1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Последниот доказ во случајот Скрипал

Инго Мантојфел
28 септември 2018

Британско-руски истражувачки тим презентираше нови резултати од истражувањето за труењето на Сергеј Скрипал. Тоа се пресилни докази за вмешаност на Кремљ во нападот, смета Инго Мантојфел

https://p.dw.com/p/35bvv
Bild Überwachungskamera
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/AP/Metropolitan Police

Русинот „Руслан Боширов“ осомничен од страна на Лондон дека е сторител на нападот со отров всушност се вика Анатолиј Чепига. Ова тврдење, објавено од британско-рускиот истражувачки тим Белингкет/Инсајдер ( Bellingcat / The Insider) и поткрепено со детални докази може да изгледа само како мало делче од сложувалката во случајот Скрипал. Но, тоа е многу повеќе: тоа е одлучувачки доказ кој досега далеку над конкретниот напад на Солсбери, бидејќи конечно ја разоткрива екстремната агресивност на руската надворешна политика оркестрирана од претседателот Путин.

Несомнена вмешаност на руската воена тајна служба

И покрај сите досегашни обиди за прикривање и заобиколување на Кремљ, повеќе не може да има сомнеж: труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери и трагичната смрт на Британецот Дон Старџис три месеци подоцна беше напад со нервен отров извршен од страна на руската воена разузнавачка служба на англиска почва. Освен тоа, знаејќи го рускиот систем на моќ, незамисливо е ваквиот агресивен чин да се случи без изрична согласност на рускиот претседател.

Повеќе на темата:

-Русин осомничен за шпионажа уапсен во Норвешка

-Потерница по двајца Руси за труењето на Скрипал

-Почина Британката затруена со новичок

По атентатот врз Скрипал и неговата ќерка во март годинава со нервниот отров Новичок, руското раководство се обиде да го негира и да прикрие авторството на злосторството. Лондон, од друга страна, претстави многу убедливи индикации за вмешаноста на Русија. Сепак, Кремљ првично можеше да извлече пропагандистичка предност од фактот дека британската влада во јавноста не можеше или не сакаше да ја открие конкретната поврзаност на Русија со злосторството.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел, автор на коментарот

Ова се промени на почетокот од септември: откако беа објавени фотографиите на двајцата  осомничени за злосторството со наводни имиња „Руслан Боширов“ и „Александар Петров“, се распаднаа сите  обиди за прикривање на Кремљ. Дури и интервјуто со двајцата осомничени во рускиот државен пропаганден телевизиски канал РТ беше смешно. Лажните мотиви за посетата на Солсбери на наводните туристи лесно можеа да бидат препознаени како чисти лаги.

Кој е Анатолиј Чепига?

Новите истражувачки резултати на Белингкет и Инсајдер се одлучувачки доказ. Бидејќи истражувањето убедливо докажува дека лицето со наводното име „Руслан Боширов“ во реалноста всушност е Анатолиј Чечега и е долгогодишен офицер на руската воена разузнавачка служба со многу ордени и признанија. По три операции во Чеченија, Чепига  во 2014 година дури го има добиено и највисок руски медал за заслуги  „Херој на Руската Федерација“, кој обично лично го врачува претседателот Путин.

Со откривањето на вистинскиот идентитет на еден од  осомничените Руси за нападот врз Скрипал во Солсбери, врската со руската воена тајна служба ГРУ и со највисоките позиции во Русија е убедливо докажана. Сигурно, Кремљ ќе ги негира сите докази и ќе започне нова дезинформативна кампања преку медиумите. Но, со овие нови докази, конечно ќе стане јасно дека Кремљ е одговорен за обидот за убиство на Сергеј Скрипал со невротоксинот Новичок.