Посета кај соседи: Ердоган во Атина
7 декември 2017Ердоган последен пат во Грција беше во 2010-та година, тогаш уште како премиер. Сега дојде повторно - во прва посета на турски претседател во соседната земја по 65 години. Оваа околност раѓа големи очекувања - но, очекувањата на локално ниво се скромни, смета Константинос Филис, директор на програмата за истражувања Атинскиот институт за меѓународни односи.
„Економските и безбедносните прашања се во фокусот на оваа посета. Спорните теми изгледа ќе бидат заобиколени", вели политикологот за ДВ.
На пример Кипар: во ноември 2016-та не успеаја разговорите под покровителство на ООН за обединување на островот; грчките и турските Кипарци меѓусебно си ја префрлаат вината за ова. Повторно отпочнување на разговорите за сега нема во најава, особено што Република Кипар следната година избира нов претседател.
Дотолку поскоро Грција и Турција сакаат да се погрижат за подобрување на економските релации, смета Филис. Туризмот од Турција во насока на Грција и сега веќе е на завидно ниво. „Сега се разговара за железничка врска од Истанбул до Солун и траект од Измир до Солун", вели атинскиот аналитичар.
И новинарот од Истанбул и политиколог Николаос Стелијас гледа голем потенцијал во билатералната соработка. Посетата на Ердоган била нужна за двете страни, вели Стелијас за ДВ. Грција има проблеми со економската криза и со мерките за штедење и покрај тоа бара нови полиња за делување на надворешнополитичко поле: „Во обостран интерес е Грција и Турција да најдат повеќе заеднички јазик".
Предмет на тензии: бегалската политика
Ердоган со неговите грчки домаќини ќе разговара и за бегалците кои доаѓаат преку Турција кон Европа. Официјална Атина е задоволна со договорот постигнат со Турција во март 2016-та година. Во него се предвидува Турција да ги прими назад сите бегалци кои од нејзина територија илегално дошле до источните егејски острови. Од грчка гледна точка договорот функционира бидејќи од 2016-та бројот на новодојдени бегалци е значително помал. Нерасположение предизвикува фактот дека Турција досега само 1400 луѓе сакала или можела да ги прими назад.
Со внимание се следи и тенденцијата на благо растечкиот број на бегалци во изминатите месеци. Но, не треба да се оди до таму да се тврди дека зделката со Турција веќе не функционира, вели Филис. „1500 или 2000 новодојдени месечно - овие бројки навистина се регистрирани минатото лето и покажуваат значителен пораст. Ама не смее да се заборави и дека во летото 2015-та секој месец доаѓаа стотици илјади луѓе преку Турција на грчките острови, што беше сосем друга димензија", смета аналитичарот.
Во секој случај Атина притиска да се почитува договорот меѓу ЕУ и Турција. Сѐ друго би било „повторување на драматичното лето од 2015-та", пишува најтиражниот атински весник Та Неа по повод посетата на Ердоган. Политичкиот експерт не верува дека Турција ќе ги реализира заканите и дека ќе го раскине договорот за бегалците со Европа. Но, тој смета дека Турција ќе побара противуслуга од Грција: „исто како што ги затвори границите за трговијата со луѓе очигледно сега бара Грција да ги затвори границите за Турци кои по пропаднатиот пуч минатото лето сакаат да пребегаат во соседната земја и да бараат азил", смета Филис.
Комплицирани релации со ЕУ
По Полска, Грција е само втората земја членка на ЕУ која Ердоган ја посетува по пропаднатиот обид за пуч. Политикологот Филис посочува дека домаќините ќе се најдат во незавидна положба доколку Ердоган ја искористи Атина за од таму да одржи огнен говор против Европа. Но, тој смета дека турскиот претседател не сака навистина да си ја затвори вратата кон Европа. Грчко-турскиот новинар Николаос Стелијас потсетува дека Грција од деведесеттите години на минатиот век експлицитно го заговара зачленувањето на Турција во ЕУ, и покрај проблемите во билатералните односи. Сепак, за текот на преговорите не одлучува Атина.
Филис смета дека е малку веројатно оти Ердоган ќе ги замоли грчките домаќини да посредуваат во Брисел: „И покрај вербалните испади и кавгите Ердоган сѐ уште е во состојба да разговара и самиот со сите претседатели и премиери, тешко дека му е потребен посредник или некој да му гради мостови кон нив", вели политикологот.