1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прегратката на Франциско и Кирил

Константин фон Егерт/ превод:бг12 февруари 2016

Средбата на папата Франциско и рускиот патријарх Кирил на Куба треба да биде првиот чекор на долгиот пат до духовно единство на христијанската црква, смета Константин фон Егерт.

https://p.dw.com/p/1HtxW

Фотографијата на која папата Франциско и патријархот Кирил би се прегрнале сигурно би била една од фотографиите на годината 2016. Средбата на папата и патријархот на Руската православна црква, денеска во Хавана, може да се спореди со сличната средба од 1964. Тогаш во Ерусалим се сретнаа Вселенскиот патријарх Атинагора и папата Павле VI. Пред тоа поглаварите на католичката и православната црква се сретнаа во 1439 година. Неколку месеци по средбата во Ерусалим од 1964, поглаварите ја укинаа меѓусебната анатема која беше последица на црковниот раскол од 1054.

Доколку ништо не ѝ се испречи на средбата во Куба, тоа ќе биде прво такво видување на рускиот патријарх со поглаварот на Римокатоличката црква. Веќе четврт век, според рускиот патријарх, две околности ѝ стојат на патот на оваа средба. Дискриминацијата на православните христијани на западот на Украина, за која според него е одговорна Унијатската црква поврзана со Рим. Втората околност е агресивната католичка мисионерска дејност во постсоветскиот простор, која Рим ја одрекнува. Средбата на Куба значи дека Москва фактички ги повлекува сите обвинувања против Рим.

Москва стапува во православно-католички дијалог

Најверојатно средбата ја иницирал Кирил. Тој е ученик на митрополитот Никодим кој во 60-те и 70-те години го водеше одделението за надворешни односи на Московската патријаршија. Тој се залагаше за подобрување на односите со Рим, му се допаѓаше како е раководена и управувана католичката црква. Изгледа дека тоа му го пренел и на Кирил.

Konstantin von Eggert Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Константин фон Егерт

За јуни е планиран Собор на поглаварите на 15 православни цркви на Крит со кои ќе претседава Вартоломеј I, вселенскиот патријарх кој е прв меѓу еднаквите. Досега тој ги негуваше односите со Ватикан и се среќаваше со поглаварите на католичката црква почнувајќи од Јован Павле II. Тој е заговорник на екуменизмот и приближување меѓу православната и католичката црква.

Руската православна црква е најголема во православниот свет. Москва е лута поради тоа што Вартоломеј разговара со католичките поглавари од името на сите православни цркви. Односите меѓу Москва и Константинопол се оптоварени со отцепувањето на разни православни групации од Руската православна црква. По средбата со папата, Кирил би можел триумфално да се појави на Крит и да соопшти дека отворил ново поглавје во историјата на христијанството. Но дома нема да го чека само одушевување. Најактивните делови на руската црква важат за конзервативни и склони кон теории на заговор. За нив папата во најдобар случај е „еретик“ а во најлош „слуга на сотоната“. Доколку двете цркви навистина се приближат, тогаш би можеле да се појават и јавни напади врз Кирил. Изгледа дека неговата проценка е оти ризикот не е преголем.

Либералниот дел на РПЦ, заминувањето на Куба на патријархот кој му е верен на Путин го толкува како вешт потег на рускиот државен апарат на чело со Путин. Путин, според тоа мислење, на тој начин сака да ги со зголеми угледот на Западот. Но нема назнаки дека Кремљ на кој било начин влијае врз односот на патријархот кон Светата столица.

Russland Patriarch Kirill Oberhaupt der Orthodoxen Kirche
Рускиот патријарх КирилФотографија: Getty Images/AFP/K. Kudryavtsev

Заедничка изјава?

Заедничката изјава на патријархот и папата веројатно нема да биде насочена кон актуелните светски кризи, туку кон предизвиците кои ги очекуваат двете цркви: секуларизација, потрошувачко општество, идеологија, радикалниот ислам и сѐ поголемиот прогон на христијаните.

Но, дали двајцата црковни поглавари ќе ги навестат и главните препреки во остварувањето на единството на православните и католиците? На пример, приматот на папата со амбиција да биде поглавар на сите христијани. Дали православието ќе го признае важењето на католичкиот обред? Во тие замрсени прашања не е можно да се пронајде брз одговор на еден состанок. Но оваа средба овозможува и натаму да се разговара за реалните чекори. Тие чекори би требало во некоја натамошна иднина да доведат не само до административно, туку и до духовно единство на христијанската црква.

Константин фон Егерт, по потекло Рус, а аналитичар, новинар и коментатор.