Преговорите за Брегзит почнуваат наредната недела
12 јуни 2017Официјалните преговори за британското напуштање на ЕУ не би можеле да започнат на 19 јуни, бидејќи тоа е истиот датум на кој владата би требало да ја изложи својата политичка програма во новоизбраниот парламент, изјави денеска министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис (насловна фотографија). Дејвис, чија Конзервативна партија би требало да ја изложи својата политичка програма на 19 јуни, истиот ден кога и кралицата ќе одржи говор во парламентот, изјави дека преговорите за Брегзит би можеле да започнат наредната недела. „Тоа ќе се случи во наредната недела, тоа се првите расправи“, изјави тој за „Скај њуз“, одговарајќи притоа и на прашањето за техничките детали на преговорите. „Мојот постојан секретар е таму, всушност денес е во Брисел за да разговара за деталите. Тоа нема да се случи до наредниот понеделник, бидејќи тогаш е говорот на кралицата и јас ќе морам да зборувам за тоа“, изјави Дејвис. Тој уште истакна дека има намера да остане на најавениот тврд курс во преговорите.
Дејвид Дејвис уште изјави оти европските граѓани не би требало да се грижат за своите идни права и изрази надеж дека договорот ќе се постигне брзо по започнувањето на преговорите за Бергзит. Дејвис рече оти ќе присуствува на деталните расправи за британското напуштање на ЕУ, додека премиерката Тереза Меј ќе има „големи преговори“ со останатите европски лидери.
„Во Британија има луѓе кои се грижат дека не можат да останат тука, има и Британци кои живеат во Шпанија и се грижат оти не можат да останат таму“, изјави Дејвис за ББЦ радио. „Грижите се непотребни, и тие не би требало да ги имаат бидејќи ние сакаме да започнеме со тоа што е можно поскоро“, рече тој. Дејвис, истотака, рече оти финансиските прашања и статусот на Северна Ирска ќе бидат на деневен ред на почетокот на разговорот за Брегзит.
Инаку британската премиерка, Тереза Меј, вчеравечер ги именуваше членови на кабинетот во малцинската влада, а меѓу клучните имиња се првиот државен секретар Дамјан Грин, министерот за финансии Филип Хамонд, министерот за надворешни работи Борис Џонсон, министерката за внатрешни работи Амбер Рад, министерот за Брегзит Дејвид Дејвис и министерот за одбрана Мајкл Фелон.
Тереза Меј инсистира да остане на местото премиерка на Велика Британија, и покрај повиците да поднесе оставка по лошите изборни резултати на нејзината партија. Таа рече оти „кабинетот одразува богатство на талент и искуство“ од Конзервативната партија и додаде дека таа влада ќе биде „влада на сите“ во Велика Британија.
Конзервативците на Тереза Меј освоија 318 мандата и иако се најсилна партија во парламентот, немаат потребно мнозинство од 326 места. Лабуристите ги надминаа очекувањата и освоија 262 места во парламентот.