1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот на Прага со Пекинг

Кено Верзек
14 септември 2020

Кина на досега невиден начин ја става земјата членка на ЕУ, Чешка, под притисок. Тоа фрла сенка и на тековниот самит ЕУ-Кина.

https://p.dw.com/p/3iS2t
Tschechien Flaggen mit Farbe besprüht vor Besuch Xi Jinping
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Cizek

„Јас сум Тајванец!" Тоа е реченица која изгледа ќе влезе во историјата на чешката дипломатија. Претседателот на чешкиот Сенат Милош Вистрчил го кажа на почетокот на септември при говор во парламентот во Тајван, алудирајќи на познатата изјава на Џон Ф.Кенеди во Берлин. Идејата беше знак на солидарност со демократска земја која со децении е под притисок на тоталитарна Кина.

Реченицата е централниот момент на посета за која во Чешка речиси една година има тешки политички препирки и која и во европската политика кон Кина предизвика потреси. Кина посетата уште месеци однапред ја критикуваше со невидена дипломатска острина.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји токму за време на престој во Германија се закани дека Чешка „ќе плати висока цена” за посетата на Тајван од претседателот на Сенатот. Тоа го натера германскиот колега Хајко Мас невообичаено отворено да критикува при средбата со Ванг. Пред тоа познати светски политичари застанаа зад Вистрчил.

Taiwan Besuch tschechische Delegation Milos Vystrcil
Милош ВистрчилФотографија: picture-alliance/dpa/CTK/M. Krumphanz

Ново ниво на ескалација

За денешниот самит меѓу ЕУ и Кина кој првично требаше да се оддржи во Лајпциг, но поради корона-пандемијата е префрлен онлајн, посетата на Тајван на чешкиот престедател на Сенатот е најновиот и веројатно најделикатниот товар. Главен фокус на самитот се трговските и инвестициските прашања, за кои Кина и ЕУ со години водат контроверзна дебата. Разговорите се засенети од бруталното сузбивање на Кина на демократското движење во Хонг Конг и суровиот третман на Ујгурското малцинство во Кина.

Сепак со кинеската критика за посетата на Тајван на чешкиот претседател на Сенатот европско - кинеските односи достигнаа ново ниво на ескалација. Никогаш порано во изминатите неколку години кинеското раководство не вршеше толку постојан, масивен и отворен притисок врз земја-членка на ЕУ. „Кина ја користи Чешка како поле за тестирање во ЕУ," вели за ДВ политологот Јакуб Јанда кој е на чело на прашкиот „Центар за безбедност за европски вредности“ (БЦЕХ). „Кина во Чешка пробува до каде може да оди со непријателско мешање, притисок, изнуда и заплашување за да види како на тоа ќе реагираат останатите ЕУ членки."

Елитата како заложник

Не случајно Кина ја одбра Чешка. Поранешниот претседател Вацлав Хавел кој почина во 2011 година, не беше близок пријател само со Далај Лама, туку во Прага официјално го прими и тајванскиот претседател и други високи политичари, а се залагаше и за членство на Тајван во ОН.

Tschechien Xi Jinping & Milos Zeman in Prag
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Krumphanzl

Во времето на неговиот наследник Вацлав Клаус радикално се смени чешката надворешна политика. Клаус беше првиот чешки претседател кој во 2004 ја посети Кина. Но всушност претседателот Милош Земан  кој е на функција од 2013 и поранешниот премиер Бохуслав Соботка од редовите на социјалдемократите кој беше на функција дп 2017 година, беа тие кои со своите гестови беа сервилни кон Кина. Поради нивниот пријателски став кон Кина, Јакуб Јанда, Земан и чешките социјалдемократи саркастично ги нарекува „Кинески амбасадори во Прага" и зборува за  „ставање во заложништво на дел од чешката политичката елита" под Кина.

Кинеското раководство на Чешка во 2016 и вети инвестиции од девет милијарди евра до 2020 година, а земјата требаше  да стане „портата на кинеските претприемачи кон Европската Унија". Останаа само ветувања. Основниот капитал на кинески фирми во Чешка до сега е само 220 милиони евра, трендот на инвестиции опаѓа, додека Тајван има инвестирано речиси 300 милиони евра. Она што Чешка го доби прекумерно од кинеската страна се закани, обиди за политички притисок и влијание и шпионажа.

Така во 2019 година по сериозно предупредување од чешките разузнавачки служби и Канцеларијата за  борба против сајбер криминал и информатичка безбедност, се забрани користење на хардвер и софтвер од кинеските концерни Хуавеи и ЗТЕ во државната администрација. Исто така пред речиси една година беше откриено дека Кина финансирала тајни лоби активности на реномираниот Карлов Универзитет во Прага обидувајќи се да спречи критичко истражување за Кина.

Еден дел од чешката политика повеќе не сака да трпи вакви обиди за мешање од Кина. Градоначалникот на Прага, Зденек Хриб на пример минатата година го раскина збратимувањето со Пекинг по кинеските закани поради неговиот пријателски став кон Тајван и Тибет.

Tschechien Prag | Zdenek Hrib, Bürgermeister & Ko Wen-je, Bürgermeister Taipeh
Градоначалникот на Прага Зденек Хриб со градоначалникот на Таипеј, Ко Вен-ЈеФотографија: picture-alliance/dpa/Ondrej Deml/CTK

„Предавство на чешките интереси?"

Чешко-кинеските односи го достигнаа ова ниско ниво по посетата на Тајван на чешкиот претседател на Сенатот. Но првично поранешниот претседател на Сенатот, Јарослав Кубера беше тој што сакаше да го посети Тајван. Тој ненадејно почина во јануари од инфаркт. Кратко потоа неговата сопруга низ документите пронајде заканувачко писмо од кинеската амбасада во Прага, препратено од канцеларијата на чешкиот претседател. Сопругата на Кубера обвинува дека овој притисок врз нејзиниот сопруг е причина за неговата смрт.

Наследникот на Кубера, Вистрчил речиси веднаш најави дека ќе ја исполни планираната посета на Тајван од неговиот претходник и ќе отпатува со голема стопанска делегација - која се реализираше на почетокот од септември.

Фактот што и Милош Земан и десничарскиот национал-либерален шеф на владата Андреј Бабиш повеќепати се обидоа да го спречат патувањето на Вистрчил и индиректно го обвинија за предавство на државните интереси на Република Чешка предизвика жестока полемика во јавноста.

За Мартин Ел, еден од најпознатите надворешно-политички коментатори во земјата ова може да биде пресвртница во чешката и европската политика кон Кина. „По подолго време Чешката република испраќа дипломатски сигнал кој е препознаен во светот и со кој се продолжува традицијата на претседателот Вацлав Хавел," пишува тој во весникот „Господарске новине" за посетата на Тајван на претседателот на Сенатот. "Оваа посета исто така може да биде пример за останатите демократии."