1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Признавањето на Гуаидо не менува многу

5 февруари 2019

Германија го призна венецуеланскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо за в.д. претседател. Но тоа нема многу да промени во самата земја, смета Оливер Пипер

https://p.dw.com/p/3CiuY
BdT | Venezuela Krise
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Llano

Кога бил прашан колку потези однапред замислува за време на меч, Боби Фишер во една прилика одговорил: „Воопшто не мислам однапред, така победувам.“ Одговорот на неговиот колега велемајстор Самуел Решевски на истото прашање не беше толку дрско: „Еден потег пред мојот противник“.

Политиката е како шах: Или силата на увереноста дозволува одредена помпезност а ла Фишер, или- како што е почесто случај во реалполитиката- ги следите реакциите на противникот и се подготвувате да реагирате брзо, особено кога ривалот од другата страна на масата е искусен измамник.

Германија првично му даде ултиматум на претседателот на Венецуела Николас Мадуро: Во рок од осум дена да свика претседателски избори. Доколку тоа не се случи, Германија ќе го признае Хуан Гуаидо за в.д. претседател.

Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на ЕУ не успеаја да договорат заеднички став за Венецуела, и тој неуспех дополнително ја заслабна позицијата на Германија. Без оглед на тоа, шефот на германската дипломатија Хајко Мас продолжи да бара од Мадуро „итна промена на курсот“ и „иницирање на веродостоен политички процес во рамките на политичката рамка“.
Мадуро одговори така како што сите во Берлин требаше да очекуваат: одби да свика нови избори. Следните редовни претседателски избори се планирани за 2024 година, и барањата од Европа не ја потресуваат многу неговата влада.

Oliver Pieper Kommentarbild App PROVISORISCH
Оливер Пипер

Можеби германските претставници потајно се надеваа дека меѓународниот притисок врз Мадуро ќе продолжи да расте и ќе доведе до менување на страната на високи воени функционери, и дека Русија и Кина ќе ја прекинат поддршката. Но, колку беше тоа веројатно, особено кога си имате работа со уметник за преживување како Мадуро? Калкулантските обиди на Германија да го матира, кои не беа направени од силна позиција, се покажаа неуспешни.

Што понатаму?

По одбивањето на Мадуро да одржи нови избори, Германија и многу ЕУ држави го признаа опозицискиот лидер Гуаидо за в.д. претседател. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека очекува од Гуаидо „да иницира изборен процес што е можно побрзо“.

Германија си остана доследна на зборот и однесувањето на владата го рефлектира тоа. Но следниот чекор сега е во рацете на Венецуела, и ништо не укажува на тоа дека Каракас подготвува задоволителен одговор. Мадуро ќе продолжи да тврди дека тој е избран шеф на државата, а Гуаидо ќе тврди дека тој е легитимен в.д. претседател. Останува да се види дали Гуаидо воопшто ќе може да го загрози Мадуро, кој може да се потпре врз државниот апарат за организирање на претседателски избори. И што ќе биде потегот на Германија тогаш?

Мислењето на многу поддржувачи на Гуаидо е дека доколку не успее уривањето на Мадуро сега, тоа нема никогаш да се случи. Колку подолго трае битката за превласт во Венецуела, поголеми се шансите на Мадуро да опстане. Можеби е тоа така затоа што тој секогаш мисли еден потег пред своите противници.