1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проектантите тврдат: Автопатот Кичево-Охрид е преплатен!

Костадин Делимитов
25 јули 2017

„Автопатите се градеа неквалитетно, но власта беше глува на предупредувањата!“ Првиот човек на „ЗИМ Скопје“ Борис Танески алармира: проектната цена беше многу пониска од парите што им се платија на Кинезите!

https://p.dw.com/p/2h5VO
Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Го завршиле проектот па ги „откачиле", а кога почнале да алармираат дека на терен се работи нестручно целосно ги игнорирале. Првиот човек на „ЗИМ Скопје" (Завод за испитување материјали), Борис Танески во интервју за Дојче веле открива нови, скандалозни информации за автопатот Кичево-Охрид. Неговата фирма, заедно со „Прима Инженеринг", целосно ја изработиле потребната техничка документација за големиот инфраструктурен проект. Ја предале на инвеститорите и оттогаш, вели, биле заборавени. Без какво било образложение од страна на поранешната власт, уште во стартот на градежните активности целосно биле елиминирани од случувањата на терен:

„Целокупниот проект, кој со неколку паузи го завршивме на крајот во 2007 година, со позитивна ревизија го предадовме на инвеститорот и толку. Во последните 4 и кусур години нас никој не нѐ прашал ништо. Ниту сме информирани за некој проблем, измена, промена. Се чудам ако има проблеми кој ги решава? Знаете дека проектантот има авторско право и за какви било промени тој мора да биде информиран. Но досега нас никој не нѐ контактирал, ниту пак имам добиено каков било документ за некаков проблем. А одговорно тврдам дека сѐ што се побара од нас беше направено, вклучително и деталните испитувања на терен“, реагира Танески.

Boris Taneski
Борис Танески: Јавноста мора да знае кој со кого договарал и по која ценаФотографија: DW/K.Delimitov

Градба без надзор?!

Како тогаш се случи овој голем инфраструктурен проект да прерасне во една голема инфраструктурна дупка која ќе проголта дополнителни стотина милиони евра? Танески вели дека е зачуден, но не и изненаден од она што го регистрирал на терен:

„По закон за градење мораше да има проектантски надзор и во таков случај сите забелешки ако ги имаше ќе ги поправевме. Но тоа не само што нас не ни беше доделено да го правиме, туку воопшто никој не го прави. Јас самиот одев на терен и гледав што и како се работи и се обидов да алармирам кај надлежните дека се гради аматерски. Тоа му го соопштив и на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта кој оттогаш, верувајте, буквално ме избегнува и ги игнорира моите обиди за контакт“. 

Утките на автопатите се скандалозни, но уште поскандалозна, според Танески, е цената која уште во самиот старт била договорена да им се плати на кинеските изведувачи. Целата зделка со Кинезите била склучена со просечна цена од по околу 6 милиони евра за километар што, според Танески, немало логика бидејќи оваа сума во нивната проектна документација била утврдена само за помал дел од автопатите:

„Цената за километар е превисока, бидејќи тој просек е само за дел од автопатот кој е и најпроблематичен за градење. Но останатите делови беа многу поевтини. За секоја делница ние како проектанти направивме посебна цена и таа беше реална. Ова што сега се прави, според мене, е скап проект. Цената е голема не само за Кичево-Охрид, туку и за автопатот Миладиновци-Штип. Тие требаше да им ја дадат на Кинезите нашата проектантска цена. Но како и зошто договарале тоа да биде повеќе, не можам да кажам, сепак тие си знаат“, вели Танески.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Утките на автопатите се скандалозни, вели ТанескиФотографија: DW/K. Delimitov

Разлика од 150 милиони евра

Колкава е разликата, односно колку уште во самиот старт поранешната власт ги преплатила автопатите Танески не сака да прејудицира. Сѐ ќе се дознае, вели тој, ако се отворат документите кои се заглавени во Јавното претпријатие за државни патишта:

„Колку точно е разликата сега не можам да кажам. Но еве, Специјалното јавно обвинителство отвори обвинение за 150 милиони евра и мислам дека толку е разликата. Но пак ќе кажам, точната сума треба да ја објави Јавното претпријатие за државни патишта кое располага со целокупната документација. Јавноста мора да знае - кој со кого договарал и по која цена. Не смее да има криење за ваква работа. Парите имаат свој тек. ЈПДП добива пари од Кинеската банка и му плаќа на Синохидро, а потоа тој на подизведувачите. Таа линија мора да се отвори и да се види. Инаку целата јавност и натаму ќе биде во заблуда“, реагира Танески.

Но проблемот е што Јавното претпријатие за државни патишта е затворено за какви било информации. Последно што јавноста го слушна оттаму околу овој скандал беше изјавата на директорот Александар Стојанов за Дојче веле, кој призна дека во проектот имало промашувања и грешки. Според Танески, пак, проблемите на терен се резултат на погрешните методи на работа, а не на проектот.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Проектот ќе чини тројно поскапо поради направените грешки​​​Фотографија: DW/K. Delimitov

Промашени методи

„Тоа е кога на вакви проекти работат компании кои немаат никакво искуство. Еве земете го 'Трансмет' кој прв пат работи на автопат. Какво е искуството на оваа фирма? Одговорно тврдам дека е промашен методот на ископ на теренот, бидејќи за ништо не е одено на слепо. Сите геолошки испитувања беа правени. Методот на градба не го водат добро, а инаку што е проблем, па светот направи и тунели под вода?!“, реагира Танески. 

Од она што досега е констатирано со ревизијата на теренските активности, најголеми проблеми има во делот кај Пресека и Извор, кај косините и засекувањата, но најкритично е кај тунелите, каде проблемите се отидени дотаму што прашање е дали ќе биде воопшто можно да се надминат. Пресметките на надлежните се дека само на овој потег работите ќе чинат тројно поскапо, или најмалку 120 милиони евра за поправки на сите грешки. Во моментов работите на поголемиот дел од автопатската делница Кичево-Охрид се запрени, освен на локациите околу Пресека. Поради низа проблеми целосно се запрени и активностите на делницата Миладиновци-Штип. Вкупно, двата проекти за изградба на делниците беа во вредност од 579 милиони евра, или над 5 милиони евра за километар. Делницата Миладиновци-Штип е со должина од 47 километри, додека автопатот Кичево-Охрид е со должина од 57 километри.