1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Претстои драматична промена на морињата“

Карин Јегер/Ж.А.29 ноември 2015

Морињата им се потребни на луѓето поради климата и исхраната. Но, над 40 проценти од светското население живее близу бреговите и предизвикува големи штети, вели океанологот и истражувач на климата, Мартин Висбек.

https://p.dw.com/p/1H511
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zimmermann

„Ако луѓето не го подобрат односот кон морињата, океаните ќе претрпат драстични промени“, предупреди Мартин Висбек при презентацијата на четвртиот извештај за состојбата на светските океани, одржана во Берлин. На 130 страници над 250 научници од повеќе институти ги презентираа своите сознанија на тема „Океанот на иднината“. Во студијата се внесени и предлозите за еколошки одржлив однос кон морињата. Зашто, факт е - водата покрива три четвртини од земјината површина.

Човекот профитира од морињата и бреговите, користејќи ги за транспортни патишта, како извор на прехранбени производи и суровини или како место за одмор. Преку прекумерниот риболов, испуштањето отрови, преку дупчење заради експлоатација на нафта и гас, често осетливите еко-системи се изместуваат од рамнотежа, гласи сознанието на научниците. Исто така, и планираното вадење руди од морското дно, како и растечкиот туризам можат да имаат негативно влијание. Освен тоа, од 20 светски мегаполиси, секој со над 10 милиони жители, 13 се наоѓаат близу до некој океан.

„Крајната цел е доведување до баланс на екологијата, економијата и луѓето“, вели Висбек, имајќи ги предвид и идните предизвици.

Deutschland Ozeanograph Martin Visbeck
Мартин ВисбекФотографија: picture-alliance/rtn - radio tele nord

Големи разлики: силен и слаб одржлив развој

Конрад От, професор по филозофија и еколошка етика на Универзитетот во Кил, аргументира дека „сузбивањето на сиромаштијата во многу земји има највисок приоритет, додека димензијата на заштита на природата паѓа во сенка или се посматра како луксуз во западен стил.“ От и неговите истомисленици и соработници во студијата пледираат за поимот посилна одржливост, кој би вклучувал и фокусирање врз одржувањето односно ревитализирање на сите фондови на природни богатства.

„Силната одржливост на пример исклучува уништување на мангровите шуми (тип вегетација која се развива во мочуришни области и во устијата на реки, н.з.), за слабата одржливост е прифатлива нивна преобразба во фарми за производство на ракчиња и туристички центри“, објаснува От. Од негов аспект, Кина е типичен пример за преферирање на слаба одржливост. Оваа земја толерира масивно искористување на природните ресурси за изградба на инфраструктура, универзитети, градови и поинтензивно земјоделство.

„Слабата одржливост нема да функционира“, тврди Висбек. Силната одржливост напротив инстистира на регенерирање на рибниот фонд и заштита на животните простори. Висбек гледа натамошен проблем во невоедначената политика кон морињата: „Бројни институции и организации низ целиот свет се занимаваат со заштитата и користењето на морињата. Во Европа започнува употреба на заеднички правила, но постои некоординираност со другите континенти, иако притоа ние делиме еден океан“, вели експертот.

Plastikmüll am Strand
Пластичен отпад нанесен од брановите на плажаФотографија: CC BY 2.0 / Kevin Krejci

Во други региони, како во Азија, секој од природата си зема што сака, истакнува Висбек. Во густо населената Европа пак земјите водат еден вид просторно планирање за своите брегови. Германија, на пример, го има планирано секој квадратен километар, вклучувајќи ги и еколошки заштитените зони, водните патишта, струјните далноводи. Килските научници го застапуваат гледиштето за неопходност од правење планови во светски рамки, со цел да се превенираат конфликти околу користењето на ресурсите.

Апел до цивилното општество

„Политиката мора да ја врши својата работа, но не е без улога и цивилното општество. Секој може да го даде својот придонес против пластиката и останатиот смет во морињата. Како потрошувачи, ние на пример треба да инсистираме да ни се наудат на купување риби чиј фонд во водите не е загрозен од истребување поради прекумерен риболов.“

Висбек во Германија гледа развоен пазар за сертифицирани производи - слично како кај месото. Во другите земји свеста за еколошките теми е на пониско ниво. Но, токму заштитата на природната средина е она што може да помогне во борбата против сиромаштијата. Земјите кои не го согледуваат фактот, се заробени во својата кратковидост. Дали тоа ќе се промени, неизвесно е, вели Висбек.