1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порешително против Боко Харам

А.Криш/ Ј.Шолц/ Е.М.Фиданоска27 октомври 2014

Германија има намера посилно да се ангажира за жртвите на Боко Харам. Тоа министерот Штајнмајер го стави јасно до знаење за време на посетата на Нигерија. Сепак, тој не верува во брзо завршување на конфликтот.

https://p.dw.com/p/1DclK
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bernd von Jutrczenka

Нејзиниот сопруг е мртов, две од седумте деца се исчезнати. Таа лично се засолнила во камп за бегалци во близина на градот Јола, на североистокот на Нигерија. Кога Ханату Маракус раскажува за она што го преживеала во текот на изминатите недели, на лицето и‘ се чита страв. Таа доаѓа од Гвоуза, регион кој повеќе месеци е во рацете на терористите на Боко Харам. „Дојдоа и го опколија целото подрачје“, се сеќава Ханату Маракус. „Мојот сопруг беше всушност засолнет, но потоа се врати уште еднаш за да види како сме ние. Тогаш го убија.“

Конфузија околу прекинот на огнот

Исламистичката терористичка организација Боко Харам на североистокот на земјата води крвава војна против владата на Нигерија. Само годинава во борбите загинаа повеќе од 2.500 лица, главно цивили како сопругот на Ханату Маракус. Пред речиси две недели се појави зрак на надеж. Алекс Бадех, шеф на Генералштабот на нигериската армија, најави прекин на огнот со исламистите. Но тоа траеше кратко. Само еден ден потоа Боко Харам изврши нови напади во кои загинаа повеќе луѓе. Во напад на, како што се претпоставува, борци на Боко Харам врз село во сојузната нигериска држава Борно, минатата недела биле грабнати група млади.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер при заедничката посета на Нигерија со францускиот колега Лорен Фабиус (на насловната фотографија), стави јасно до знаење дека Германија има намера да и‘ пружи поголема поддршка на Нигерија. „Итно ќе понудиме програми за помош на трауматизираните жртви на Боко Харам. Во тоа Германија и Франција можат да се ангажираат заеднички“, рече Штајнмајер. Освен тоа во Нигерија двајцата министри воделе и разговори за пружање поддршка во обуката на полицијата и во делот на менаџирањето на границите, со оглед на тоа што голем број борци на Боко Харам по нападите се повлекуваат од Нигерија во соседните држави како Камерун.

Frank-Walter Steinmeier in Nigeria 27.10.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bernd von Jutrczenka

Штајнмајер изјави и дека при разговорите со нигериските претставници, луѓе од политиката и цивилното општество, станало јасно колку е тешко да се постигне прекин на огнот со Боко Харам до кој таа организација ќе се држи. „Очигледно има групации кои се конкуренти во рамки на организацијата и луѓе кои сакаат да извлечат полза од дадената ситуација“, рече Штајнмајер. Затоа би требало во преговорите за мир да бидат вклучени уште релевантни групи од организационата структура на Боко Харам.

Штајнмајер и Фабиус првпат патуваат заедно во тој дел на Африка и имаат намера со тоа да ја подвлечат соработката на Франција и Германија. Франција со месеци се обидува да постигне подобрување на безбедносната ситуација во регионот. Во мај францускиот претседател Франсоа Оланд го повика нигерискиот колега по функција Гудлак Џонатан и други премиери од регионот на кризен самит во Париз. Таму, меѓу другото, беше договорен „Акционен план“ против исламистите, но оттогаш не се случи многу.