Протести во Унгарија: Притисокот врз Орбан се зголемува
15 декември 2018На демонстрациите против донесувањето на контроверзниот Закон за работа во Унгарија, дојде до насилство и судири на демонстрантите и полицијата. Според агенциите, пред парламентот во Будимпешта се собрале помеѓу две и три илјади луѓе. Дел од учесниците на протестите фрлале со шишиња и чадни бомби врз полицајците, кои пак возвратиле со солзавец.
Повеќе: Солзавец и апсења на протестите во Унгарија
Во Будимпешта трета вечер по ред се протестираше против т.н. „робовладетелски закон“, со кој бројот на прекувремени работни часови во годината е зголемен од 250 на 400. Демонстрантите скандираа и пароли против премиерот Виктор Орбан, како „Орбан, исчезни!“. Ова се најжестоки протести во Унгарија во последната деценија. Според наводи на полицијата, вчеравечер биле уапсени повеќе од 50 лица, а повредени биле најмалку 14 полицајци.
Левицата и екстремната десница обединети против Орбан
Протестите се организираат преку социјалните мрежи, но на учество повикаа и претставници на левичарската и на десноекстремната опозиција. Двата политички табора во средата во парламентот застапуваа иста линија и се обидоа да го споречат донесувањето на новиот Закон за работа.
Повеќе: Унгарија е европски првак во теории на заговор
Протестите се насочени и против законот за новите управни судови, донесен исто така во средата. Судовите би требало да бидат под надзор на министерот за правда Ласло Трочани, кој му е близок на премиерот Орбан. Критичарите предупредуваат од опасноста од прекумерно политичко влијание врз правосудството.