Попишани над половина милион граѓани
14 септември 2021Над половина милион граѓани се попишале досега, додека мала е бројката на оние коишто одбиваат да учествуваат во процесот. „Пописот се одвива со посакуваниот интензитет, нормално, без никакви застои и без никакви проблеми“, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.
По неколкудневните застои, според него, проблемите се надминати и пописот непречено се одвива. „Еве веќе три дена по ред без никакви проблеми се спроведува попишувањето и интензитетот е исклучително задоволувачки“, вели Симовски. Попишувачите им даваат втора шанса на оние коишто не сакаат да се вклучат во статистичката операција. Со нив се разговара и попишувачките тимови ги убедуваат дека треба да се попишат.
„Сè уште не применуваме никакви санкции и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме да ги убедиме тие луѓе дека онаа пропаганда што е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации и целта е сосема друга, а не она што сакаме да го постигнеме“, вели Симовски.
За некој да биде попишан потребно е да поседува валиден личен документ. Таму каде што недостига некој член од домаќинството, вели Симовски, попишувачите договараат термин кога тоа лице ќе биде присутно за повторно да отидат и да го попишат.
Во текот на вчерашниот ден се попишани 93 235 лица, 29 491 домаќинство и 40 155 станови. Од почетокот на пописот на 5 септември, досега се попишани 512 457 граѓани, 158 519 домаќинства и 212 464 станови.
„Масовниот одзив покажува за свесноста и за одговорноста на секој од нас да придонесе во собирањето податоци важни за креирање на заедничката иднина. Врз основа на собраните податоци ќе се прават анализи, ќе се носат одлуки и прецизно ќе се планира развојот на земјата“, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски.