниот поредок на ЕУ (како и крај на довербата во европскиот правен простор што се однесува до Полска).“ Професорот Рене Репаси во врска со пресудата од Варшава оцени дека се работи за „правна револуција“: „Ниту еден национален суд, па ни германскиот Уставен суд, нема право да ги прогласи ЕУ-договорите за ultra vires (вон надлежност).“ Овој експерт по уставно право вели дека правно погледнато ова е најголемиот чекор кон правно излегување од ЕУ што досега го презел некој национален суд.