1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потресниот филм за кој зборува цела Полска

16 мај 2019

Нов документарец за деца кои биле сексуално злоупотребувани од страна на полски свештеници ја потресоа земјата, со тоа разбивајќи едно старо табу. Сега, Католичката црква и политиката се под притисок.

https://p.dw.com/p/3IZzf
Polen Danzig Aktivisten zeigen Film von Tomasz Sekielski
Фотографија: Imago Images/Eastnews

За само три дена, 11 милиони луѓе го гледаа „Не кажувај никому“- документарец за деца кои биле сексуално злоставувани од страна на полски католички свештеници. Филмот, чии автори се браќата Томаш и Марек Секиелски, својата премиера ја имаше на Јутјуб каналот. Финансиран е преку краудфандинг кампања откако сите телевизии одбија да го поддржат проектот. Сега нивниот документарец во рекордно време стана едно од најгледаните видеа на Јутјуб во Полска.

„Имаше потреба од таков филм, затоа што зачестија извештаите на оваа тема во медиумите во последниот период“, вели за ДВ, режисерот Томаш Секиелски.

Околу 90 отсто од Полјаците се католици, а свештениците во Полска уживаат голем углед, особено во внатрешноста на земјата. Филмот го шокираше полското општество. Не само поради ужасните приказни за злоупотреби раскажани од жртвите, туку и затоа што филмот открива дека жртвите биле игнорирани и отфрлани, а злосторниците заштитувани од Црквата.

Соочување со насилниците

Браќата Секиелски не само што ги убедија жртвите на сексуално насилство да зборуваат пред камера, туку успеаја и да ги соочат со нивните поранешни насилници. Злосторниците, кои сега во одминати години, беа принудени да се соочат со своето минато. По децении молк, жртвите конечно отворено проговорија за своите кошмари.

Wojciech Polak, Henryk Gadecki
Полскиот надбискуп Војчех Полак (десно) се извини за злоделатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Sokolowski

Една од нив, 39-годишната Ана, го гледа човекот кој ја напаствувал во очи и му вели: „Имав 7 или 8 години. Ме допираше каде што не смееш, во моите приватни делови“. Подоцна собира храброст и му вели: „Оче, вие мастурбиравте со моите раце.“ За сето време, стариот свештеник седи спроти неа, и најпрво изгледа смирено. Но подоцна, ја става раката над очите од срам и вели: „Тешко ми е поради тоа што го сторив. Но што сега?“ Тој ѝ вели дека жали за своето поведение, и се моли за оние кои биле злоупотребени.

Свештеникот потоа ѝ вели на Ана дека доколку дошла кај него претходно, ќе ѝ понудел компензација. Таквиот одговор ја разлутува Ана: „Ги нема тие пари кои можат да го компензираат ова.“

Црквата се извинува

Пред премиерата на филмот ниту еден претставник на Католичката црква не сакаше да коментира за случувањата. Филмот завршува со цитат од Епископската конференција на Полска во која се отфрла филмот како едностран. Но откако беше објавен, Католичката црква одеднаш го смени тонот, извинувајќи се за злоставувањата.

„Големото страдање на жртвите ми предизвикува болка и срам“, напиша во писмо полскиот надбискуп Војчех Полак. „Им благодарам на сите кои имаа храброст да раскажат за своите страдања. Се извинувам за секоја рана предизвикана од свештено лице“. Слично извинување искажаа и други црковни претставници.

Но, Лешек Глоѕ, надбискупот на Гдањск, кој се смета за еден од најконзервативните полски верски фигури, пред новинарите изјави дека не сака да си го губи времето гледајќи „безвреден“ филм.

Неколку часа по неговата изјава, од полската социјалдемократска партија Спринг организираа прикажување на филмот пред неговата куќа.

Polen sexueller Missbrauch durch Priester
Обвинувањата за педофилија поттикнаа протести против црквата во Полска и во 2018 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Luczniewski

Политиката бара поостри казни

И други политичари се дистанцираа од црквата. Грегорж Шетина од Граѓанската платформа, најголемата опозициска партија во земјата изјави дека „борбата против педофилијата не е борба против црквата.“
„Нема да сопреме во заштитата на нашите деца“, дополни тој.

Премиерата на филмот се случува среде политички критичен период во Полска. Во тек се изборите за Европскиот парламент, а за наесен се планирани парламентарни избори во земјата. Во 2020 година ќе се гласа за нов претседател.

Владејачката Партија на правото и правдата (ПиС,) која одржува блиски односи со Католичката црква, сега е под притисок да преземе мерки против свештениците кои вршеле сексуални злоупотреби. Партискиот лидер Јарослав Качињски деновиве во текот на кампањата најави дека се размислува за повисоки казни. „Секој кој е одговорен за деца ќе се соочи со особено остри казни, без разлика дали е свештеник или јавна личност. Сакаме да бидеме бескомпромисно стриктни. Но дали злосторствата на свештениците значат дека сега можеме бесконечно да ја напаѓаме црквата? И да ги навредуваме католиците? Не!“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема