Правда за старите девизни штедачи
18 ноември 2014„Правдата ќе победи кога-тогаш. Преживеав многу, па ќе го преживеам и ова“, вели 75-годишниот Исмаил Алишиќ чие презиме се споменува во пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур кој во јули годинава ја потврди првостепената пресуда во предметот „Алишиќ и други“ со која Словенија и Србија се обврзуваат да ги исплатат измамените штедачи на Љубљанска банка и Инвестбанка.
Овие две банки, во периодот пред војната, ги привлекоа штедачите како Алишиќ и стотина илјади други, со високи камати на орочените пари. „Работев по 12 часа дневно. Мојата сопруга исто така. Секоја марка по три пати ја превртував низ рацете и размислував дали да ги дадам во банка каде нудеа камата од 12 проценти“, раскажува Алишиќ, кој својот гастарбајтерски живот во Германија го започнал пред речиси 50 години.
Надеж во правдата
Парите исчезнале преку ноќ, а кога се обратил до Љубљанска банка му било речено да го сочека крајот на војната. Војната заврши, а упорниот Алишиќ, како што вели: „верувал во правда и во Бешло“. Бешло Мујчин е адвокат од Диселдорф и еден од клучните луѓе кој ја извојува победата пред Европскиот суд.
„Ова е пилот пресуда. Таа е конечна и нема потреба да се водат други постапки. Словенија и Србија се обврзани, на моите клиенти и на сите други во иста ситуација, да им ја исплатат старата девизна заштеда. Апликацијата ја поднесов на 30 јули 2005 година, а ги издвоив овие тројца клиенти поради економичност“, вели Мујчин.
Се проценува дека обврската на Словенија кон измамените штедачи во Хрватска и БиХ, без камати, изнесува околу 400 милиони евра.
Пресудата е конечна а се однесува на сите останати штедачи на банките од подрачјето на поранешна Југославија кои се во иста правна положба како и штедачите од БиХ за чиј случај беше пресудено.
Нов „лов“ на штедачи
Мујчин, како и многу други, се надеваат дека пресудата ќе биде брзо спроведена. „Само со коректна, конкретна и конструктивна работа можеме да придонесеме да се спроведе оваа пресуда“, вели Мујчин и објаснува: „Ополномоштениците треба да ги стават своите интереси во втор план. Треба да се обидеме да им помогнеме на луѓето“.
Мујчин им советува на старите девизни штедачи во ниту еден случај да не ја продаваат заштедата. Имено, има случаи во кои луѓето ја продавале заштедата за половина од вредноста. Тој предупредува и дека треба да се внимава кому ќе му се довери заштитата на сопствените интереси.
„Многумина ми нудеа помош, но веднаш бараа пари. Единствено Мујчин не бараше пари однапред“, вели Сакиб Шахдановиќ, кој, освен што ја загубил довербата во банките, ја губи довербата и во луѓето.
Во моментов пред Европскиот суд за човекови права се наоѓаат повеќе од 1.650 слични барања кои ги поднеле околу 8 илјади луѓе. Севкупно има 350 илјади стари девизни штедачи.