1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Признание на информантот на Викиликс

ЖА/дв/дпа/афп/ртре1 март 2013

Објавувањето доверливи американски документи на крајот на 2010 година во цел свет предизвика бура. Војникот Бредли Менинг призна дека ги доставил инфорамциите, очигледно, за да се спаси од доживотен затвор.

https://p.dw.com/p/17oTn
Фотографија: Getty Images

Американскиот војник Бредли Менинг, кој е обвинет дека на сајтот Викиликс му испраќал доверливи документи, ја призна вината за 10 од 22 точки од обвинението, но негираше дека е виновен за најтешката од нив, а тоа е помагање на непријателот. Менинг (25) демантира дека тоа што на Викиликс му испратил стотина илјади доверливи документи од американската влада, претставува соработка со непријателите на САД. Судијата на воениот суд во базата Форт Мид во Мериленд треба да одлучи дали ќе го прифати признавањето на вината од страна на обвинетиот.

Менинг понуди да признае дека е виновен, меѓу другото, за давање доверливи документи на Викиликс, со што ги прекршил воените правила, но не, како што тврди, и американските закони за шпионажа. Тој бил уверен дека со објавувањето на документите ќе може да се развие дебата околу „надворешната политика и војната воопшто“. Објавувањето на документите предизвикало загриженост кај него, но тој бил уверен „дека тие нема да предизвикаат штета за САД“. Менинг опиша како ги симнал доверливите документи за време на своето стационирање во Ирак од воените компјутери. Тој присвоил две датотеки водени за секојдневните инциденти на американските мисии во Ирак и во Авганистан.

„Тогаш, но и денес, верувам дека се тоа двата најважни документи на нашето време“, рече Менинг. Освен тоа, тој симнал и доверливи дипломатски депеши и видео за нападот на американски хеликоптер врз авганистански цивили, во кое особено до израз доаѓа уживањето во убивањето. Прво, тој безуспешно се обидувал овие материјали да им ги продаде на реномираните американски медиуми, како весниците „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, а потоа ги испратил до Викиликс, чиј основач Џулијан Асанж ги објави без да го наведува изворот.

Доколку судијата го прифати неговото признавање на вината за дел од обвинението, Менинг би можел да биде осуден на 20 години затвор.