Протести против промена на името
28 февруари 2018Неколку илјади демонстранти со знамиња на историска Македонија и државното знаме на снегот тргнаа од ЕУ Инфо Центарот и завршија пред Собранието. Пееја патриотски и народни песни, а скандираа „Македонија“ и „Заев предавник“. Дел од нив со себе носеа чадори, топла облека, но имаше и по некое шише ракија. Во првите редови на протестот беа Антонио Милошоски, Сотир Костов, Тодор Петров, владиците Агатангел и Петар, претставници на македонската дијаспора. Од претседателот на државата тие побараа амнестија за сите притворени и затворени за настаните во Собранието на 27 април, повикувајќи се на членот 11 од Законот за помилување, а повредените во настаните да ги повлечат тужбите.
„Бараме итен крај на разговорите за името на државата. Отфрламе референдум за името. Ја повикуваме власта да се откаже од намерата за промена на Уставот, ја охрабруваме опозицијата да ги одбрани името и идентитетот на македонската нација. Тој аманет од историјата мора да го исполниме. Велепредавниците кога-тогаш ќе бидат извадени пред судот на народот. Отфрламе двојазичност затоа што ја руши унитарноста и ја менува етничката карта на Македонија“, порачаа учесниците. Тие рекоа дека го отфрлаат и договорот со Бугарија поради ревизија на македонската историја затоа што го негира постоењето на македонскиот народ.
Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор на Австралиско-новозеландската епархија, Петар, од протестот порача дека само Господ може да ја спаси Македонија.
„Само Господ може да ја спаси Македонија, во оваа ситуација кога сме понижени до тој степен. Ние самите да си направиме наше конечно и духовно и национално опстојување“.