1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порошенко зборува за војна

ЕМД/ард/дв28 мај 2014

Во источниот дел на Украина, според оценките на новиот украински претседател Петро Порошенко, владее војна. „Крим е заземен од Русија и владее голема нестабилност. На истокот владее воена состојба“ оцени Порошенко.

https://p.dw.com/p/1C8Ez
Фотографија: ODD ANDERSEN/AFP/Getty Images

Новиот украински претседател во интервју за германскиот весник „Билд“ оценува дека „мора да се реагира“ и дека „антитерористичката операција конечно почнала вистински“. Петро Порошенко нагласува дека негова прва задача е да ја спаси Украина. Целта на акцијата на украинските сили на истокот на земјата, вели тој, е да се уапсат лидерите на сепаратистите кои треба да бидат изведени пред суд, но јасно е и дека „кога тешко вооружени борци пукаат врз нашите војници, тогаш нашата војска мора да се брани“.

„Веќе нема да дозволиме киднапирање и убивање луѓе, окупирање згради и ставање на законите вон сила. Ќе му ставиме крај на овој ужас“, вели претседателот на Украина и најавува дека армијата ќе добие подобра опрема и вооружување.

Нема трага од набљудувачите на ОБСЕ

Од набљудувачите на ОБСЕ, кои најверојатно се во рацете на сепаратистите, се‘ уште нема никава трага. „Не знаеме каде се, но според сите претпоставки, тие се во рацете на некои бунтовнички, сепаратистички групи“, изјави германскиот дипломат Волфганг Ишингер за телевизиите АРД и ЗДФ.

Ukraine-Krise Kämpfe in Donezk 27.05.204
Состојбата во Доњецк се влоши многу во последните 24 часа, па репортерите на АРД и ЗДФ се повлечени од ДоњецкФотографија: Reuters

Милитантните проруски сили во Доњецк, според сопствени наводи, немаат исто така контакт со исчезнатите набљудувачи на ОБСЕ. Претставници на самопрогласената „Народна Република Доњецк“ ги отфрлија обвинувањата дека ги имаат заробено набљудувачите. Медиумите јавуваат дека покрај набљудувачите од Швајцарија, Данска, Естонија и Турција, со кои контактот е загубен завчера (26.05), во меѓувреме од страна на сепаратистите во регионот на Доњецк е грабнат и свештеник од Полска. Полската агенција ПАП, повикувајќи се на црковни извори во Харков, јави дека свештеникот најверојатно е заробен во објектот на службата за безбедност на самопрогласената „Народна Република Доњецк“.

Поради небезбедната ситуација, германските телевизии АРД и ЗДФ засега ги повлекоа своите репортери од Доњецк. Според германското Министерство за надворешни работи, претставниците на медиумите се особено во опасност да бидат заробени од страна на сепаратистичките сили.