1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Предности и ризици од легализација на канабисот

Александер Фројнд
22 јануари 2022

Подобар секс и заштита од Ковид-19 наспроти проблеми со концентрацијата и долгорочни последици - што вели науката во врска со ползата и ризиците од консумирањето канабис, пред сѐ за младите луѓе?

https://p.dw.com/p/45u5H
Symbolbild | Drogensucht
Фотографија: Bildagentur-online/Hermes Images/picture alliance

Марихуана, трева, ганџа, вутра ... - канабисот има многу различни жаргонски имиња, но сепак секогаш се работи за растение кое потекнува од централна Азија и чие дејство е познато со векови - како растение за производство на јажиња и текстил, но пред сѐ како опојно средство и како лек.

Канабисот, по алкохолот и никотинот, е трета најчесто консумирана психоактивна супстанција во светот. Канабис најчесто користат младите.

Контролите и забраните не можат да го запрат консумирањето канабис. Некогаш се сметаше за опасна почетничка дрога, а во последно време канабисот е сѐ повеќе прифатен од јавноста. Употребата на канабис станува легална во сѐ повеќе земји, наскоро можби и во Германија.

Подобар секс и заштита од Ковид-19

Дали канабисот е опасната почетничка дрога или лек? Во изминатите неколку месеци се појавија безброј студии кои имаат за цел да ги истакнат главните ризици или главните придобивки од ова растение.

Шпанска студија, спроведена од истражувачи од Универзитетот Алмерија, открива дека корисниците на марихуана имаат подобрена сексуална функција и подобри оргазми. „Ова подобрување обично се поврзува со намалување на анксиозноста и срамот, што ги олеснува сексуалните односи“, се наведува во студијата. Значи, оној кој со употреба на алкохол или канабис се ослободил од срамот, има подобар секс.

Минатата недела, американските истражувачи од Државниот универзитет во Орегон предложија канабиноиди за превенција и третман на Ковид-19, бидејќи тие го блокирале влегувањето на вирусот во клетките и на тој начин, како што се вели, штитат од инфекција со коронавирус.

Нивната студија покажа дека киселините CBGA (канабигеролна киселина) и CBDA (канабидиолска киселина) го врзуваат спајк-протеинот и спречуваат влез на Сарс-КоВ-2 во клетките, пишуваат научниците во стручното списание Journal of Natural Products. За разлика од добро познатиот тетрахидроканабинол (THC) во канабисот, CBGA и CBDA не се психоактивни.

Значи, психоактивниот THC придонесува за подобар секс, а канабис-киселините заштитуваат од Ковид-19 - па, зарем ова не се уверливи аргументи за чудесното растение?!

Infografik Legalisierung von Cannabis DE
Легализација на канабисот (светло сина - легален за приватно консумирање; потемно сина - легален за медицински цели; темно сина - деклриминализација или незадолжително кривично гонење; сива - нелегален)

Канабисот придонесува за долготрајни проблеми со концентрацијата

Работите не се така едноставни, зашто консумирањето канабис може да доведе и до долготрајни когнитивни проблеми, пред сѐ кај младите луѓе, чиј мозок сѐ уште е во силен процес на развој.

Ова неодамна повторно го покажа анализата на 10 мета-студии, објавена во списанието Addiction.

Анализата на податоците од 43.000 учесници покажа дека интоксикацијата со канабис (труење со канабис) може да доведе до когнитивно оштетување со мала или средна тежина, на пример кога станува збор за донесување одлуки, потиснување на несоодветни реакции, учење преку читање и слушање, обид да се запомни она што е прочитано или слушнато, или времето кое е потребно за да се заврши некоја ментална задача. Овие оштетувања може да траат не само додека сте „надувани“, туку и потоа.

„Употребата на канабис кај младите може да доведе до пониско ниво на образование, а кај возрасните до слаби работни резултати и опасно возење. Кај оние кои редовно и многу консумираат, овие последици може да бидат уште полоши“, вели коавторот на студијата д-р Александар Дима, вонреден клинички професор по психијатрија на Универзитетот Монтреал.

Вистина е дека возрасните кои консумирале многу канабис како адолесценти имаат во просек полоши резултати на тестовите за интелигенција и имаат тенденција да имаат помал успех на училиште или на универзитет. Сепак, директната врска сè уште не е докажана. Останува контроверзно дали употребата на канабис за возрасни може да има долгорочни последици.

Точно е дека возрасните кои како млади многу консумирале канабис, имаат во просек полоши резултати на тестови за интелигенција и помал успех на училиште или на студии, но директна поврзаност сепак не е докажана. Исто така, и натаму е спорно дали консумирањето канабис може да има долорочни последици врз возрасните.

Libanon Yammoneh | Cannabis Anbau in der Bekaa-Ebene
Дали канабисот е опасната почетничка дрога или лек?Фотографија: JOSEPH EID/AFP/Getty Images

Мозокот на младите луѓе е особено загрозен

Неспорно, меѓутоа, е дека консумирањето канабис може да му наштети пред сѐ на мозокот на младите, затоа што фронталниот дел од мозокот е целосно развиен дури на средината од 20-тите.

Трајни штети би можеле да настанат поради тоа што мозочната кора (кортекс) на младите консументи на канабис на одредени места е многу потенка отколку кај оние кои не консумираат канабис, покажа скенирањето на мозокот на 800 млади луѓе. Резултатите од студијата беа објавени минатиот јуни.

Погоден бил пред сѐ префронталниот кортекс, значи делот од мозокот кој ги контролира импулсите, кој е задолжен за решавање проблеми и планирање постапки. Според студијата, младите кои консумирале канабис биле поимпулсивни и се концентрирале потешко од останатите. Колку поголемо било консумирањето канабис, толку последиците биле поголеми.

Зголемен ризик од психози

Интензивната употреба на канабис може да предизвика психози, особено кај младите. Оние кои секојдневно пушат трева се соочени со трипати поголема веројатност да имаат психози во споредба со луѓето кои никогаш не користеле канабис, покажа истражување спроведено во Европа во 2020 година. Истражувачите од Психијатриската универзитетска болница во Улм дури забележале осумкратно зголемување на психозите во периодот помеѓу 2011 и 2019 година, што тие, меѓу другото, го припишуваат и на значително зголемената содржина на THC во многу џоинти.

Една британска студија покажа дека опојната THC-содржина во канабисот во Европа се удвоила во периодот од 2006 до 2016 година и тоа од осум на 17 проценти.

Cannabiskonsum  | Symbolbild
Интензивната употреба на канабис може да предизвика психози, особено кај младитеФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Всушност, опојното THC-дејство се намалува со присуството на канабидиол (CBD). CBD се користи и за терапија на болка, рак, мултиплекс склероза и синдроми на воспалителна болка како артритис. Но, според студијата, процентот на CBD во канабисот со кој се тргува често значително се намалува.

Редовното и големо консумирање на THC кај младите не само што може да предизвика психози, туку и анксиозни нарушувања, биполарни нарушувања или депресија. Сепак, останува контроверзно дали употребата на канабис ги предизвикува овие нарушувања или пак адолесцентите со такви психички проблеми се поподложни на големо консумирање канабис.

Подобар квалитет

И покрај ризиците и нуспојавите, канабисот е најомилена илегална дрога меѓу младите. Тоа не може да го запрат ниту контролите и забраните. Други омилени дроги, како алкохол и тутун, во Германија може да се купуваат легално, иако овие дроги може да имаат големи здравствени, социјални и општествени последици. И покрај тоа што постои возрасна граница за продажба, младите можат релативно едноставно да дојдат до алкохол и тутун.

Бум на производството на медицинска марихуана

Дебатата која се води во многу делови од светот за легализација на канабисот покажува дека во јавноста се зголемува степенот на прифаќање на канабисот. И новата германска влада сака да го легализира канабисот. Легализација, како што се вели, би можела да придонесе пред сѐ за подобрување на квалитетот на канабисот.

Според Германското здружение за коноп, во последните години на улиците се нуди сѐ повеќе нечист канабис, кому му се додадени песок, шеќер, стакло или зачини. Освен тоа, сѐ почесто се нуди и синтетички канабис. Овие таканаречени синтетички канабиноиди се многу поопасни од THC, затоа што тие се психоактивни супстанции кои го засилуваат дејството на дрогата и предизвикуваат губење на контролата. Кај консументите може да доведат до психози и колапс на кардиоваскуларниот систем.

- повеќеКанабисот влегува на широка врата во Северна Македонија

Со декриминализација и легализација, поврзани со утврдување на максимално THC-количество и обврска за етикетирање на адитивите, зравствените ризици, како што тврдат застапниците за легализација на канабисот, би можеле зналително да се намалат. Доколку со легализација се постигне младите корисници на канабис да не мора веќе да се кријат, тогаш од тоа ќе профитираат и понудата на терапии и превенцијата, наведуваат тие. Тогаш на училиште или дома ќе може поотворено да се разговара за ризиците од канабисот, особено за младите.

Во прилог на легализацијата на канабисот во Германија одат и некои економски аргументи. Имено, државата со легализацијата би можела да добие 4,7 милијарди евра дополнителен приход, пресмета Институтот за економски истражувања ДИЦЕ во Диселдорф.