Проруски сепаратисти заземаат објекти во Доњецк
16 април 2014Најмалку 20 проруски сепаратисти го презедоа градскиот совет на источниот украински град Доњецк, соопшти портпаролката на советот. Лицата што ја презедоа зградата се вооружени. Тие не упатиле никакви барања. Вооружените мажи не ги попречуваат службениците да влезат и да излезат од зградата. Според портпаролката, тие имаат само едно барање - да биде организиран референдум за федерализација на Украина.
Проруски сепаратисти од 6 април ја окупираа зградата на локалната администрација на Донењецката област. Тие објавија создавање Доњецка Народна Република.
Претходно, воени транспортери со руски знамиња навлегоа во украинските градови Краматорск и Славјанск, каде проруски активисти окупираа административни објекти. Шест оклопни возила влегоа во Славјанск. На секое од воените возила има по 15-на мажи во воени униформи. Три воени транспортери и камион што превезувал вооружени мажи без посебни воени ознаки влегоа во Краматорск. На оклопните возила и на камионот има поставено руско знаме.
Украинскиот премиер Арсениј Јацењук денеска ја обвини Русија дека со својата политика подига нов „Берлински ѕид“, со што ја загрозува безбедноста во Европа.
„Денешните настани ја загрозуваат Европа и ЕУ. Сега е јасно дека нашиот руски сосед одлучи да изгради нов Берлински ѕид и да се врати во ерата на Студената војна“, изјави Јацењук.
Многу контрадикторни информации кружат во јавноста и по синоќешните операции на украинската армија во источна Украина, по кои беше вратена контролата врз стратешки воен аеродром во Краматорск. Западните медиуми јавуваат дека во акцијата немало жртви, додека руските медиуми тврдат дека загинале најмалку шест лица. Притоа, нејасно е и дали украинската армија го напаѓала објектот со цел да ја преземе контролата врз него или, пак, го бранела од напади на проруските парамилитарни сили?