Просечната плата расте, стандардот тапка во место
22 декември 2020Вратени на старото или приближно на старото ниво, во дел со мало зголемување. Вака накусо изгледа статистичкиот биланс за платите во С. Македонија на истекот од кризната 2020 година во која ударот од пандемијата е драматичен. Месечниот просек достигна 27815 денари во нето, односно 41654 денари во бруто износ. Ова е зголемување од дури 8.4% во однос на истиот период минатата година.
Статистички платата е порасната, но анализата по сектори и по работни места покажува дека само помал број дејности има повисока плата во споредба со истиот период лани, односно пред стартот на пандемијата. Главно во делот на здравството, социјалната заштита, преработувачката индустрија.
„Платата не ми мрднала“
Паралелно со просечната плата растат и трошоците на живот иако со поспоро темпо. Индексот на трошоците на животот во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, бележи зголемување од 2.2 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1.8 %. Статистичкото зголемување е факт, но дилемите се колку тоа и реално се чувствува во секојдневието. Граѓаните се жалат дека живеачката е скапа, а примањата се никакви:
„Се е скапо, а платата не ми мрднала веќе десет години. Работам во приватна фирма и што да ви кажам, едвај го поминувам месецот. Сега и со кризава е лошо. Добро е што барем колку толку редовно земам плата. Инаку генерално е лошо“, коментира Горан Д. Вработен во приватна фирма во Скопје.
Повеќе:
-Северна Македонија има најевтина храна и пијалоци во Европа
-Аплаузи за буџетот, свирежи за опозицијата- касата за 2021 тежи 4 милијарди евра
-Антикризната помош е навремена, но колку и доволна?
Колку е се` уште низок стандардот на граѓаните покажуваат и податоците за основната месечна потрошувачка кошничка која ја мери Сојузот на синдикати. Последната објавена за ноември чини 33742 денари, што е речиси 20% повеќе од просечната плата што се зема на ниво на држава.
А што вели синдикалната кошничка?. Најголем дел или најскапи ставки во оне се оние за потребите за исхрана и пијалоци, односно за домување. За секојдневните гастрономски потреби месечниот минимум кој го пресметале синдикалците изнесува 14 илјади денари. Потребите за еден месец за домување чинат 10800 денари, за хигиена 2375, за превоз 2464 денари или 2161 денар за облека и обувки. Остатокот од нешто помалку од две илјади денари е предвиден за култура и одржување на здравје. И толку. Колку и што тоа и реално може да му донесе на едно семејство не е тешко да се пресмета.
Без антикризните мерки, состојбата ќе беше уште полоша
Сепак она што е добро во лошото е што среде криза предизвикана од пандемијата платите колку толку во некои сегменти растат, или барем се одржуваат на одредено ниво без посериозни намалувања. Настрана фактот што дури 40.000 вработени се пријавени дека се без работа од стартот на кризата. Економијата е во рецесија, но реално, без антикризните мерки и поддршката пред се во делот на платите за стопанството, состојбата ќе беше уште полоша.
„Доколку не се делуваше брзо преку јавната потрошувачка, економскиот пад за првите три квартала ќе беше за 1,2 процентни поени поголем, односно наместо 5,9% за првите три квартала, ќе беше околу 7,1%. Фокусот во економијата во наредниот период ќе биде пред се заyдравување, но и поставување на основи за забрзан и одржлив раст", посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на конференцијата „Социо-економско влијание на Ковид-19 во Северна Македонија - научени лекции и препораки за успешна и одржлива обнова“ во организација на УНДП и Фајненс Тинк.
Но како реално да стане состојбата подобра? Дел од упатените предупредуваат дека кризата треба да се искористи и како шанса за суштински промени во делот на политиките за инвестирање во секој сегмент. Предупредуваат дека е крајно време да се мотивираат и реализираат инвестиции кои реално ќе носат додадена вредност во економијата:
"Треба суштински да се разбре дека во било кој чекор, дали образование, дали во економија, мора да има економска динамика, без мултиплицирање на ефектите или без мултиплицирање на инвестициите кои ќе дадат навистина профитабилна димензија не можеме да имаме осетно зголемување на платите. Ни недостасуваат серизони суштински инвестиции кои ќе имаат ефект на додадена вредност. Без оглед дали тоа ќе бидат општинските услуги кои ќе ги подобрат перформансите на општините кои ќе ги направат да бидат поатрактивни и да можат да бидат пристојно место за живеење“, коментира Миле Бошков од Конфедерацијата на бизнис работодавачи.
Финансиска немоќ
Тоа што е криза според него не смее да биде оправдување за бавната реализација на проектите. Напротив вели тој, мора засилено да се работи, посебно во делот на реализацијата на капиталните проекти, но и креирање на нови иновативни бизнис решенија:
„Не може нашите капитални инвестиции да не создаваат вредност и да го забавуваат економскиот раст. Мора да имаме инвестиции кои ќе создаваат вредност. Не можеме само да чекаме на помош од државата, оти да криза е но таа е одлична и за да се размислува како може да се реструктираат бизнисите. Еве на пример електронската трговија доам ни се зголеми за 200 пати, а патем за 70% е намалена во делот што сме ја правеле порано за авионски карти или туризам во странство. Тоа е прилагодување, флксибилност и препознавање на потреба. Оти времето оди напре, младите немаат време и не сакаат да не чекаат, дури и немаат нерви да слушаат објаснувања", укажува Бошков.
Колкава е финансиската моќ или немоќ на македонските граѓани покажа и последното рангирање на Еуростат кој ја смести државава речиси на дното во Европа во делот на сиромаштијата. С. Македонија е подобра по овој основ само од Албанија и Босна и Херцеговина. Мала утеха е што добар дел од цените на прехранбените производи и трошоците за живот се` уште се меѓу најевтините во Европа.