Продолжува ракетната војна
17 мај 2021Израелската армија ноќеска испука десетина ракети на Појасот Газа, соопштувајќи дека гаѓала „терористички цели“. Наводно, уништени се куќите на деветмина високи офицери на радикалниот Хамас кои биле користени и како магацини за муниција. Како што се наведува, тоа била реакција на ракетирањето на израелските градови Бершеба и Ашелон околу полноќ.
Според локалните медиуми од Газа, погодена е и крајбрежната улица западно од градот Газа, а оштетен е и далекуводот кој со електрична енергија го снабдува југот на оваа палестинска област. Сѐ уште не е наведен бројот на жртви.
Најмалку 197 лица во Појасот Газа се убиени во конфликтот кој трае веќе една недела, наведува тамошното министерство за здравство.
Повеќе:
-Конфликт Израел – Газа: САД во посредничка мисија
-Нетанјаху: Ќе ја постигнеме целта
-Израел и Хамас во ракетна војна: Нападнат и Тел Авив
Според дипломатски извори, САД во неделата повторно го блокирале заедничкото соопштение на Советот за безбедност на ОН. „Овој безумен круг на пролевање крв, тероризам и разорување мора веднаш да запре“, повика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупредувајќи на „неконтролирани“ последици за целиот Блиски исток.
За време на седницата на Советот за безбедност, шефот на палестинската дипломатија, Ријад ал Малики, го обвини Израел за „воени злосторства“ и ги повика САД да преземат одоговорност. „Делувајте сега за да ја запрете агресијата и нападот на нашите луѓе, нашите домови, нашата земја. Делувајте сега слободата за да го победи апархејдот“, рече Ал Малики.
Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ерден, одговори дека тензиите ги крева Хамас, за да добие политичка превласт. Според неговите зборови, Израел „прави сѐ да избегне цивилни жртви“, додека Хамас „прави сѐ за да го зголеми бројот на цивилни жртви“: Американскиот претседател, Џо Бајден, во видео порака рече оти САД работат со Палестинците и со Израелците за да постигнат „траен мир“.
„Веруваме дека Палестинците и Израелците во еднаква мерка заслужуваат безбеден живот“, наведе тој. Вашингтон, пак, одбива да преговара со раководството на исламистички Хамас кој, како и во ЕУ, се смета за терористичка организација.