1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателска дебата - верзија: рането животно

БГ
10 октомври 2016

Притиснат до ѕид по скандалот со протеченото видео, Доналд Трамп тргна во контранапад против Хилари Клинтон. Сопствениот сексизам го бранеше со секс-скандалите на Бил Клинтон, нарекувајќи ја Хилари „ѓавол“

https://p.dw.com/p/2R4eX
US TV Debatte Trump vs Clinton
Фотографија: Reuters/J. Young

Во трка за поддршка, а со сѐ помалку време на располагање, Доналд Трамп со сите сили се бореше во втората дебата со Хилари Клинтон. Притоа, на својата база од тврдокордни поддржувачи конечно им го  пружи перформансот кој долго го очекуваа, но понуди многу малку за пошироката американска публика која има отпор кон неговата кандидатура.

Во 90-минутниот судир преполн со навреди и прекини, Трамп ја употреби секоја тактика која му стоеше на располагање за да избега од видео снимката која ја разниша неговата кампања, и речиси ја уништи неговата кандидатура. Тој понуди малку покајание и никаква воздршка. Го пренасочи вниманието кон секс-скандалите на Бил Клинтон од минатото. Во неверојатен личен напад, Трамп тврдеше дека во срцето на Клинтон гледа „огромна омраза“, ја нарекуваше „ѓавол“ и лажга, и на крајот најави дека, доколку биде избран, ќе ја испрати во затвор.

Неговите маневри не поштедија никого - дури ни неговиот потпретседателски кандидат или партијата која го номинираше. „Толку сум разочаран во конгресмените, вклучителни и Републиканците, што дозволија ова да се случи“, рече тој, критикувајќи ги законодавците поради нивниот однос кон истрагата за мејловите на Клинтон.

Настапот беше живописен приказ на сето она што го направи Трамп несопирлива сила во американската политика во изминатите 15 месеци. Тој покажа дека нема да биде заплашен од кризата или задржан од вообичаените норми на цивилизациско однесување.
Клинтон се спротивстави на нападите на Трамп со презирни насмевки и превртување на очите. Таа ја започна дебатата во Сент Луис цитирајќи ја првата дама Мишел Обама: „Кога тие одат ниско, ти оди високо“. Кога Трамп повеќепати ја прекинуваше, Клинтон одбра да не протестира - надевајќи се дека нејзиниот ривал ќе се задави во сопствените зборови. Но нејзината стратегија беше помалку успешна од првиот дуел. 

US TV Debatte Trump vs Clinton
Наместо покајание, Трамп влезе во навредлива офанзива кон КлинтонФотографија: Reuters/J. Young

Трамп не се покаја ниту за своето даночно досие. Напротив, првпат призна дека со години не плаќал данок. Прашан дали сака да каже колку долго одбегнувал плаќање данок одговори:„Не“.

Иако републиканските лидери го повикуваа да не го прави тоа, Трамп упорно се бранеше со споменување на секс-скандалите на Бил Клинтон во 1990-те години.

Трамп не понуди нови политики, ниту решенија за проблеми како здравственото осигурување или националната безбедност. Соочен со контрадикторноста во неговата и позицијата на неговиот потпретседателски кандидат Мајк Пенс околу идниот ангажман во Сирија, Трамп остро го отфрли и Пенс.
„Тој и јас не сме разговарале на оваа тема и не се согласувам. Не се согласувам“, рече Трамп. 

На некој начин, целната публика на Трамп не беа просечните гласачи туку лидерите на Републиканската партија, кои сега се во позиција да одлучат дали да продолжат да трошат пари и време во обид да го помогнат изборот на нивниот кандидат. Нејасно е дали настапот на Трамп помогна во тој дел- иако ниту еден републикански лидер не ја повлече поддршката по дебатата, за разлика од деновите по скандалот со видеото.

Републиканските лидери кои ја носат таа одлука, вклучително и проценките за влијанието на Трамп врз нивните шанси да ја задржат контролата врз Сенатот, можат да бидат сигурни дека тој нема тивко да се повлече.

Прашани да кажат на што се восхитуваат еден кај друг на крајот на дебатата, Трамп рече дека ја почитува истрајноста на Клинтон. „Таа не се откажува“, рече тој. Ниту таа.