Преговорите за Сирија се само надеж
1 февруари 2016Дојче веле: Претставници на сириската опозиција денес патуваат во Женева. Дали е тоа веќе успех сам по себе?
Гинтер Мејер: Тоа без сомнеж е успех што до петокот воопшто не беше сигурно дека ќе се случи. Високиот комитет за преговори кој го поддржува Саудиска Арабија, а кој ги застапува најважните сириски опозициски групи, го услови учеството на женевските преговори со исполнување на хуманитарни предуслови: прво, бараше моментално запирање на нападите од воздух на цивили, како и испорака на хуманитарна помош во областите кои се под контрола на Асадовиот режим, и дури потоа би биле подготвени да дојдат во Женева. Но, поради тоа што најмногу САД инсистираа преговорите да се одржат и без исполнување на тие услови, опозициските групи попуштија и го потврдија учеството во „политичкиот процес“.
Што точно сака да се постигне во Женева?
Резолуцијата која е усвоена во декември во Советот на безбедност на ОН предвидува 18 месечен план за стивнување на војната во Сирија. Во првите 6 месеци би требало, по запирањето на нападите врз цивилите, да се образува севкупна преодна влада составена од сите конфесионални групи. А на крајот на политичкиот процес би требало да се одржат слободни и фер избори под надзор на ОН.
Дали е тоа воопшто реално?
На странските влади кои го поддржуваат режимот на Асад или пак сакаат да победат, во меѓувреме им стана јасно дека воено решение за овој конфликт е не возможно. Истовремено бегалската криза зазема такви димензии што притисокот на сите учесници е толку голем како никогаш до сега војната да се заврши што е можно побрзо. Но, големото прашање е дали актерите во самата Сирија, како и странските сили кои ги поддржуваат, ќе бидат подготвени да се откажат од своите интереси со цел да постигнат мировно решение.
Дали во оваа војна сѐ уште има страни кои сметаат дека не мораат да преговараат бидејќи се воено супериорни?
Откако сириската војска со поддршка на копнените трупи на Хезболах и на Иран, а пред сѐ благодарејќи на руските воени напади, во последните недели освои важни територии во борба со различни бунтовнички групи, режимот на Асад најмногу од сите има мал интерес да се завршат борбите во моментов .
Тогаш сигурно интерес нема ни терористичката група Исламска држава, а ни Нусра фронтот.
ИД и Нусра фронтот кој ѝ припаѓа на Ал Каеда во секој случај се исклучени од преговорите. Но, и другите радикални исламски паравоени формации, како на пример Ахрар аш Шам, која припаѓа на „Армијата за освојување“ која ја поддржуваат Саудиска Арабија, Катар и Турција, немаат интерес да го положат оружјето.
Дали е тогаш ставен под знак прашање успехот на мировните преговори?
Сега, на почетокот на мировните преговори пречките изгледаат несовладливи. Додуша постои мала шанса преку влијание на САД од една, и Русија на друга страна националните и завојувани страни да се натераат на преговори. Но, тоа секако не е начин.
Професор Гинтер Мајер го води Центарот за истражување на арапскиот свет на универзитетот во Мајнц.