1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полската загатка

Јан Палокат
24 јули 2017

Со најавената правосудна реформа во Полска практично се укинува правната држава. Зошто земјата на „Солидарност“ практично се претвора во нова диктатура?

https://p.dw.com/p/2h2L2
Polen Protest gegen Justizreform in Warschau
Фотографија: Reuters/Agencja Gazeta/K. Atys

Доналд Трамп како да беше изнервиран неколку секунди. Американскиот претседател за време на својот говор во Варшава, проследен со овации, го пофали присутниот Лех Валенса, по што се слушна гласно негодување од редовите на припадниците на партијата ПиС. Поранешниот претседател на Полска, Валенса, е веројатно единствениот Полјак познат ширум светот, симбол на пркосната полска свест која Трамп ја фалеше во својот говор. На Трамп очигледно никој не му објаснил како овој човек можеше да стане омразена фигура за полските десничари? Претседателот на САД застана за момент и како да сакаше да каже нешто, но потоа продолжи со пофалбите за полскиот дух на отпорот.

Каде е тој отпор денес, се прашуваат оние кои малку подобро ја знаат Полска. Зошто, земјата на синдикатот „Солидарност“, која пред четврт век придонесе за распад на Источниот блок, речиси без отпор се потчини на ново еднопартиско владеење? Точно е дека во Варшава, Познањ и други места, повторно секојдневно се демонстрира, но зошто дури за последната седница на Сејмот пред летната пауза? Зошто дури кога стана пет до дванаесет?

Ако ги прашате оние кои не протестираат, ќе добиете цел спектар одговори, кои сепак личат еден на друг. Лекарката Дорота од Катовице гледа дека нејзината земја е во опасност, но не протестира. „Тоа не  носи ништо“, вели, одмавнувајќи со раката. „Освен тоа, се плашам дека ќе се најдам на некој список и потоа ќе имам проблеми на работното место.“

Polen Parlament in Warschau, Debatte Justizreform
Во рацете на ПиС: Парламентот во Варшава го донесе законот за правосудна реформаФотографија: Reuters/Agencja Gazeta/S. Kaminski

Воопшто, бројот на луѓето кои стравуваат од последици, казни и или некој друг вид последици, се зголемува. „Ние одгледуваме туѓо дете и мора да се држиме до законите. Во спротивно, ќе ни го одземат детето“, вели преведувачката Магдалена.

Лутината има многу извори

Но, во Полска има пред сѐ онакви кои сосема ѝ го завртеле грбот на политиката, медиумите и јавната дискусија. Сезонскиот работник Марек вели дека загубил секаква доверба во медиумите, кои, како што вели, следат само сопствени интереси. „Сето тоа е само големо шоу“, вели тој. Во дебатата за правосудството тој не ѝ верува на ниедна од страните.

Во Полска владее општа заситеност од политиката. Тоа го чувствува и Марчелина Завиша, лидерка на младата левичарска партија Разем (Заедно), партија настаната од невладини организации. Разем сака да ги разбие забетонираните политички блокови. „Дваесет и пет години чекаме проблемите конечно да се решат“, вели Завиша. Разем поддржува проекти за кои смета дека се исправни, но партијата не може да освои цензус од 5 проценти гласови. „Тешко е да се добие доверба“, признава Завиша. Довербата во политиката во Полска, според нејзини зборови, е рамна на нула.

Polen Protest gegen Justizreform in Warschau
Протести против правосудната реформа: премалку и предоцна?Фотографија: Reuters/Agencja Gazeta/A. Grzybowska

Ни правосудството не успеа да ја врати довербата по падот на железната завеса. Нема големи пресуди, маркантни сигнали за политичарите, сигнали од кои јасно би се видело дека правосудството има своја самодоверба. Некои би сакале да чујат и некоја остра пресуда за некој од бившите комунистички функционери. Тоа што земјата, како што тврди ПиС, е сѐ уште во раце на посткомунистички структури, според преведувачката Магдалена не е главен проблем: „Проблем се лошите искуства со правосудството, дури и оние малите.“ Судските постапки траат бесконечно долго, однесувањето на службениците е арогантно. Магдалена вели дека познава многумина кои имале слични искуства како неа. „Луѓето се навистина бесни.“

Десет, можеби и 20 проценти од полските граѓани генерално ги демонизираат судиите и се радуваат што „на тие таму горе конечно им е покажано каде им е местото“. Таквите граѓани се погласни од останатите и тие се - верни. ПиС има многу верни следбеници, оценува варшавскиот политиколог Јацек Кухарчик, додавајќи дека различните опозициски групи мора да се борат за сопствената кредибилност. „На последните избори за ПиС гласаа 18,6% избирачи“, потсетува Кухарчик. „Но тоа беше доволно, затоа што мнозинството умерени избирачи беа демобилизирани.“

Jaroslaw Kaczynski
Ни оддалеку не веруваат сите во зборовите на Качински, но само малкумина се сериозно против неговата политикаФотографија: imago/Eastnews

Повторното откривање на „малиот човек“

Партиите како ПиС го обединија тој протест и го поттикнуваат. Качински придоби и многу избирачи на левичарските партии, затоа што вети дека неговата партија ќе ги чува интересите на „малите луѓе“. А, тоа им се допаѓа на луѓе како што е пензионерот Лудвик, кој вели дека имал дистанциран однос кон сите партии, а потоа дошла ПиС: „Луѓето сакаат нешто да се промени. Да не ни се вели дека сме луѓе од втора категорија. Секој човек сака да биде уважен.“ Затоа, вели Лудвик, тој е задоволен од најновиот развој на настаните. Тој тврди дека исто размислуваат сите од неговото опкружување. Дебатата за правната држава и судовите не го интересира никого во неговото место. „Сето тоа се само лаги, од вас, од новинарите“, убеден е пензионерот.

Ниту оддалеку сите Полјаци не веруваат во зборовите на Качински дека навистина во преден план му е „малиот човек“. Но, само малкумина се сериозно против неговата политика. Со најновите протести можеби сепак е достигната критичната маса. Можеби сѐ повеќе луѓе сфаќаат што е ставено на коцка во земјата.