1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пробив во спорот за атомската програма на Иран

ЖА/дв/дпа/ртре/миа24 ноември 2013

По долгогодишниот спор околу иранската атомска програма, по преговарачкиот маратон во Женева, постигнат е договор. Техеран ќе замрзне дел од атомската програма, а за возврат Западот ќе ги ублажи санкциите кон Иран.

https://p.dw.com/p/1ANA1
Фотографија: Reuters

Претставниците на петте вето сили во ОН - САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија (групата 5+1), како и претстаничката на Европската унија, Кетрин Ештон, уште од средата преговараа во Женева со иранската делегација околу преодно решение во долгогодишниот спор. Во петокот и вчера на разговорите се придружија и министрите за надворешни работи на групата 5+1.

Договорот предвидува во следните шест месеци да бидат олабавени санкциите за извоз на иранска нафта, кои значително и‘ наштетија на иранската економија.

„Санкциите имаа значителен ефект врз Иран и отворија простор за дипломатијата. За првпат по една деценија го запревме напредокот на иранската нуклеарна програма, а клучни делови од оваа програма ќе бидат отстранети. Иран се обврза да запре до одредено ниво на збогатување на ураниум и да неутрализира дел од своите резерви. Иран ќе ја запре работата на својот плутониумски реактор, а нови инспекции ќе добијат широк пристап до иранските нуклеарни постројки, со цел меѓународната заедница да може да потврди дека Иран ги исполнува своите обврски. Од наша страна, САД и нашите пријатели и сојузници се согласија да му обезбедат на Иран скромни ублажувања на санкциите, но најстрогите санкции ќе останат на сила“, изјави американскиот претседател Барак Обама, кој неочекувано се обрати синоќа преку телевизијата, кога дојде веста дека има договор во преговорите во Женева.

Обама на Иран му даде „пробен период“

Обама го потврди правото на Иран да користи нуклеарна енергија во мировни цели, но додаде дека доколку иранските власти не го испочитуваат договорот, по шест месеци ќе се соочат со многу построги санкции.

(L to R) Vice Admiral Kurt Tidd, U.S. Secretary of State John Kerry and Russia's Foreign Minister Sergei Lavrov look to a boom microphone held by a member of the media, lower left corner, as they sit together during a photo opportunity at a meeting in Geneva November 23, 2013. Kerry and foreign ministers of five other world powers joined talks on Iran's contested nuclear programme on Saturday with the two sides edging towards a breakthrough to ease a dangerous decade-old standoff. REUTERS/Carolyn Kaster/Pool (SWITZERLAND - Tags: POLITICS MILITARY)
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот, Џон Кери, во ЖеневаФотографија: Reuters

Според документ шт Белата куќа вчера го објави за јавноста, Иран се обврзал дека нема да произведува збогатен ураниум со повеќе од пет проценти и ќе ги уништи резервите на ураниум што веќе ги збогатил до 20 проценти. Ураниумот збогатен над 20 проценти веќе може да се употреби за изработка на нуклеарна бомба, иако за таа да биде ефикасна обично се употребува ураниум што е збогатен со над 85 проценти.

Иран тврди дека и натаму ќе облагородува ураниум

Иранските власти реагираа дека договорот значи дека иранската програма за збогатување на ураниум од сега и официјално е призната.

Министерот за надворешни работи на Иран Мохамад Џавад Зариф утринава изјави дека спогодбата со светските сили ја признава иранската нуклеарна програма и иранското право на збогатување ураниум и дека како заклучок од сето ова, на крајот сите санкции врз Исламската република ќе бидат укинати. Во изјавата за иранскиот канал „Прес“ Зариф додаде дека спогодбата е шанса за Западот да ја поврати својата доверба кон Иранците.

Според него, Техеран ќе ја продлабочи својата соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија за да се надминат „некои стравувања“. Тој подвлече дека Иранците сакале да имаат нуклеарна програма по која ќе работат без да са подложени на меѓународен притисок, посочува „Прес“.

Шефот на иранската на дипломатија на прес конференцијата во Женева уште појасни дека е создадена заедничка комисија која ќе го следи применувањето на одредбите од спогодбата. Тој појасни дека во спогодбата има јасна формулација според која во Иран ќе продолжи збогатувањето ураниум, што беше прашање кое долго време се сметаше за прво скалило во преговорите.

„Сметаме дека е тоа наше право“, изјави Зариф.

Вестервеле: Постигнат е пресврт

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој исто така беше на преговорите во Женева, постигнатиот договор го оцени како пресврт.

„Со решавачки чекор се приближивме кон нашата цел - Иран без атомско оружје. По десет години преговори, но и застои и конфронтации, денеска првпат постигнавме согласност за првите суштински чекори“, изјави Вестервеле.

Guido Westerwelle Genf Schweiz Iran Nuklear Verhandlung
Гидо ВестервелеФотографија: Reuters

Израел упати критики

Владата на Израел, чиј премиер Бенџамин Нетанијаху претходно предлог-договорот го нарече „неверојатен божиќен подарок за Израел“, веднаш го осуди договорот, соопштувајќи дека се работи за измама на Иранците. Израел го обвинува Иран за поддршка на терористичките групи кои вршат напади врз еврејски цивили, а доскорешниот ирански претседател Махмуд Ахмединеџад упатуваше директни закани кон Израел. Новиот ирански претседател Хасан Рухани, по доаѓањето на власт во август годинава, почна да упатува помирливи пораки. Некои од отстапките кон Иран се однесуваат на полесен извоз на нафта, пристап до дел од иранските девизни резерви заробени во странство, намалување на некои од санкциите во автомобилскиот сектор и авионскиот сектор.

Освен од Израел, се очекува ублажувањето на санкциите да биде лошо примено и во американскиот Конгрес кој треба да го одобри договорот. Повеќе членови на Конгресот веднаш најавија дека не се согласуваат со договорот и веднаш ќе почнат да работат на изгласување на нов, уште построг режим на санкции против Иран, но дека е можно овие санкции да бидат одложени во рокот од шест месеци што го побара претседателот Обама.

„Доколку Иран ја одбие оваа понуда, ќе се соочи со широк притисок и изолација. Ќе работиме блиску со Конгресот, но сега не е време за нови санкции, кои само ќе не‘ оттуѓат од нашите сојузници. Денес имаме меѓународно единство, имаме можност за целосен мирен договор. Со силна и принципиелна дипломатија ќе имаме повеќе мир, сигурност и соработка меѓу нациите“, изјави претседателот Обама.

Европската нија, Велика Британија и Франција го поздравија постигнатиот договор. Од друга страна, се очекува освен од Израел, критики да дојдат и од Саудиска Арабија и другите помали арапски држави во регионот, кои стравуваат од растечкото влијание на Иран.