1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори во Женева во сенка на нови судири

БГ/миа/афп17 април 2014

Денеска во Женева, Швајцарија, започнуваат преговорите за иднината на Украина, во кои освен оваа земја учествуваат и Русија, САД и ЕУ. Во текот на ноќта судири на југоистокот на земјата.

https://p.dw.com/p/1BjuU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Женева денеска (17.04) е домаќин на четиристраните разговори посветени на кризата во Украина. Во разговорите учествуваат Русија, Украина, ЕУ и САД. Тие ќе бидат предводени од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Дешчица, Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон и американскиот државен секретар Џон Кери.

Американскиот државен секретар Џон Кери на средбата ќе побара од Русија
да прекине со активностите во источна Украина, кои според САД претставуваат
обид за дестабилизација на земјата. Според американскиот Стејт департмент, тоа е прва цел на САД на средбата во Женева, додека на второ и трето место се враќање на Крим под украинска контрола и обезбедување на енергетското снабдување на Украина која е соочена со руски закани со прекин на дотурот на природен гас.

Москва бара федерализација на Украина, но проевропските власти во Киев се против таквата идеја поради опасноста од распад на земјата. Разговорите почнуваат додека во источниот дел на Украина ситуацијата е тензична, откако проруски активисти заземаа неколку згради, а киевските власти почнаа антитерористичка акција.

Symbolbild Krisengipfel zur Lage in der Ukraine in Genf am 17.04.2014
Џон Кери и Сергеј ЛавровФотографија: picture-alliance/dpa

Според информацијата објавена на Фејсбук од украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, во текот на ноќта украинските безбедносни сили одбиле напад врз база во градот Мариупол на југоистокот на земјата. Тројца од напаѓачите, кои според Аваков им припаѓале на проруските сили, ги загубиле животите, а најмалку 13 биле ранети. Аваков тврди дека нападот го извршила формација од 300 напаѓачи вооружени со автоматско оружје и петрол-бомби, но ниту еден од припадниците на безбедносните сили не бил повреден.