Против Ердоган помага само одлучен одговор
21 август 2017Кога еден политичар оценува друг политичар за параноиден, во најголем број случаи е- безобразно. Но, кога шефот на германската Социјалдемократска партија, СПД, Мартин Шулц го вели тоа за турскиот претседател Ердоган, тогаш е прилично блиску до вистината.
На релација Берлин-Анкара веќе ништо не функционира. Германската влада со месеци преземаше дипломатски напори, ги трпеше сите провокации и ги почитуваше нормите на добро однесување. Тоа одеше дури и до самонегирање и отстапување од сопствените принципи. Но, пред неколку недели, го промени курсот. Сега работите ги нарекува со вистинските имиња: кога се апсат германски државјани во Турција врз основа на апсурдни обвинувања, како што се случи со активистот за човекови права, Петер Штојдтнер, тогаш кандидатот на СПД за канцелар, Мартин Шулц отворено го употребува поимот „заложници“. Германската влада предупредува дека патувањето во Турција е опасно.
Оваа промена на курсот, барем така се веруваше извесно време, имаше ефект во Турција. Тонот во однесувањето стана поодмерен. Крајно, Турција не сака да се откаже од германските туристи, ниту од ангажманот на германските фирми.
Но, сега клатното повторно се заниша на другата страна: првоЕрдоган ги повика германските избирачи од турско потекло на изборите за Бундестаг во септември да не гласаат за ЦДУ, СПД или Зелените, кои во негови очи се непријатели на Турција.
Јасно. Демохристијанската унија тој ја гледа низ призмата на својот свртен непријател, Ангела Меркел, а автократот од Босфор за СПД ја врзува првенствено личноста на Зигмар Габриел, германскиот министер за надворешни работи, кој секогаш се изјаснува многу поотворено од својот претходник, сегашниот германски претедател Франк Валтер Штајнмајер. А од името на Зелените во Германија, постојано се огласува еден од најомразените политичари во Турција, копретседателот на партијата, Чем Оздемир. Тој за Ердоган и за многу други националистички настроени Турци, едноставно е предавник на сопствениот народ, иако никогаш не живеел во Турција.
Нова димензија
Новата димензија во сето ова е апсењето на германскиот писател Доган Акханли за време на неговиот одмор во Шпанија. По налог на Ердоган и под обвинувања дека поддржува терористи, што друго. Во меѓувреме, Акханли повторно е на слобода, иако моментно не смее да ја напушта Шпанија.
Од правен аспект, постапката е исправна: Турција преку Интерпол издала меѓународен налог за апсење на писателот Акханли, шпанските власти мораа да го притворат. Но, останува нелагодноста при помислата на тоа како е воопшто возможно да се издаде ваква потерница против некого како Акханли. Секако, членките на ЕУ соработуваат со Турција по прашања од безбедносната политика. Но оваа, во основа оправдана соработка, мора итно да биде преиспитана во светлината на однесувањето на турската влада.
Слаба утеха
Во моментов треба да се констатира следново: јасниот и директниот јазик на Германците е исправен, и во поглед на вербалните испади на турскиот претседател и во поглед на произволни апсења. Министерот за надворешни работи Зигмар Габриел веднаш лично се вмеша во случајот Акханли, барајќи од Шпанија пуштање на слобода на писателот со турско потекло и германско државјанство и пристап кон конзуларна заштита. Тоа очигледно не остана без одек во Шпанија. И добро е што е така.
Но, за германскиот новинар Дениз Јуџел или активистот за човекови права Петер Штојдтнер, кои се наоѓаат во турски затвор, новата германска политика на директност не донесе позитивен ефект, без оглед што затворските услови за Штојдтнер во меѓувреме се малку подобрени. А жална вистина е дека на Германците, на крајот на краиштата, кога се вакви случаи во прашање, им се врзани рацете. Но не, барем така се чини, кога Ердоган својот параноичен лов на сите Германци, во кои гледа непријатели на својата влада, сега го проширува и на други земји од ЕУ. Тоа е слаба, но барем некаква утеха.