Потег на Трамп од кој ќе профитира Москва
23 октомври 2018Зошто администрацијата на Трамп сака да го напушти Договорот за неширење на нуклеарно оружје со среден дострел - ИНФ?
Претседателот Доналд Трамп одбра да ја соопшти својата намера за напуштање на 31 година стариот нуклеарен договор со Русија на маргините на кампањата во текот на викендот: „Русија, за жал, не го почитуваше договорот, па ние ќе го откажеме и ќе се повлечеме.“
Меѓутоа, ваквата објава на Трамп има предисторија. Таа почнува во 2014 година, кога администрацијата на Обама првпат официјално ја обвини Москва дека го прекршува договорот со тоа што произведува и тестира нови ракети со среден дострел кои не се опфатени со договорот. Кремљ ги отфрли обвинувањата, но Вашингтон не беше уверен и оттогаш во секој годишен извештај на Стејт Департментот за контрола на вооружувањето стоеше дека Москва го прекршува ИНФ-договорот.
Трамп е во право кога вели дека Русија не се држи до договорот, вели Александра Бел, директор во Центарот за контрола на вооружувањето, која во времето на Обама работеше во Стејт Департментот во делот на контрола на оружето. Меѓутоа, руското кршење е познато со години и Александра Бел верува дека тоа не ја оправдува објавата на Трамп за повлекување на САД од ваков клучен договор дадена на маргините на изборната кампања.
„Никогаш не е забавно да бидеш возрасниот во една врска, нели?“, вели таа, алудирајќи на постапката во стилот „како ти мене, така јас тебе“. Според неа, такво однесување е „лекомислено, опасно и сосема непотребно“. „Сѐ уште не сме ги исцрпеле сите дипломатски опции за да го поправиме договорот, па оттука навистина нема оправдување за ваков потег.“
Кој стои зад ваквиот потег?
Меѓу експертите за контрола на вооружувањет постои консензус дека движечка сила за САД да го напуштат ИНФ-договорот е американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон. И, како што често е случај со клучните политички убедувања на Болтон, тој својот негативен став кон ИНФ го објасни во текст во Волстрит Журнал од 2011 година. Меѓутоа, аргументот дека Русија не се држи до договорот не потекнува од Болтон. Напротив, Болтон напиша дека „Москва и Вашингтон имаат заеднички интерес во тоа рацете да не им бидат врзани со договор кој ги врзува само нив.“
Договорот ги спречува САД (и Русија) да одговорат на заканите од Иран, но и од Кина и Северна Кореја, аргументираше Болтон, заклучувајќи дека Вашингтон би требало да бара „или проширување или бришење“.
„Џон Болтон размислува долго време на тој начин, бидејќи тој и официјални претставници кои размислуваат како него не сакаат такви договори, па им е повеќе од драго што Русите и Трамп им пружаат можност за нивна демонтажа“, вели Мајлс Помпер, експерт за контрола на вооружување во Центарот за студии за неширење на оружје.
Бел исто така е на мислење дека Болтон постојано му шепка в уво на Трамп да крене раце од договорот, бидејќи таа не верува оти претседателот самиот е многу заинтересиран за детали и можни прекршувања.
Повеќе: Забрзана трка во нуклеарно вооружување
Дали напуштањето на ИНФ е во интерес на Вашингтон?
Не, уверен е Стивен Пајфер, поранешен висок фунцкионер во Стејт Департментот и американски амбасадор во Украина, кој беше дел од тимот на Вашингтон кој преговараше за ИНФ-договорот во 1980-те.
„Одлуката на претседателот Трамп сега да се откаже од ИНФ-договорот е грешка. Тоа ќе предизвика поделба во НАТО - високи германски, француски и италијански претставници веќе го ставија под знак прашалник и САД ќе бидат обвинети за напуштање на договорот и покрај тоа што Русија го крши“, нагласува тој.
Пајфер додава дека од американското напуштање на договорот најмногу ќе профитира Москва, а не Вашингтон: „Кога договорот ќе пропадне, Русија ќе може слободно да распоредува ракети со среден дострел за кои САД во моментов немаат одговор.“ Но, дури и САД да развијат вакво оружје, вели Пајфер, не е веројатно дека НАТО ќе може да постигне консензус за нивно распоредување во Европа.
Колкава е вината на Европа?
Европа долго спиеше кога станува збор за прекршувањето на договорот од страна на Русија и за можното напуштање на ИНФ од страна на администрацијата на Трамп, со што се шпекулираше веќе извесно време, велат експертите.
Повеќе: Атомски сили и нуклеарни нули
„Не сум видел ниту една јавно објавена информација дека кој било до европските лидери го потегнал ова прашање со Путин“, вели поранешниот амбасафор Пајфер, кој сега предава на универзитетот Стенфорд. „Тие не користат шанса за политички притисок врз Кремљ, а дали тоа ќе ги промени работите или не, тоа е друго прашање.“
Нивната воздржаност околу отворањето на ова прашање порано, значи дека сега имаат помалку кредибилитет за обид да го уверат Вашингтон да остане во договорот, бидејќи сега администрацијата на Трамп може да каже: „Ако не се грижите доволно за со Русија на високо ниво да разговарате за руското прекршување на договорот, зошто сега се грижите што ние се откажуваме?“