Методот „Рашизам“
16 април 2022Од почетокот на инвазијата на Украина, Русија постојано е споредувана со нацистичка Германија. Бомбардирање на станбени населби, породилишта и болници - сето ова всушност наликува на нацистичката практика за време на Втората светска војна, вели Јосип Циселс преку телефон од Киев.
Лидерот на еврејската заедница во Украина затоа ова го нарекува „рашизам“. Комбинацијата на името на земјата (Русија) и зборот фашизам е термин кој широко се користи во Украина, алудирајќи на официјалната пропаганда на Кремљ. Таа пак секогаш се прикажува себеси како категорично антифашистичка и го оправдува нападот врз Украина како борба против наводниот неонацистички режим.
Со војната, тонот стана уште поагресивен, пораката уште поапсурдна. Масовните убиства на цивили во Буча и другите наводни воени злосторства од руска страна веднаш беа отфрлени како чиста „провокација од украинските нацисти“ и „лажни вести“ на Западот. Меѓу другите од претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, блискиот соработник на Путин, Дмитри Медведев и рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небенсја. Во државните медиуми преовладува истиот спин. Еден водител беше огорчен дека американскиот претседател Џо Бајден претходно го нарече рускиот претседател Путин „касап“, односно на англиски „бучер“: врската со градот Буча со сличен изговор не е случајна. Списокот на такви примери е долг.
Збирка на противречности
„Доминантната идеологија е збирка на противречности“, вели филологот Гасан Гусењов. Тој ја напушти Русија во 2019 година и го основаше „Слободниот универзитет“ - онлајн универзитет за наставници, студенти и научници кои мораа да ја напуштат Русија. Според Гусењов, традиционалниот антифашизам е чиста реторика која неограничено ги користи националсоцијалистичките стилски елементи.
Повеќе: „Тука ве лажат!“- која е Марина Овсјаникова, руската новинарка која се спротивстави на војната
Москва со години го негира правото на Украина да постои и ја „оцрнува“ владата во Киев како нацистички режим спонзориран од Западот. Таа, наводно, врши геноцид врз луѓето што зборуваат руски во Украина и мора да биде уништена со сила - како Хитлерова Германија од страна на победничката Црвена армија. Регресот има метод: тврдењето за борба против нацизмот во Украина стана вкоренето во главите на луѓето и служи внатрешно и надворешно како крајно оправдување за инвазијата врз соседната земја. Според Гусењов, денешната идеологија ги користи и советските традиции. На пример, со идејата дека не е важна демократијата, туку единството на власта, населението и армијата. На пример, критичарите се нарекуваат „национални предавници“; противници, кои, според зборовите на Путин, треба да бидат сплескани како комарец.
„Двојно труење“
Дури и нацистичкиот вокабулар се усвојува без двоумење, вели Гусењов. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија се соочува со „тотална војна од страна на Западот“. Во исто време, руското раководство ги обвинува западните држави за нацистички методи во справувањето со Русија.
Повеќе: Русите и војната: „Мајка ми е Путин-фанатик“
На пример, претседателот Путин го спореди откажувањето на настапите на руските уметници на Западот со палењето книги. Ваква масовна кампања за уништување на несаканата литература последен пат била спроведена пред речиси 90 години - од страна на нацистите во Германија, рече Путин. Последицата е двојно труење, наведува Гасан Гусењов - што се покажа во еден особено суров антисемитски инцидент: пред влезна врата на московскиот стан на познатиот руски новинар Алексеј Венедиктов неодамна беше оставена свинска глава. На вратата беше залепен сино-жолтиот украински национален грб, а преку него беше испишан зборот „Јудензау“ (еврејска свиња) - на германски јазик. Овде некој агитираше против наводните нацисти со антиеврејско подбуцнување.
Минатото и сегашноста се измешани
Гусењов не е изненаден што војната против Украина мораше да биде наречена „специјална операција“. Советскиот Сојуз, исто така, никогаш официјално не водел војни, туку секогаш само им „помагал“ на другите земји, наводно за да спречи враќање на фашизмот таму. Така беше во 1968 година со инвазијата на Чехословачка и во 1979 година во Авганистан. Советскиот антифашизам беше опкружен со меѓународни слогани како „човештвото е зад нас“. Тоа веќе не е случај во денешна Русија. Руската пропаганда, во меѓувреме, продолжува рафирнирано да ги меша минатото и сегашноста. Војната против Украина беснее и на 9 мај претстои прославата на крајот на Втората светска војна. На хармонично дизајнираните билборди сега пишува: „Пролет - победата е близу“.