1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полската демократија е во опасност

Розалија Романиец
4 ноември 2016

Варшава останува на конфронтирачки курс во спорот околу реформата на Уставниот суд.

https://p.dw.com/p/2S6ge
Andrzej Rzeplinski Präsident Verfassungsgericht in Polen
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Guz

Го нарекуваат „предавник“ и „терорист“, му испраќаат заканувачки писма и бараат: „Жеплински зад решетки!“ За симпатизерите на владејачката партија Право и правда, раководителот на Уставниот суд на Полска е државен непријател. Но, тој не сака да потклекне пред националистите, не се плаши од закани. „Судија кој се плаши веќе не е судија“, вели тој во разговор за Дојче веле. „Стравот предизвикува подложност на влијанија и оној кој се плаши не е веќе ништо освен државен чиновник кој сака да му се допадне на својот шеф.“ А Жеплински не сака да влезе како таков во историјата.

Во анкетите на јавното мислење околу тоа кому му веруваат Полјаците, Анджеј Жеплински се наоѓа на четврто место. Без оглед на заканите, тој до работа демонстративно патува со јавен сообраќај или со велосипед. Тој ионака нема телохранител. Само кога во земјата доаѓаат странски гости со лично обезбедување, владата му доделува на Жеплински телохранител.

За многумина во Полска судијата е симбол, бастион во борбата за правна држава. Нејзината загрозеност во моментов пак се должи на сфаќањето за демократијата кај владејачката партија, смета Жеплински. Партијата право и правда, ПиС, својот изборен мандат го поистоветува со бланко-чек, верувајќи дека поради добиеното мнозинство може да ја врши власта онака како сака, без контрола. „Притоа токму судиите се тие кои делат правда вистински во името на народот“, вели тој.

Жеплински го навлече гневот на владата на почетокот на 2016. година со прогласувањето на судската реформа за неуставна. Таа би ја ограничила независноста на Уставниот суд, пресуди највисокиот суд. Владата ги игнорираше пресудите, што предизвика парализа на правосудството.

Веќе цела година тоа предизвикува протести на илјадници луѓе по улиците, на демонстрации за независност на Уставниот суд, досега ги имаше до еден милион. И меѓународните институции застанаа во одбрана на полскиот Уставен суд: Венецијанската комисија на Советот на Европа ја предупреди владата да го промени законот, Европската комисија се заканува со санкции. Неодамна дури и судиите од далечната Австралија објавија невообичаено остра декларација, критикувајќи го односот на полската влада кон судиите.

Polen Proteste in Warschau
Илјадници Полјаци протестираат против реформата на Уставниот судФотографија: Reuters/K. Pempel

Игра на време

Толкавата поддршка за Жеплински на владата ѝ е трн в око. Нејзините политичари постојано се обидуваат да го оцрнат имиџот на судијата. „Овој човек одамна решил во иднина да биде политичар и сега ја користи својата последна година на функцијата за подготовка на својата политичка кариера“, тврди Ричард Чарнецки, пратеник од ПиС и вицепретседател на Европскиот парламент.

Мандатот на Жеплински фактички завршува во средината на декември. „Потоа повторно ќе им предавам на идните правници на универзитет“, вели тој во врска со своите идни планови, додека од прозорецот на својата канцеларија гледа на владиното седиште. Таму веќе одамна се размислува околу наследникот на Жеплински.

Следниот претседател на Уставниот суд според сѐ нема да биде кочничар, туку ќе потекнува од редовите на судиите кои се пријателски настроени кон ПиС. Потоа Варшава може да спроведе неколку барани подобрувања во законот за Уставниот суд и да се прави дека конечно го решила проблемот. Зошто тогаш ЕК би се заканувала со санкции? Дека Варшава игра на време повторно стана јасно на 27 октомври, кога уште еднаш го пропушти дадениот рок од ЕК. Брисел не треба да се „меша во внатрешните работи на Полска“, се вели во Варшава. 

Andrzej Rzeplinski Polen Verfassungsgericht
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.Guz

Европа во безизлезна ситуација

Европа меѓутоа не смее сега да попушти, смета Жеплински. „Европските функционери, како Франс Тимерманс, заменикот претседател на ЕК, не се наивни и нема да го прифатат ова“, убеден е судијата. Но, маневарскиот простор на Брисел не е голем. Ако Комисијата сака да воведе санкции против Полска, согласност треба да дадат сите во ЕУ. Доколку само една земја вложи вето, што Унгарија наверојатно би го направила, ЕК би се покажала во улога на беззаб тигар. Санкции против земја-членка би значеле и оштетување на надворешнополитичкиот имиџ. 

Токму тука шпекулираатполитичарите од ПиС. „Спорот наскоро ќе се реши. Европа денес има многу поважни проблеми, на пример бегалската криза и борбата против теророт“, истакнува европратеникот  Ричард Чарнецки. „За мене како европски граѓанин тоа е катастрофа“, контрира пак Жеплински. „Тоа ќе значи дека европските норми во Полска им отстапуваат простор на далечноисточните стандарди и не важат во полските граници.“

Затишје пред бура

Уставниот судија за шест недели ќе ја напушти фотелјата. Дотогаш мора да издржи голем притисок. „Се надевам дека денот кога ќе заминам ќе биде убав, студен зимски ден“, вели тој при поминувањето низ ходниците и салите во Уставниот суд, во еден есенски ден. Звучи како да сака моментот на заминување да го одложи што подалеку во иднината.

Дали Жеплински навистина ќе води мирен живот како професор на Варшавскиот универзитет, не е јасно. Во моментов се водат две истраги против него. Едно обвинителство ја проверува неговата кривична одговорност поради донесени одлуки. Уставниот судија може скоро да се најде на обвинителна клупа. Најдоцна тогаш Европската комисија ќе мора да покаже колку сериозно инсистира на демократијата во Европа.