Заев го впери прстот кон Груевски за „крвавиот четврток“
27 ноември 2020Премиерот Зоран Заев кој денеска сведочеше за собранските инциденти на 27 април 2017 година, прстот за одговорноста го посочи кон поранешниот премиер, бегалецот Никола Груевски. Токму тој, според Заев, е главниот организатор на упадот во Собранието, а не тројката обвинети поранешни државни функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски. Заев сведочеше дека имал сознанија дека овие обвинети се изманипулирани од Груевски. Ним им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
„Верувам дека сите посакуваат да не се повтори и верувам дека една од гаранциите за тоа се ваквите судски постапки. Како човек жртва на тој настан, сметам дека бев прв таргет на група со цел да одзема животи. Не мислам дека главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски. Ова го кажувам затоа што бев секој ден во Собранието и знам што се случувало и не верувам дека е коректно вакво тешко дело“, сведочеше Заев присетувајќи се на „крвавиот четврток“.
Одбраната изненадена
Одбраната е изненадена од сведочењето на Заев, и очекува обвинението да биде повлечено.
„Ако првиот човек на државата во изминатите четири години како премиер, со пристап до сите безбедносни информации, каже дека организатори за настаните од 27 април 2017 во Собранието сигурно не се Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски, мислам дека е сосема релевантна информација која може да се земе предвид и ова обвинение треба во таа насока и да оди, односно тоа да биде повлечено“, изјави бранителот на обвинетите Еленко Миланов.
На сведочењето на премиерот реагираше и обвинителката Вилма Русковска.
„Заев нема докази дека обвинетите се невини и неговата улога во процесот е само како сведок“, рече Русковска којашто постапува во предметот. Таа вели дека очекува судот да носи одлуки според материјалните докази приложени од двете страни.
Груевски: Заев патолошки ме мрази
Во овој предмет обвинет е и поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски. Никола Груевски не е на листата и за него истрагата е прекината откако побегна во Будимпешта. Поранешниот премиер, кој веќе неколку години ги избегнува судските процеси во земјава, од Будимпешта порача дека не е организатор на насилното влегување во парламентот.
„Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омраза кон мене“, вели Груевски.
„Тој денес уште еднаш јавно покажа дека е промотор на овој длабок и интензивен политички прогон врз мене каков што одамна не се случил во македонската историја. Токму тој, понекогаш во соработка со други негови соработници, лично го осмислува и го нарачува прогонот против мене, често и кон мои блиски соработници со цел да ги притисне и уцени да бидат сведоци во неговиот нечовечки нагон да ми направи најголеми можни штети, понижувања, апсења, судења, пресуди, затвори и секаков друг вид малтретирања. Има повеќе причини за тоа, а едно од тие сигурно е што јас сум антипод на неговите политики на промена на уставното име, идентитет и историја на македонскиот народ, но и антипод на неговите безидејни економски политики и редица други политики и резултати“, напиша Груевски на Фејсбук.
Груевски вели дека според информациите што ги добил, Заев најавувал дека во овој мандат ќе направи најголеми можни напори и активности за да го затвори, употребувајќи секакви можни и најбрутални методи.