1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблеми со дигиталните пасоши за вакцинирани во Германија

Сабине Кинкарц
11 јуни 2021

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан даде одобрение за дигиталниот пасош за вакцинација, но сертификатот нема скоро да биде достапен за секого. Лекарите и аптеките не се подготвени.

https://p.dw.com/p/3uk0x
Coronavirus Symbolfoto Impfprivilegien
Фотографија: Weber/Eibner-Pressefotopicture alliance

Среда навечер во една берлинска аптека. Работното време одамна е завршено, но сопственикот Андреас Милер седи пред компјутерот и незадоволно гледа во мониторот. „Добив меил од Здружението на аптеки со потврда дека сме регистрирани за издавање дигитални сертификати за вакцинирани. Но, тоа е сѐ што досега имам и знам“, вели тој.

Со беспомошен гест тој поминува со рака низ косата. „В понеделник треба да се започне, а јас уште не знам како ќе функционира технички, немам соодветен софтвер и не знам како да препознаам фалсификувани потврди за вакцинација“. А тоа е од извонредно значење, зашто би одговарал ако издаде неточен дигитален пасош: „Казните се многу високи“.

Дали владата прерано разбуди очекувања?

Во аптеката веќе многумина муштерии се интересирале дали можат да добијат кај него дигитален сертификат за вакцинација, поттикнати од најавата од Министерството за здравство дека уште оваа недела во Германија ќе се издаваат дигиталните пасоши, кои од јули треба да го олеснат патувањето во ЕУ.

Аптекарот Милер тоа го смета за избрзано. „Во нашата партнерска аптека денеска моравме да вратиме 20 муштерии без да знаеме да им кажеме кога ќе можеме да стартуваме. Тоа ме потсетува на приказната со маските, кои требаше да ги делиме бесплатно, а првично ги немавме.“

Распределбата на вакцини во ординациите на матичните лекари исто така не тече без проблеми, зашто на располагање нема доволно вакцини. „Да не е толку трагично, човек би требало да се изнасмее“, вели Милер со очаен поглед.

Секој четврт граѓанин во Германија е целосно вакциниран

Следниот ден на прес-конференција министерот за здравство Јенс Шпан се радува на опаѓачките бројки на нови инфицирани со коронавирус. Тоа се должи и на „извонредната инфраструктура за тестирање“ во Германија и на тоа што во меѓувреме 47 % од граѓаните добиле веќе прва доза, вели тој, додавајќи: „Речиси секој четврт граѓанин е веќе целосно вакциниран, а со дигиталниот сертификат за вакцинација сега имаме и алатка која имунизирањето го прави уште поатрактивно“.

Тест фазата во одбрани центри за вакцинација е успешно завршена, сега ковид пасошот (CovPass) може да биде применуван во цела земја, а од јули и за патувања во ЕУ. „Целта е овој сертификат за вакцинација да може да биде покажан и во Хелсинки, Амстердам или Мајорка, со што во ЕУ поставуваме стандарди за меѓународен патнички сообраќај.“ 

Еден милион граѓани во ЕУ веќе имаат КовПас"

За тоа да успее, земјите членки на ЕУ треба да се приклучат на т.н. гејтвеј. Под водство на Европската комисија, а со помош на германските концерни САП и Телеком, тој служи како интерфејс за различните национални дигитални системи. Така се овозможува на пример контролор на аеродромот во Рим да може да го провери QR-кодот на вакцинирана туристка од Келн.

Некои земји од ЕУ веќе ги издаваатдигиталните сертификати и ги имаат околу еден милион граѓани. Но, во Германија дигитализацијата оди бавно, тоа мораше да го признае иминистерот Шпан. 

„Важно е: чекор по чекор сега ќе ги вклучуваме центрите за вакцинација, како и лекарските ординации и аптеките во системот за да можеме да издаваме европски функцинирачки дигитални потврди за вакцинирање“, изјави Шпан. Нема сите да го успеат тоа уште првиот ден, но целта е до крајот на јуни КовПас да стои на располагање за секој кој има интерес за него, рече министерот. 

Анке Домшајт-Берг, портпарол на партијата Левица за прашања околу дигитализација и интернет, комуникацијата околу дигиталните ковид пасоши ја оценува како целосен неуспех. „Дигиталниот пасош за вакцинација доаѓа предоцна, реализацијата е хаотична, а тој не носи фактичка корист. Ако министерот Шпан верува дека со држењето една апликација пред камерите, може да прикаже функционални процеси во лекарските ординации и аптеките, значи тој малку се разбира од комплексните ИТ-проекти“, вели Домшајт-Берг.

Digitaler Impfpass | Corona Warn App
Надградба на апликацијата за следење контактиФотографија: Rüdiger Wölk/imago images

Ажурирање на апликацијата заради пасошот за вакцинација

Министерот Шпан најави дека деновиве се врши ажурирање на постојната предупредувачка апликација во Германија, креирана за следење на контактите, за таа да се опреми за потребните QR-кодови, а во продавниците за апликации наскоро ќе има на располагање и втора која ќе функционира во европски рамки, без следење на контактите. Со помош на оваа апликација ќе можат да се докажуваат и негативните тестови, како и прележана инфекција со коронавирус.

Оној кој ќе биде вакциниран во идните денови, со апликацијата ќе може да скенира QR-код, кој ќе го добие по вакцинирањето. За оние кои се веќе вакцинирани, а тоа според Институтот Роберт Кох се околу 19 милиони луѓе во Германија, мора дополнитено да се издаде потврда, многу покраини веќе им испраќаат по пошта QR-код на вакцинираните во центрите за вакцинација, тврди Шпан.

Дигиталниот пасош за вакцинација не се исплаќа за секого

Лекарите, кои издаваат сертификати за своите пациенти, добиваат шест евра по човек. Ако се користи дигиталниот ординациски софтвер PVS, тогаш добиваат само две евра. Поисплатливо затоа е ако пациентот не бил вакциниран во ординацијата, за тоа се добиваат 18 евра, сума која ја добиваат и аптекарите.

Аптеките се тие кои сакаат да почнат со дигитални услуги, покрај центрите за вакцинација.

Четирицифрена бројка аптеки, велат од Здружението на аптеки, во понеделник ќе почне со заменување на хартиените потврди за вакцинирање во дигитални сертификати. Најава која навестува дека треба да се има трпение, зашто во Германија постојат околу 20.000 аптеки.

Лекарите уште го чекаат софтверот

Кога ќе се вклучат лекарските ординации, зависи од брзината на приспособување на ординациските софтвери. Владата даде налог за ажурирање на софтверите до крајот на јуни, најкасно до 12 јули. Во многу ординации се сомневаат во терминот, поучени од досегашните искуства.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ