1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашање до диплократијата: колку мртви за една оставка?

16 септември 2021

За промена на културата, за враќање на балансот помеѓу емотивноста и рационалноста, бесмислено е да се протестира пред домашните партиски претставништва или владини министерства. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/40Nll
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Според секоја логика на нештата, влада која во нецели триесет дена ќе демонстрира целосна неспремност во справување со масивни пожари; ќе ѝ се случи разузнавачко дипломатски скандал кој минува низ рбетот на државата од самиот врв на Водно па сѐ до обични службеници во МНР; среде пандемија ќе изгорат четиринаесет живи луѓе – неминовно би требало да си даде оставка, биде срушена институционално или преку масовни протести. Но, Владата предводена од Зоран Заев и Артан Груби нема намера, не чувствува морална обврска или политичка одговорност за редицата мега-потфрлања и скандали. Попусти се сите протести, попусто се прашуваме зошто народот не излегува на улици и до кога најголемите поддржувачи на оваа врхушка ќе толерираат да во име на макро политики се премолчува крвавата цена плаќана од микро човечки судбини.

Двоецот Заев-Груби денес нѐ соочува со нов вид на отуѓеност и бесрамна ароганција на владеење, надминувајќи ја дрскоста на двоецот Никола Груевски и Муса Џафери. Доколку тоталитарното владеење на вторите се засноваше врз паралелно ривалство и содејство на два национализми, поведенијата на денешниот двоец е класична демонстрација на социјален шовинизам на привилегираните на сметка на растечката сиромаштија. Но доколку дури и во кабинетот на Груевски ќе се најдеше некој кој во час на бес или очај ќе ја признаеше абнормалноста на власта која лапа чоколада на сметка на леб, очигледно е дека такви нема да најдете во опкружувањето на Заев. Заклучокот не се однесува единствено на најблиските политички и административни кругови околу премиерскиот кабинет, туку и на поширокото опружување во медиумите и невладиниот сектор. 

Низ сеќавања ми струјат редица примери на тешки моменти низ кои имаме минувано во овие триесет години независност. Некогаш заедно како граѓани, некогаш одделно како етникуми, напати социјално, напати политички. Но, за сите овие години, ни во Љубчово, ни во Бранково, ни во Груево не паметам да во моменти на сеопшт траор некакви скарадни ликови и љубители на премиерот излезат со ставови кои безмалку порачуваат „изгореа, па што!”, покриени со провидни наслаги на лажно сочувство. Бесрамноста и вулгарноста на таквиот беден, шпалирно нареден бедем околу премиерот е дотолку поскандалозна поради ликовите кои пред неколку години предничеа во дигање хистерии за било каква сообраќајна несреќа, сечење дрва, гушкање трговски центри. Во кратко, бројачите на монструозностите на Груевски го надминаа нивниот објект на омраза преку демонстрација на далеку поболна, вулгарна изопаченост. Падот на кабинетот Заев ќе остане запаметен како обична политичка рокада. Но, поради нив, неговиот крај ќе подразбира и финално збогување со последните отпадоци на киднаперите на нормалноста, критичноста, прогресивноста кои со децении паразитираат затскриени зад компромитираниот медиумски, академски и невладин сектор. Во тој брак од интерес, Заев знае која е (буквално) цената на љубовта на неговите поддржувачи. Онолку колку што и поддржувачите се свесни за реалните капацитети на нивниот премиер. Но, додека капе ...

Борба помеѓу емоционалноста и рационалноста

Од друга страна, општата пизма кон власта никако не се преведува во растечки симпатии за компромитираната опозиција. Процесите кои се одвиваат се далеку подлабоки од стандардните поделби на владејачкиот естаблишмент. Идеолошкото претопување помеѓу десницата и левицата, имитацијата на нови идеолошки (еколошки) имиџи, копирањата на движења некомпатибилни со поднебјето се само надворешни манифестации на идејниот замор, прегор и колапс на интелектуалниот дискурс кај нас, особено во политиката. Но доминантната линија на поделбата во општеството денес не се одвива според идеолошки програми, туку низ борбата помеѓу емоционалноста и рационалноста како ефекти на дехуманизацијата на која сме сведоци. Токму низ примери како што е Тетово. 

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Почетокот на нашата дехуманизација започнува со констатирањето на демократурата како корумпиран, криминализиран, диктаторски дериват на демократијата со премолчана согласност од надворешните партнери на нашите власти. Подоцна, последиците на демократурата се санираа преку фаворизирање на интеграциите како политички дериват за партиска експлоатација на непретставителноста. Компромитацијата на интеграциите се закануваше да ги разниша темелите на стабилноста. Поради што, фондациските идеолози ни сервираа исчашен, насилнички дериват на стабилноста кој го именувавме како стабилократија. Насилното импонирање на стабилократијата во власта налагаше насилно смирување на општеството преку дериватот на мирот, наречен пацификација. Денес, кога стабилократијата е сместена низ сите институции, банки, медиуми, полиции, мафии, фондации, кога пацификацијата ни донесе зомби-општество на живи мртовци, значи дека е време за гео-стратешки гибања и премрежија во самите земји и во регионот преку дипломатски ангажман. Ерго, новиот налудничав дериват, сега на дипломатијата, кој може да го именуваме како диплократија. Како кованица за домашните востоличени и надворешно уценети претставници и нивните хендлери од дипломатијата.

Наметнувањето на деривати на традиционалните инструменти на слободата и демократијата, заклучно со сегашната диплократија, попатно ги обесмисли сите наративи, агенди, институции и инструменти на дисидентството и парламентаризмот. Нивната ефективност е стриктно резервирана единствено за привилегираните диплократи и одбрани извршувачи на работи во водење културолошки војни во полза на специјални групи, егзотични движења, ликови од маргините и воглавно за прашања околу учкурот. За сите останати, за обичните граѓани, тие постојат колку за медиумска забава и привид на слобода на говор. Но не и за иституционална одговорност, за соочување со сиромаштијата, неказливоста, нееднаквоста и генерално прашања околу желудникот.

Бранење на прогресивноста”

Финалната цел на рационализацијата преку диплократија е изместувањето (до рушење) на оската на општествениот гнев и немир на сиромашните, непретставените, непривилегираните, недостојните и наметнување на нови, измислени, фабрикувани оски на општествена дебата и конфликт. Конкретно, протестите на гладните се аут, како изливи на емоционален примитивизам. Добредојдени се протестите за сексот, за шамии и мантии, за зелени агенди и пич-прич муабети, за женски праски и машки краставички и било која друга „авангардна” тематика со која елитата рационално љубоморно ќе ја чува привилегијата под плашт на „бранење на прогресивноста” и воедно ја негира емотивната пизма на културолошки недостојните, но изборно неминовните. Одговорете си сами: на која категорија им припаѓаат живите човечки факели во Тетово?

Во деведесетите, емотивност на гусли, труби и знамиња ги донесе балканските народи на раб на самодеструкција. Западната статистичка рационалност е еден единствен чекор далеку од тоа да и нас, и државите во регионот ги сведе на целосно и неповратно корумпирани губернии водени од уценети лидери стокмени за спроведување макро политики. Барањата за оставки имаат смисла едниствено доколку се вперени кон претставниците на анархичниот врв на домашната пирамида на диктатура на рационалноста. Но, за промена на културата, за враќање на балансот помеѓу емотивноста и рационалноста, бесмислено е да се протестира пред домашните партиски претставништва или владини министерства. Доколку сакаме промена, треба да ја бараме и мораме да ја изнудиме од газдите. За почеток, со барање до домашните и надворешни диплократи да се испазарат и објават: колку човечки души чини една политичка оставка?

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач