1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Миграција

Пресметка на Папата со Европа

6 декември 2021

Тоа беше остар говор. Не со децибели, туку со изборот на зборови. Пред бегалците на Лезбос, папата Франциско ја осуди изолацијата на Европа. Со право, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/43tPw
Папата Франциско на средба со бегалците на Лезбос
Папата Франциско на средба со бегалците на ЛезбосФотографија: Andreas Solaro/AFP/Getty Images

Папата Франциско беше многу јасен. Медитеранот, таа „колевка на бројни цивилизации“ се претвори во „студени гробишта без надгробни споменици“. Тој обвини дека се останува „глув“ за потребите на ближниот, префрла „смртоносна рамнодушност“ и „цинична незаинтересираност“.

Во речиси деветгодишниот мандат на Папата Франциско досега вакво нешто немало. Веќе вторпат е на грчкиот остров Лезбос и по вторпат одржа говор – обраќајки се и на бегалците и на светот.

Кон средината на април 2016 година Папата имаше кратко обраќање. „Дојдовме овде за да го свртиме вниманието врз оваа тешка хуманитарна криза и да најдеме нејзино брзо решение“, рече тогаш поглаварот на римокатоличката црква. Објасни и зошто го посети островот заедно со поглаварот на цариградската патријаршија. Но, тоа беше молитва и молба на која немаше реакција.

„Ова е светски проблем“

Но, сега за разлика од првиот пат, сѐ што кажа беше со поголема доза на очај и лутина. Папата жали за неактивноста на Европа во помошта за бегалците и мигрантите. „Со горчина мора да признаеме дека оваа земја, како и другите, сѐ уште е под притисок и дека во Европа сѐ уште има луѓе кои се однесуваат како овој проблем да не ги засега.“

Повеќе: Папата на колена пред бегалците

„Ова е светски проблем“, рече Папата и го преслика преку вакцинацијата во корона пандемијата. „Сфативме дека во денешниов свет мораме да имаме заеднички пристап на големите прашања, бидејќи фрагментарни решенија не се доволни.“

Кристоф Штрак, автор на коментарот
Кристоф Штрак, автор на коментаротФотографија: DW

„Ужасен застој“

Во глобалната борба против заразата со вирусот, соработката е барем делумно успешна – но Папата воочува „ужасен застој“ кога станува збор за миграцијата.

По секоја катастрофа во Средоземното море со десетина или дури и стотици мртви, шокот е голем. Но, на крај се завршува само на шок и толку. Често има извештаи за наводно илегално протерување и враќање на бегалците во Турција. Пред неколку дена „Њујорк тајмс“ пишуваше дека грчките граничари мислеле дека еден преведувач за Фронтекс, Агенцијата за заштита на границите на ЕУ, е всушност барател на азил, па го претепале и незаконски го протерале во Турција.

Сѐ уште не постојат заеднички прописи во ЕУ за азилот и прифаќање на бегалците. Се чини дека сите држави членки ги затвораат очите и се надеваат дека сето ова некако ќе помине. Во Германија дебатите за оваа тема брзо се завршуваат со фразата – „Па не можеме да ги примиме сите.“

Хуманитарни коридори

Но, не се работи за тоа, туку да им се помогне на луѓето во неволја, особено на семејствата со деца. Да не се вели дека тоа не може да се спроведе. Едноставно само да се остане на зборови. Често се слушаат и обвинувања дека Папата не прави ништо, а има огромна палата.

Да потсетиме, католичкото движење „Sant’ Egidio“, заедно со протестантските цркви во рамки на таканаречениот „хуманитарен коридор“, веќе пет години во Италија носат бегалци кои ги извлекуваат од камповите во Либан, Либија и Ирак. И тоа без никаква државна финансиска поддршка. Проектот во целост се финансира од донации. Луѓето на кои на овој начин им се помага внимателно ги избираат на лице место, а нивната вера при тоа не игра улога. Често се семејства со деца или лица на кои им е потребна посебна медицинска помош.

Папата зема 12 бегалци од Лезбос

Европа уморна и немоќна ?

Овие луѓе на аеродромите ги пречекуваат посебни лица, за нив се подготвени и станови во заедниците, а им помагаат волонтери. Во Рим тоа често се станови на римокатоличката црква, вклучително и Ватикан. Папата од време на време повикува бегалци во Ватикан без голема медиумска помпа. Сака да ги сослуша, да ги следи на нивниот пат. „Хуманитарните коридори“ во меѓувреме се воспоставени до Франција, Белгија и Андора. А, земјите домаќини им издаваат хуманитарни визи.

Италијанскиот католицизам често може да се критикува, но овој пример покажува дека сепак нешто може да се направи.

Истовремено во многу земји луѓето се прават глуви и слепи. За Папата кој доаѓа од Аргентина, речиси од крајот на светот, оваа Европа е веќе одамна уморна и немоќна и ја загуби својата традиционална отвореност и корени.

Но, тој не сака да се помири со ова. Оттука и лутината. Во Атина еден ден претходно се пресмета со Европа и некои политичари. Според Папата само добрите политики насочени кон општото добро и помош за најслабите, може да помогнат против заморот од демократијата.

Дали острата критика на Папата ќе размрда некого во Брисел и Европа? Малку веројатно.