Силни Зелени, слаби социјалдемократи
15 мај 2019Германската министерка за правосудство, Катарина Барли, не беше премногу воодушевена кога дозна дека треба да биде носител на листата на Социјалдемократската партија (СПД) за изборите во Европскиот парламент. Во октомври минатата година шефицата на СПД, Андреа Налес, мораше ја искористи својата моќ на убедување за да ја натера омилената министерка да го прифати тоа. „Јас моето место го гледам во Берлин, Андреа“, наводно ѝ одговорила Барли на Налес. На крајот таа сепак попушти.
Опаѓачки тренд на популарноста на СПД во Европа
Сега таа со социјално ориентираната програма треба да ги освои гласовите на избирачите. Има едно барање: Зголемување на минималната надница, во Германија до 12 евра. „На секое место во Европа луѓето треба да можат да живеат од сопствениот труд“, рече Барли пред една недела кога врвот на СПД го усвои предлогот за изборната програма за европските избори. Друго важно барање на СПД е: Да се одбрани Европа со отворени граници од растечкиот десничарски популизам насекаде во Европа.
СПД на слаби 18 отсто
Зошто најпрво Барли се двоумеше за кандидатурата го покажува погледот на актуелните испитувања на јавното мисење: Кога сега би биле изборите за Европскиот парламент СПД би добил 18 отсто од германските гласови. Досега СПД во Европа беше посилна отколку на националните избори, во 2014 година доби 27,2 насто од гласовите. Но, сега партијата - како и во Германија - во анкетите за изборите за Европскиот парламент предвидуваат јасно помалку од 20 отсто гласа. И покрај Барли.
Доаѓа ли Вебер по Јункер?
Конзервативните партиите на Унијата: Христијанско-демократската (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) пак може да се надеваат на значително подобри резултати. ЦДУ и ЦСУ, кога сега би се одржале европски избори, со својот носител на листата Манфред Вебер (ЦСУ) би добиле 33 насто од гласовите, што е малку повеќе во однос на испитувањата за тоа колку би добиле кога сега би се одржале избори за Бундестагот. Вебер не е само кандидат на ЦДУ/ЦСУ на европските избори, туку и на Европската народна партија, во која се сите конзервативни европски партии. Вебер има големи планови: „Се кандидирам за станам претседател на Европската комисија!“, најави тој во средината на јануари. Главната тема на конзервативците во предизборната кампања за европските избори ја скицираше генералниот секретар на ЦДУ Паул Цимијак неделава во Берлин: „Како да ги обезбедиме нашите надворешни граници на ЕУ и како да ја организираме постапката за издавање на азил во Европска унија?“
Зелените
Партијата на Зелените во анкетите кои се однесуваат на популарноста на национално ниво со месеци се наоѓа во вртоглав подем и се надева на досега најдобри резултати на европските избори. Партијата токму што откри дека во партијата минатата година се приклучиле 10.000 луѓе, поради што сега брои 75.000 члена.
На европските избори, според последните анкети за Зелените би гласале околу 19 проценти од германските граѓани - тоа е за 8 насто повеќе отколку на изборите пред пет години. Водечкиот кандидат Свен Гиголд на партиската конвенција во ноември во Лајпциг порача: „Овие европските избори ќе бидат едни од последните големи изборите ширум светто кои доаѓа во вистинско време за да се променат работите во заштитата на климата“. Но, и кај Зелените, далеку напред во изборната програма стои предупредувањето од десничарскиот популизам.
АфД предлага „Дегзит“
Токму овие германски десничарски популисти од „Алтернатива за Германија" (АфД) , според анкетите можат да се надеваат на околу 10 отсто од гласовите. Во 2014 година штотуку основаната партија со предизборен фокус на ЕУ-скептицизмот а помалку на отфрлањето на либералната политика кон странците освои 7,1 насто и изненадувачки обезбеди пратенички места во Европскиот парламент. Добро познати претставници на партијата како што е поранешниот претседател на Сојузот на германската индустрија (БДИ), Ханс-Олаф Хенкел, влегоа тогаш како пратеници на АфД во Европскиот парламент. Но Хенкел поодцна излезе од партијата откако таа се помести уште подесно. Во Европскиот парламент, исто така, пратеник е и лидерот на АфД, Јерг Мојтен, кој сега е и предводник на изборната листа на партијата. АфД бара „Дегзит“, односно излегување на Германија од ЕУ. Но, само ако евроскептичните партии не успејат да издејствуваат реформи во Брисел, стои во програмата на партијата.
Левицата и ФДП изедначени
Конечно, партијата на Левицата и либералите (ФДП, исто така, се надеваат дека во предизборната кампања за европските избори ќе успејат да ги подобрат своите шанси . Според анкетите, двете партии може да очекуваат околу 6 до 8 отсто од гласовите на изборите во мај, што би било особено успешно за либералите. Имено тие на последните избори за Европскиот парламент во 2014 година освоија скромни 3,4 проценти.