1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правата на ЛГБТ-заедницата на Балканот и натаму проблем

Марина Максимовиќ / Ивана Стојкова18 септември 2014

Нападите и нетолерантноста кон ЛГБТ заедницата не се веќе „инциденти“, туку „состојба“ која постои и трае во земјите на Западен Балкан. ЕУ се‘ уште очекува регионот да се докаже во почитувањето на човековите права.

https://p.dw.com/p/1DF5A
Фотографија: DW/I. Petrovic

Она за што ЕУ од година во година инсистира и наоѓа забелешки кога станува збор за евроинтеграцијата на Србија, е токму владеењето на правото во земјата. Во минатогодишната проценка за напредокот во Србија, која во Брисел беше окарактеризирана како „историска“ во однос на прашањето за развојот на односите помеѓу ЕУ и Белград, се‘ уште постоеја критики кои се однесуваа на корупцијата, независноста на институциите, слободата на медиумите и заштитата на правата на малцинствата и ранливите групи во земјата-кандидат за членство. Колку ранливите групи се буквално ранливи во Србија и колку ЕУ е во право кога бара за време на преговорите фокусот да биде ставен на правосудството и човековите права, тоа го докажа и неодманешниот напад врз активист на ЛГБТ во центарот на Белград.

„Не е само еден случај во прашање. Нетрпеливоста, дискриминацијата, високото ниво на нетолеранција кон ЛГБТ популацијата е нешто што постои и трае во Србија“, вели за ДВ Лидија Гал, аналитичар за Балканот во меѓународната организација за заштита на човековите права Хјуман Рајтс Воч. Оваа организација го дели мислењето со Европската Комисија дека во Србија постои напредок во областа на заштитата на човековите права, но треба уште многу да се работи на ова поле: „Српските власти имаат задача да спроведат истрага и да утврдат дали нападот врз ЛГБТ активистот од Германија бил мотивиран од неговата сексуална ориентација, националната припадност или двете. Државата мора да спроведе ефикасна истрага за секоја жалба за закана или напад, но и многу повеќе од тоа. Самиот факт што не постојат конкретни податоци за нападот на припадникот на ЛГБТ заедницата говори многу за тоа дека голем број од овие случаи остануваат непријавени. Луѓето мора да стекнат доверба во надлежните институции за да ги пријавуваат ваквите инциденти, а обврска на државата е да им обрне внимание на жртвите на дискриминација и нетолеранција и да им овозможи безбедна средина во која ќе може да говорат за своите проблеми“, објасува Гал.

Човековите права – клучни за членството во ЕУ

Освен инсистирањето на одговорноста и обврската на властите во Србија за решавање и превенција на ваквите напади, во Хјуман Рајтс Воч ја истакнуваат и улогата на ЕУ. Брисел мора да продолжи да ја надгледува и да известува за состојбата на човековите права, смета Гал и додава: „Истовремено, ЕУ мора да инсистира на ова прашање во текот на дијалогот со српските власти, а посебно за време на преговорите за членство. Важно е ова прашање да биде приоритет во секој официјален разговор помеѓу Брисел и Белград“, нагласува таа. Во разговорот со ДВ таа предупредува дека ваквата ситуација не е присутна само во Србија, туку сите земји од Западен Балкан се соочуваат со истиот проблем на нетолеранција и насолство кон припадниците на ЛГБТ заедницата. „Тие немаат подршка од високите службеници, кои треба јасно да го осудат секој напад врз ЛГБТ активистите, припадниците или оние кои ја подржуваат оваа заедница. Тоа е, генерално, проблем на целиот Западен Балкан, кој влијае на правото на луѓето да го кажуваат својот став. Такви примери, за жал, неодамна имавме и во БиХ и Косово“, вели Гал.

Serben Demonstration Homosexuelle
Фотографија: Getty Images/A. Isakovic

Како да се услогласат балканските и европските вредности?

За земјите од Западен Балкан да се приближат кон Унијата, неопходно е, меѓу другото, а и на прво место, да го практикуваат почитувањето на човековите права, како што тоа го прават во Европа. Во Европската Комисија велат дека со минатогодишната (трета по ред година) забрана за одржување на „Парадата на гордоста“, Србија „пропушти да го докаже почитувањето на основните човекови права“: „Токму ваквиот брутален напад, кој неодамна се случи во Белград, укажува на важноста за одржувањето на ’Парадата на гордоста’, при што властите ќе овозможат безбедност на учесниците, а не да го искористат тоа како изговор за уште еднаш да ја откажат“, потенцира Лидија Гал од Хјуман Рајтс Воч. Крајот на дискриминацијата и нападите врз припадниците на различни малцински заедници, без разлика дали се засновани на верски, расни, национални или сексуални ориентации, треба да биде почеток на интеграцијата во одбраната на европскиот систем на вредности, оној кој не се почитува само во пишаната форма на законите, туку се спроведува и на дело. „Парадата на гордоста“ во земјите-членки на ЕУ одамна е место за добра забава не само за припадниците на ЛГБТ популацијата, туку и за останатите посетители, при што ничие определување не се доведува во прашање и не се става во прв план. Прашањето е само колку време ќе треба за ова да се случи и на Балканот.

Christopher Street Day 2014 Berlin
Во Европа не се доведува во прашање ничие определувањеФотографија: picture-alliance/AP