1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораст на расизмот во Германија

Ралф Бозен
9 јуни 2020

Во Германија расте дискриминацијата на граѓани врз основа на нивно етничко потекло. Тоа произлегува од годишниот извештај на Службата за антидискриминација, кој предупредува на сериозни последици за општествениот соживот

https://p.dw.com/p/3dUHR
Deutschland Berlin | Polizeigewalt | Proteste gegen Rassismus
Фотографија: Reuters/C. Mang

По насилната смрт на Џорџ Флојд, не престануваат протестите во САД. Деветминутната борба на Американецот со африканско потекло за голиот живот поттикна и многу граѓани на Германија да излезат на протести. Во изминатиот викенд десетици илјади граѓани демонстрираа против расизам низ целата земја, посебно во Берлин, Минхен, Лајпциг, Келн.

Но, на протестите не беше тематизирана само смртта на Џорџ Флојд, туку и расизмот во Германија. Секојдневниот расизам, нетрпеливост кон странците и напади со радикално десничарска заднина и тука се секојдневие.

Речиси 1.200 пријави против расизам

Новите статистики го документираат овој тренд. Дискриминацијата врз основа на раса или етничка припадност е во осетен пораст. Според годишниот извештај на Сојузната служба за антидискриминација (АДС) за 2019 година, бројот на пријавени случаи е зголемен во претходната година за десет проценти, на 1.176. Од 2015 година бројот на нови пријави е повеќе од удвоен, произлегува од податоците на АДС, која од 2006 година има советодавна улога во однос на лицата кои се чувствуваат дискриминирани поради бојата на својата кожа, потеклото, верата, погледите на свет или половиот идентитет.

Повеќе:

„The Talk“ - подготовка на децата за соочување со расизмот

Политичко убиство кое ја потресе Германија

Висок степен на исламофобија во Германија

Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот

„Германија има траен проблем со расистичката дискриминација и едноставно не им помага доволно на погодените од овој феномен", изјави раководителот на АДС, Бернхард Франке при претставувањето на изештајот. Тој нагласи дека чувството на загрозените дека се препуштени со проблемот сами на себе има „долгорочни последици за општествената кохезија."

Болни траги

Франке истакна дека 2019 беше година во која „омразата и непријателството кон одредени групи граѓани оставија длабоки и болни траги", почнувајќи од убиството на демохристијанскиот политичар Валтер Либке, кој се залагаше за бегалците, преку нападот врз синагогата во Хале, па до многу секојдневни случаи на расистичка дискриминација.

Како изгледаат конкретно пријавите за дискриминација? Еве неколку примери:

Муштерија се јавила во фризерски салон и прашала: „Каде е мојата црнчуга? Најмногу сакам кога тој ми ја масира главата". Една мајка сведочи за претепување на нејзиниот син со потемна боја на кожата во училиште, при што учителката само посматрала без да реагира. Една инженерка од Сирија од колегите на нејзиното ново работно место била прашана дали е вработена за да вари кафе.

Deutschland Black Live Matter Proteste in München
Околу 25.000 луѓе во Минхен на 6 јуни протестираа против расизамФотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Babbar

Врв на ледениот брег

Извештајот го содржи чувството на многумина погодени дека ситуацијата со години не се подобрува, дека нападите и убиствата со радикално-десничарска заднина секогаш одново го потресуваат општеството и стравовите и дискриминирачките искуства на граѓаните со миграциско потекло не се сфаќаат сериозно.

Нападите и убиствата притоа се само врв на ледениот брег, како што се наведува во извештајот: „Секојдневниот расизам почнува со огласите за станови во кои отворено се вели дека не се примаат странци, забрана за влез во дискотеки зашто ‘луѓе како тебе создаваат неволји', или изјава на шефот дека колегата кој раскажал расистички виц, ’сигурно не го мислел тоа’.“

Во 2019 година секое трето лице изјавило дека во последните десет години искусило дискриминација при барањето стан. Истовремено, 41 процент од испитаниците во анкета изјавиле дека би имале проблеми или големи проблеми да издадат стан на лице со странско потекло.

Анонимни пријави за вработување

Општиот закон за еднаков третман забранува дискриминација, но правната заштита често е отежната од бројни исклучоци во законот. Едно правно вештачење покажува и дека недоволно се применуваат антирасистичките смерници на ЕУ во германското секојдневие.

Сојузната служба за антидискриминација од законодавецот очекува подобрување на помошта на лицата погодени од дискриминација, како и на правната заштита доколку дискриминацијата произлегува од системот.

Политиката очигледно е свесна за овие недостатоци. Така, претседателката на владејачката ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер за Дојче веле истакнува дека за овие аспекти на омраза кон странците и расизам редовно се дискутира во посебен владин одбор. Притоа се размислува околу анонимно конкурирање за стан или работа.

Во таа насока се веќе покренати некои законски промени. Така, во Берлин неодамна стапи во сила антидискриминирачки закон кој овозможува полесно поднесување тужби и пријави во случај на дискриминација, а законот предвидува и отштета.

Дискриминација од сите аспекти

Сојузната служба за антидискриминација лани реагирала на вкупно 3.580 случаи на дискриминација. Покрај тужби врз основа на потеклото, 29 проценти од пријавите се однесуваат на полова дискриминација, по што следи дискриминација поради телесни недостатоци (26 %), старост (12%), религија (7%), полов идентитет (4%) и светоглед (2%). Најголем број случаи на дискриминација се забележани кај барањето работа. Но, тука се и други ситуации, како барање стан, при купување или во угостителски објекти, како и при работа со банки или осигурувања.