Протест на верниците
20 октомври 2013Измината недела критичарите на бискупот Франц-Петер Тебарц-ван Елст го манипулираа часовникот на катедралата така што во 12 часот отчука 13 пати - како опомена за црковните великодостоинственици. Пред катедралата истовремено протестираа група католички христијани против бискупот, кој е оспоруван меѓу другото и околу финансирањето на изградбата на седиштето на бискупијата за повеќе од 30 милиони евра. „Се мисли, ние сме биле неми овци, кои толерираат сѐ и во неделите одат на богослужба и сѐ одобруваат. Тоа не е така. Затоа протестиравме пред катедралата во Лимбург“, вели црковниот службеник Јоахим Шефер од католичката заедница во Вецлар, северно од Франкфурт на Мајна.
Критика за црквата
Критиката беше наспочена не само против однесувањето на бискупот, туку кон католичката црква. „Нема демократска култура, нема култура на размена на мислења“. Во разговор со Дојче веле, Шефер вели дека во 70-те години имало разположение за промени: „Но сега гледаме дека црквата се врати неколку чекори назад, наместо да напредува“. По Вториот ватикански концил на крајот на 1960-те години се проби либерализацијата. Таа во Лимбург е уназадена особено со бискупот Тебарц-ван Елст. Бискупот се обиде да ја исчисти либералната бискупија, вели Шефер. Тебарц-ван Елст ѝ припаѓа на нова конзервативна група клерици, кои многу офанзивно сакаа да го претстават католичкиот профил. Така на пример построгите правила за литургијата, кои се одлучени во Рим, во Лимбург се спроведувани построго отколку во другите бискупии, на пример што се однесува до односот кон хомосексуалците.
Финансискиот скандал ја преполни чашата
Уште на почетокот на мандатот на новиот бискуп во Лимбург во 2008. година протестираа многу членови на заедницата, свештеници и црковни службеници. Тебарц-ван Елст тогаш покажа цврста рака, испраќаше опомени и им даде отказ на многумина критичари. Изминатото лето околу 4000 христијани со своите потписи побараа да постои поголем слух за потребите на верниците. Референтката во црквеното народно движење „Ние сме црквата“, Анегрет Лакман, вели дека кратко потоа следувало обелоденувањето на високите трошоци за седиштето на бискупијата, негативна кулминација во ерата на Тебарц-ван Елст. „Мислам дека тоа беше капка која ја прели чашата. Сѐ уште не е сосма јасно, кој знаеше колку чини, какви се поврзаностите во бискупијата, кој покривал и зошто Рим не преземал ништо?“
Протестите имаат традиција
Протестите против католичките догми, според проценките на Лакман, во Германија имаат долга традиција. На крјот на 1960-тите започна широка мобилизација на општеството, особено откако папата Павле Шести забрани земање на контрацептивни средства.
Се формираа различни групи на лаици, но и свештеници и теолози кои се залагаа за реформиран католицизам. Истовремено, вели Лакман во разговор за Дојче веле по налог на Рим имаше голем број противудари. Во 1995. година, поттикнати од едно австриско движење, 1,5 од 24 милиони католици во Германија потпишаа народно барање до црквата со кое се бараше укинувањето на принудниот целибат за католичките свештеници, помалку хиерархии и помала власт за бискупите. Критичарите освен тоа бараа признавање на индивидуалната сексуалност.
Во целиот свет се бараат реформи
Во поново време се формираа голем број на помали католички групи, меѓу другите и „Екумена 2017“ која за цел има заедничка германска црква од католички и протестантски христијани. Католици кои се залагаат за реформи нема само во Германија, нагласува Лакман. „Силно се застапени во САД. Таму сега се формираа различни движења, откако во 2002. година се обелоденија случаи на сексуално злоставување од страна на свештеници“. Исто така и во Јужноафриканската Република, Велика Британија и особено Ирска се создадоа силни реформски движења на католичките христијани, исто како и во Полска, Чешка, Индија, Австралија. Дури и во Јужна Америка има многу католици кои не се приклучуваат кон официјалната линија на Ватикан.