1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Потценетa опасностa од корона-аеросолите

Александер Фројнд
9 јули 2020

239 научници бараат од СЗО ажурирање на насоките за за заштита од заразување со коронавирусот, бидејќи преносот на најситните честички во воздухот не е доволно земен предвид. Сега и СЗО ја согледува опасноста.

https://p.dw.com/p/3f195
Mann beim Niesen
Фотографија: picture-alliance/dpa/PA/Jordan

Дали сѐ уште е задолжително носење маски во продавница? Кога повторно ќе се отворат кафулињата и баровите? Какви се правилата за дистанца во рестораните? Кога повторно ќе можам да летам безгрижно?

Додека многу европски земји вршат притисок за враќање во нормала, 239 научници од различни области во научниот журнал „Клинички инфективни болести“ алармираат: пред сѐ здравствените власти и Светската здравствена организација (СЗО) треба да посериозно да ја земат предвид можноста од пренос на вирусот преку таканаречени аеросоли.

Лебдечка опасност во затворен простор

Аеросолите се ситни честички и капки во воздухот, кои се помали од пет микрометри. Тие се распрскуваат во воздухот преку издишување, зборување, смеење или пеење. Најголемите капки брзо паѓаат на подот, но ситните можат – пред сѐ во затворен простор – да останат со часови во воздухот.

Доколку еден заразен се најде во затворена просторија може за кратко време да зарази и многу други луѓе - без да имаат директен контакт.

СЗО сега ја преиспитува својата позиција

Како реакција на јавниот апел сега и Светската здравствена организација е подготвена за промена на курсот. До сега се сметаше дека инфекцијата се пренесува само преку флигеови капки. Но, сега и СЗО признава „постоење на докази" дека коронавирусот може да се шири и преку воздух, вели Марија Ван Керкове, технички раководител за пандемијата на Ковид-19 во СЗО.

Повеќе:

-Како се станува „суперпроширувач“ на коронавирусот?

-Кавга околу носењето маски во Германија

-Како коронавирусот се пренесува преку воздухот

Врз основа на новите наоди, како следен чекор насоките на СЗО треба да се прилагодат соодветно. Пред еден месец СЗО веќе мораше да ја ревидира својата проценка за носење заштитни маски.

Аеросоли како најзначаен начин на пренесување

Според научниците, испитувањата за грип и за коронавирусот Мерс-Ков покажале дека вирусите се шират пред сѐ преку аеросоли. „Имаме основа да веруваме дека Сарс-Ков-2 се однесува на сличен начин и дека аеросолите се значаен пат на ширење”, се вели во апелот кој е потпишан претежно од експерти од хемија, физика и инжењери, а помалку од виролози и доктори. Актуелните мерки за заштита како миење раце, носење маски, држење растојание примарно се однесуваат на можно пренесување преку флигеови капки. Но, тоа не е доволно. За пренесување преку аеросоли до сега не е обрнато доволно внимание, велат научниците.

Редовното проветрување помага

Затоа авторите на апелот бараат редовно и ефикасно проветрување со свеж воздух од надвор. Треба да се избегне циркулација на застојан воздух, особено во јавни објекти, училишта, на работни места, во болници и старечки домови. Постоечките системи за вентилација би требало да бидат надградени со аспиратори, филтри на воздух и/или ултравиолетово светло што убива бактерии и вируси.

Но, пред сѐ треба да се избегнуваат преполни простории и тоа не важи само за дискотеки и барови, туку и за јавни објекти и превозни средства.

Индиции за ново оценување на ситуацијата

Зачестените инфекции со корона веднаш по посета на барови или посети на ресторани, но и по настапи на хорови, покажуваат дека заразата  веројатно се пренела преку аеросоли во просторијата, смета главниот доктор за инфектологија и тропска медицина на клиниката Швабинг во Минхен, проф. др. Клеменс Венднер, кој што не е дел од апелот.

Можеби „повеќекратното циркулирање на нефилтриран студен воздух” во кланиците придонело за зачестените случаи на инфекции со корона, вели Венднер. Докторот смета дека во апелот предложените мерки за проветрување имаат смисла и побара промена на курсот од страна на СЗО. 

“Со оглед на и натаму растечкиот број на инфекции на глобално ниво што се поклопува со олабавувањето на мерките во некои земји, повик од СЗО за заштита од аеросоли кои содржат Сарс-Ков-2 би бил пожелен и од научна гледна точка итно неопходен”, вели проф. др. Венднер.

Однесувањето треба да се прилагоди на новите сознанија

На почетокот на епидемијата пренесувањето преку површини било “малку потценето”, вели професорката за инфективни болести на Универзитетот во Женева, Изабела Екерле, која што не се приклучи на апелот. Потценето било и пренесувањето преку близина до заболениот (семејни прослави, проби на хор, фитнес студио). „Мислам дека разликата која до сега се правеше меѓу аеросоли и зараза преку капки не е доволна зада се покријат сите сценарија за трансмисија”.

Корона вирусот не бил класичен пример на вирус што се пренесува преку аеросоли како на пример некои видови сипаници, вели Екерле. „Такво сценарио со Сарс-Ков-2 не е веројатно”.

И специјални маски за сите не се решение

Професионални маски од типот ФФП3 би можеле да спречат зараза преку аеросоли, но препорака за такви маски за населението според експертката ниту е “разумна”, ниту „изводлива”.

„Мислам дека треба прагматичен пристап и сознанијата што ги имаме актуелно да се преточат во препораки кои имаат смисла и кои може да се спроведуваат. Според тоа, треба да бидат спречени пред сѐ настани во затворени простории каде може да има супер-трансмисија”, вели професорката за инфективни болести од Универзитетот во Женева.