Пост-Западен Западен Балкан
1 февруари 2018Со распон од неколку минути од објавувањето, на мојата социjална мрежа истовремено се појавија две вести за регионот кои не можат, а да не бидат поразлични во третманот на истата тема – Балканот. Првата вест, објавена од германски медиум како ламент за молчаливоста на германската влада за заканата од исламистичкиот екстремизам во регионот. Втората вест од турски медиум на англиски јазик, со најава за отворање на трговски центар на Бурса на Балканот за зајакнување на трговскиот обем помеѓу Турција и регионот. Две вести - коректно пренесени - како манифест на два паралелно различни процеса кои во себе содржат доволно причини за промислување.
Првата вест е симптоматична илустрација за западниот медиумско-политички третман на регионот обоен со терминологија за „нестабилност, закана, војна” како подразбирлив и неспорен карактерен белег. Далеку од тоа дека причината за таквиот третман е некаков си нефер однос на Западот кон нас, во кој ние – невините, нели! – немаме никаков удел, ниту пак даваме солидни мотиви за таква описна терминологија. Она што сепак паѓа в очи е призвукот дека севкупниот одност на Западот кон регионот сѐ повеќе натежнува кон драматична алармантност, во која политиката на стапот ја става во сенка политиката на морковот. Дотолку повеќе што и добредојдениот нов елан за примање на регионот во западните клубови е повеќе аргументиран со ноти на превенција од насилство, отколку како ентузиастичен импулс за надежна иднина, за подобар економски и социјален стандард.
Стапот и морковот
Отворете кој било западен медиум, прочитајте која било изјава на западен политичар за Балканот (последната колумна на Ферхофстад како пример) и ќе ја забележите морбидната партитура во користење на атрибути за регионот. Секое спомнување на „демократија“ е проследено со најмалку три спомнувања на "автократија, цензура, неслобода“; секој помен на „стабилност” париран со редица наведувања на „криза, крваво минато, војна, есктремизам“; секоја куса вест за „инвестиции“ е проследена со опширни написи за „корупција, криминал, кронизам, неказнивост“. И доколку тоа не ве дотолчи и сполуде, свртете ја следната страница на која ќе ве пречекаат фото-извештаи од бескрајните средби помеѓу западни дипломати кои ги нотираат домашните пропусти со партнерите им наши кои се најодговорни за истите тие пропусти.
Дотука е јасно дека ништо од кажаното не е ниту ново ниту непознато. Чинам дека така и би продолжило уште долго време, доколку не се појавеа некои поинакви вести кои почнуваат да даваат контрастен колорит. Веста за отворањето на турски трговски центри низ регионот е конкретен пример за поинаквиот пристап во односот кон регионот со акцент врз морковот. Однос, во кој фокусот се става на инвестиции без премногу грижа за демократија, во кој авторитарноста не е пречка, туку гаранција за „doing bussines“, во кој екстремизмот е ставен во сенка на јакнењето на „братски врски“ и во кој никој не помислува да думи за војни. Бидејќи се лоши за бизнисот.
Веста за турските трговски центри не би заслужила пообемен осврт доколку не е само последна од низата иницијативи преземени во регионот од страна на официјална Анкара. Недели пред тоа осамна веста за намерата на владеачката партија на Турција да отвори свои претставништва ширум Западниот Балкан. Продорот во сферата на образованието и културата низ регионот е веќе одомаќена појава. Круна на сѐ е новокреираната улога на Ердоган како регионален миротворец и домаќин на средбата помеѓу Александар Вучиќ од Србија и Бакир Изетбеговиќ од Босна и Херцеговина - во Анкара. Најавата за можен турски придонес во изградба на автопат Сараево-Белград набрзо беше дополнета со веста за нова иницијатива на Ердоган во организирање средба помеѓу Вучиќ и Еди Рама во Прешево во јуни, како и средба во најава со нашиот Премиер во Анкара на средината на февруари.
Германската школа на Анкара
Повнимателното набљудување на приодот на Анкара кон регионот јасно ја разоткрива природата на стратешко дуплирање (ако не и парирање) на воспоставените шеми и пракси на западниот ангажман. Приод, базиран врз германската школа на политиката на Давутоглу, низ кој отварањето на балкански фондации на АКП е одраз на досегашната доминација на слични партиско-идеолошки институции кај нас (НДИ, ИРИ, Конрад Аденауер, Фридрих Еберт), но поткрепени со уште позначајна финансиска инекција. Иницијативите на Ердоган во триаголникот Белград, Сараево, Тирана е исто така одраз на претходните (не сосема успешни) иницијативи на западните центри за помирување помеѓу трите неуралгични точки во регионот. Триаголник во кој, повторно следејќи го приодот на ЕУ, Анкара го става токму Белград како појдовна точка на ангажман и демонстрација на ривалска понуда кон досегашните иницијативи.
Различноста на приодот на Анкара од традиционалниот приод на Западот е што, како прво, во вербалниот дискурс кон регионот Турција повеќе претпочита користење на инцентиви на економски развој отколку експлоатација на западната стабилократска аргументација. Како второ, за разлика од елитистичкиот приод на Брисел во ексклузивна комуникација со владините администрации, Анкара претпочита поширок фронт, во кој зајакнувањето на односите со политичките елити се надополнува и со длабочинско присуство во општеството и плебсот. И на крај, како трето, за разлика од едвај скриената манифестна културно-религиска преференца на Европа во односот кон државичките во регионот, Турција претпочита да дава привид на недискриминаторски однос базиран (про форма) врз отоманската традиција и (де факто) тврдите бизнис интереси. Велам привид, бидејќи повнимателното набљудување на раширеноста на турските индустриски инвестиции низ регионот укажуваат дека тие се кавантитативно и квалитативно позастапени во средините со христијанско отколку со муслиманско население.
Пост-Западен Западен и про-Источен Западен Балкан
Идеалистите во овој пристап на Турција ќе препознаат ефектуирање на нејзината нова економска и воено-политичка моќ. Прагматичарите ќе сакаат истата да ја препознаат како последица на растечката аутистичност на Европа кон регионот и пополнување на вакуумот кој самите го имаат создадено. Но каков и да е приодот, неминовен е заклучокот дека Балканот влегува во пост-Западна ера на зреење, делумно по вина на самиот Запад, делумно по заслуга на осоколените младотурци и нивниот двотактен пристап на a la franga кон немуслиманското и a la turca кон муслиманското население. Но пред сѐ, најавата на новата реалност на Пост-Западен Западен Балкан треба да се толкува како локален ефект на слабеењето на трансатлантскиот баланс на економска моќ и воена безбедност во доминација врз регионот.
Констатацијата за пост-Западен Западен Балкан сепак не подразбира – ни одблиску – зародиш на нов про-Источен Западен Балкан. Таквиот заклучок би бил не само избрзан и нереален, туку и кратковид во констатирање на вистинските мотиви за тековното поместување на регионалните фактори. Иако Турција, за разлика од Русија, има далеку поопширна политичка и интелектуална палета на понуди и со имиџ на политички побенигна сила од онаа на Путин, нејзината понуда е оптоварена од дискутабилна домашна неодржливост и фаличност во нудење автентичен нов пристап кој би бил нешто повеќе од ак-сарајска копија на александер-плац наративи. Алас! Копирање туѓи сценарија не гарантира поинаков епилог, камоли хепи енд!
Непријатна вистина
Пост-Западниот Балкан не најавува лизгање кон истокот, туку освестување на балканските лидери дека стратегијата на акција – реакција во односот кон Западот и истокот е далеку поисплатлива отколку статиката на покорно очекување на повик од Брисел. Разликата во тој приод се состои во тоа што нивното досегашно глумење волци во јагнешка кожа пред Западот, се врти во мудроста дека кротко јагне (во волчја кожа) цица од две овци. На Западот му требаше предолго време - и прескапо - да ја осознае природата на играта. Саглам, биографијата на Ердоган не ветува дека и тој ќе биде имун на сопствените пренадежни амбиции, па колку и да тврди дека Балканот и Турција споделуваат ист братски менталитет. Кој и онака трае додека сирењето не созрее за пазар.
Западот, поточно Европа, не може никого друг освен себеси да обвини за ова (не)очекувано престројување во тек, во чија подготовка и развој имаат најмногу придонесено самите, со своите културолошки преференции низ регионот. Оваа, за нив, непријатна вистина е уште понепријатна за нас, овде во Македонија, кои во оваа пост-Балканска епизода го препознаваат одложениот триумф на надворешно-политичката тактика на груевизмот како надеж на западното демохристијанство, партнер од доверба на Ориентот и автократен модел за колегите во регионот. Истиот груевизам кој не само што не е поразен по дома, туку како пошаст се шири насекаде низ регионот како повампирена, олиго-политичка провинцијална верзија на неутралноста и независноста како последна политичка мимикрија на компромитираните елити.