Членството на Турција во ЕУ под голем знак прашање
17 април 2017Европскиот парламент уште во ноември 2016 година се изјасни за прекин на пристапните преговори со Турција. Иако претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на референдумската кампања ги оцрнуваше европските политичари како нацисти, а од обвиненија не ја штедеше ниту Европската Унија, членките на ЕУ сe воздржуваа од какво било дејствување против Ердоган. Но, по неговата победа на референдумот за уставени реформи веројатно нема веќе да има воздржување. Барањето кое досега го упати само Австрија - пристапните преговори целосно да се прекинат - би можело да добие сѐ повеќе заговорници.
Германската канцеларка Ангела Меркел формално и натаму ја негуваше пристапната перспектива за Турција, бидејќи таа е една од главните заговорници на „бегалскиот договор“ со Анкара. Со него ЕУ и Анкара пред една година се договорија Турција повторно да ги прими бегалците од Грција и од земјите на таканаречената Балканска рута. Овој договор, освен тоа, предвидуваше повторно придвижување на пристапните преговори, но во тоа досега не се успеа.
Предвидено беше и укинување на визниот режим на земјите од ЕУ за турските граѓани - веднаш штом Турција ги исполни последните услови неопходни за тој чекор. Но дали тие услови - ублажување на антитерористичките закони - по успехот на Ердоган на референдумот некогаш би можеле да бидат исполнети, е голем знак прашање.
„Неискрени преговори“
Потпретседателот на Европскиот парламент и политичар од редовите на германската Либерална партија , Александер гроф Ламбсдорф ја повика Европската унија да биде искрена и да ги прекине пристапните преговори: „ Президијалните фантазии за семоќ на Ердоган јасно потврдуваат во колкава мерка земјата во меѓувреме се оддалечи од темелните вредности на Европската унија. Крајно време е неискрените пристапни преговори со Турција да бидат прекинати и односите со земјата да се постават на нови темели“. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ги отфрли повторните закани на турските политичари за раскинување на „бегалскиот договор“. Во март тој уште говореше за тоа дека веќе се навикнал на таквите закани.
„Нема смисла бесот да се искажува на преговорите кои во моментов де факто не се ни одржуваат“, ја коментираше Јункер дискусијата за прекин на пристапните преговори, кои и онака веќе со години се закочени.
Чисто формално е неизвесно дали една Турција со претседателски систем и без вистинска поделба на власта одговара на критериумите, кои според сфаќањата на ЕУ, мора да ги исполни една правна држава. Единствената црвена линија која претседателот на Еврокомисијата, Јункер, досега ја има повлечено е повторното воведување на смртната казна. Претседателот Ердоган, имено, повторно ја стави смртната казна во јавниот дискурс по неуспешниот државен удар во неговата земја во јули минатата година.
Последната врска
Европратеничката од редовите на германската Партија на Левицата, Мартина Михелс, учествуваше како набљудувач во еден судски процес против опозиционери во Анкара. Како и многу невладини организации и таа на можниот прекин на пристапните преговори со Турција гледа скептично. Тоа би ја прекинало и последната важна врска преку која може уште да се влијае врз Турција, вели таа и додава дека многу групи во турското граѓанско општество ја молат Европа: „Не оставајте нѐ сами“.
Турција во секој случај останува тесно поврзана со Европа по прашањето на безбедносната политика. Таа е членка на НАТО и тоа членство не се доведува во прашање, бидејќи земјата геостратешки е премногу важна поради нејзината положба меѓу Кавказот и Блискиот Исток. Освен тоа, НАТО нема толку строги критериуми како Европската унија. И кога на власт во Турција беше армијата, земјата остана во членството на Алијансата.