Претседателството на Обама низ фотографии
На крајот на мандатот на Обама, ДВ се осврнува на неговото време во Белата куќа. Од реформите во здравството до осветлувањето на Белата куќа во боите на виножитото, ова се најважните моменти.
Им пееше Бијонсе
Денот кога Барак Обама стана 44-от претседател на САД беше историски за земјата. На 20 јануари 2009 година, повеќе од 230 години по основањето на државата, на нејзино чело застана првиот претседател кој не беше белец. На инагурацискиот бал, Барак и Мишел Обама го одиграа својот прв танц како претседател и прва дама на САД.
Земја во криза
Мандатот на Обама започна за време на една од најголемите економски кризи по Големата депресија. Балонот на пазарот со недвижнини пукна по банкротирањето на банката „Лиман брадерс“ и предизвика рецесија во целиот свет. Денот по давањето на заклетвата, Обама воведе мерки за заживување на економијата кои вклучуваа даночни олеснувања и инвестиции во инфраструктурата вредни 800 милијарди долари.
Здравствено осигурување за 20 милиони граѓани на САД
Во март 2010 година Обама исполни едно од главните предизборни ветувања: потпиша нов Закон за здравствена заштита кој овозможи здравствено осигурување за 20 милиони луѓе. Наследникот на Обама, Доналд Трамп повеќе пати изјави дека ќе настојува да го укине тој систем час поскоро.
Нобелова награда во време на војни и напади со дронови
Обама не ја извршуваше функцијата ниту една година кога Нобеловиот комитет му додели Нобелова награда за мир за „неговите големи заслуги во зајакнувањето на меѓународната дипломатија и соработката меѓу народите“ – иако во тој период САД учествуваа во две војни, а нивните дронови беа одговорни за смртта на стотици цивили
Смрт на стариот непријател – и раѓање на нови
По еднодеценискиот лов на лидерот на Ал Каеда, Вашингтон во мај 2011 година соопшти дека специјалците на САД го убиле Осама Бин Ладен, за кого тврдеа дека е одговорен за нападите од 11 септември 2001 година. Но, тоа не го намали бројот на терористи. Напротив. САД во 2014 година почнаа да изведуваат воздушни напади против борците на „Исламска држава“.
Новиот почеток и повторно заладување на односите со Русија
Обама го почна својот мандат со ветување дека ќе ги обнови односите со Русија. Во 2010 година тој го покани тогашниот руски претседател Димитриј Медведев на хамбургер. Но, по анексирањето на Крим од страна на Русија и руската воена поддршка на режимот на Башар ал Асад во Сирија, односите се заладија. Сега САД ги обвинуваат „руските хакери“ дека влијаеле на претседателските избори во 2016.
Декрет за имигрантите
Во јуни 2012 година, Обама потпиша декрет со кој на младите нерегистрирани имигранти им овозможи да студираат во САД и на оние кои служеле војска да можат да останат во земјата. Четири години подоцна, Врховниот суд го блокираше декретот. Соочен со Конгресот во кој доминираат републикаците, Обама често се служеше со декрети да ја оствари својата политичка агенда.
Уште четири години
Во ноември 2012 година, Обама прослави уште една победа на изборите – иако победата ја извојува со помала разлика во освоените гласови. Во инагурацискиот говор тој ги изнесе целите на неговата администрација во новиот мандат: промовирање на правата на ЛГБТ заедницата, заштита на животната средна, реформа на законот за имиграција и контрола на продажбата и користењето на оружје.
Претседател на виножитото
Обама е првиот претседател на САД кој одобри истополови бракови. Кога Врховниот суд одлучи да ги легализира истополовите бракови – во јуни 2015 година – Белата куќа беше осветлена во боите на виножитото – во знак на солидарност со ЛГБТ движењето.
Bienvenido a Cuba
Обама ги оживеа дипломатските односи со соседната Куба. Кога ја посети земјата во март 2016 година, тој беше првиот претседател на САД кој го сторил тоа во последните 88 години. Кон крајот на 2014 година, претседателите Раул Кастро и Барак Обама најавија обновување на односите. Обама ги укина сообраќајните санкции и повторно отвори амбасада на САД во Хавана.
Секогаш во центарот на вниманието
Без разлика дали станува збор за ТВ емисии со Џими Фелон или Зак Галифијанакис, претседателот – вешт говорник со беспрекорен тајминг – секогаш привлекуваше поголемо внимание од познатите комичари. На сликата е Барак Обама на сцена со својот „гневен преведувач“.
Првата Латиноамериканка во Врховниот суд
Обама именуваше две жени за судијки во Врховниот суд. Тоа се Елена Кејган и Соња Сотомајор – првата Латиноамериканка која ја извршувала оваа функција. Со тоа, бројот на жени помеѓу деветмината врховни судии се зголеми на вкупно три.
Далеку од пост-расистичка САД
Изборот на Обама често беше нарекуван „почеток на крајот на расизмот“, но почетното одбивање да се занимава со решавањето на расните конфликти разочара многумина. Во март 2015 година, во Алабама, претседателот Обама го одбележа 50 годишниот напредок во однос на времето кога полицијата ги тепаше мирните Афроамерикански демонстранти. И призна дека борбата за расна еднаквост не е завршена.
Гвантанамо е сеуште отворен
Обама не го исполни ветувањето дека ќе го затвори логорот за заробеници на САД во кубанското пристаниште Гвантанамо. Во овој озлогласен затвор во кој се сместени луѓе без претходна судска постапка, а нивните признанија се изнудуваат со тортура, сеуште има неколку десетици затвореници.