Доушници на комунистичката тајна служба во бугарското МНР
23 декември 2021Првиот скандал ја тресе тукушто формираната влада на бугарскиот премиер Кирил Петков, откако тамошните медиуми открија дека новата министерка за надворешни работи Теодора Генчoвска ангажирала најмалку четворица поранешни доушници на комунистичката тајна служба како свои советници.
Откритието предизвика голема дебата за расчистувањето со комунистичкото минато во земјата, а се повторуваат и барањата за лустрација.
Премиерот Петков експресно најави „брзи мерки“ со кои ќе се спречи именувањето на новите контроверзни советници во кабинетот на Генчовска, која доаѓа од движењето „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов.
„Секој министер има право да го предложи својот тим, но тогаш ние во коалицискиот тим разговараме за тоа. Овие луѓе нема да бидат именувани“, рече Петков, додавајќи дека Генчевска веќе го прифатила таквиот став.
И самата Генчовска својот професионален живот досега го минала во безбедносните структури во земјата и нејзиното номинирање во надворешната политика се сметаше за изненадување.
„Нема да има ниту еден советник од Државната безбедност во екипата на Министерството за надворешни работи“, изјави во средата и шефот на парламентарната група на Има таков народ, Тошко Јорданов.
Долги кариери во тајната служба
Во јавноста испливаа имињата на пет поранешни агенти на бугарското разузнавање и контраразузнавање и доушници на комунистичката тајна служба, во контекст на новиот кабинет на Генчевска. Шеф на кабинетот на шефицата на бугарската дипломатија требало да биде Петјо Петев, кој бил долгогодишен соработник на тајната полиција под името „Динов“. Меѓу советници се споменуваат и Петар Воденски, доушник на тајната полицијата кој работел во Генералштабот на Бугарската народна армија, потоа Иван Петров, кој работел во државната безбедност, како и Лечезар Петков. Најзвучното име е поранешниот шеф на бугарската тајна служба (ДАНС) Петко Сертов, кој исто така наводно требало да добие функција кај новата министерка. Сите несудени советници биле на возраст над 60 години, со долги кариери во тајната служба.
Од партијата Демократска Бугарија на Христо Иванов, која е дел од владината коалиција, најавија дека повторно ќе ја отворат темата за лустрација во безбедносните служби и надворешните работи. Од Бугарската социјалистичка партија, исто така дел од владата на Петков, ги поддржаа кандидатите за советници на Генчевска.
Даниел Митов од опозициската ГЕРБ, оцени дека бившата државна безбедност се враќа „на бел коњ“ во МНР. Случајот, според него, покажува дека „реалната власт е во рацете на претседателот Радев“ кому Генчевска досега му беше советник.