Путин би можел да го спаси МОК и угледот на Русија
22 јули 2016Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја отфрли жалбата на Олимпискиот комитет на Русија за учество на Олимписките игри во Рио де Жaнеиро. Така судиите во Швајцарија ја потврдија суспензијата од Меѓународната атлетска федерација (ИААФ). Како резултат на докажан државно организиран допинг-систем, Рускиот сојуз на лесна атлетика е исклучен од учество на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.
Допинг-систем под државна капа
Меѓутоа, обвинувањата за допинг против Русија се многу подлабоки: на почетокот на неделата претставениот нов извештај на Светската антидопинг агенија (ВАДА), подготвен од канадскиот професор по право Ричард МекЛарен, исцрпно докажува практикување и заташкување систематски допинг не само во лесната атлетика. Руски државни институции и руската тајна служба минатите години манипулирале допинг-проби во бројни спортски дисциплини во Русија.
Со оваа допинг-практика, Русија во очите на светот ги повреди спортските принципи на фер-натпревар. Уште повеќе: таа го руинираше сопствениот углед на спортска нација, уште сега тешко ги оштети Олимписките игри во Рио, а првенствено го стави под енормен притисок и Меѓународниот олимписки комитет (МОК): ова тело во наредните денови треба да одлучи или комплетно исклучување на сите руски спортисти или да ги обезвредни своите сопствени напори во борбата против допингот.
Покажува ли Путин лидерски квалитети?
Обидите во Русија обвинувањата да бидат продадени како „американски заговор“ се вистински срамни. Исто така и повиците за побројни факти, зашто извештајот на МекЛарен е недвосмислен и никаде во светот не наиде на сомнеж. Сите обиди за натамошно негирање на етаблираниот допинг-систем само го зголемуваат сомнението во руската чесност.
Наместо негирање на манипулациите, Русија би требало да собере храброст за решение вредно за почит: Рускиот национален олимписки комитет би требало да го пресретне Меѓународниот олимписки комитет и да ги повлече сите спортисти и дисциплини номинирани за учество во Рио, кај кои во извештајот на МекЛарен постојат цврсти докази за државно организиран допинг-систем: покрај лесната атлетика, тука се дигањето тегови, кану, веслање, велосипедизам, пливање и различни борбени техники.
Со ваква одлука Русија би го елиминирала притисокот врз Меѓународниот олимписки комитет за комплетно исклучување на руските спортисти од Олимпијадата во Рио неколку недели пред почетокот. Така, Русија би можела да биде застапена барем во некои спортови, кои во извештајот на МекЛарен не се доведени во врска со допингот, на пример јавање, гимнастика, бадминтон и голф.
Руската тврдоглавост ќе донесе само губитници
Со ваква одлука Русија би можела да се обиде да ја поврати загубената доверба како спортска нација. Тоа би претставувало симбол на каење и би внесло надеж за сериозни напори во поглед на трајно окончување на рускиот допинг-систем. Доколку Русија меѓутоа остане тврдоглава и го порекнува масивното кршење на правилата, тогаш ќе го принуди Меѓународниот олимписки комитет да ја исклучи од најголемиот спортски настан оваа година. Со тоа Русија конечно од спорстки аспект би се нашла во аут и меѓународно изолирана. Тешко е да се претпостави како под такви околности потоа во Русија би се одржало Светското фудбалско првенство во 2018 година. Меѓународниот олимписки комитет уште сега исклучи таму да се одржуваат меѓународни натпревари во следниот период.
Ако пак Меѓународниот олимписки комитет одлучи да не ги исклучува руските спортисти, тоа би била само привидна победа на Русија: веродостојноста на Меѓународниот олимписки комитет би претрпела огромни штети. А евентуалните руски носители на медали малку би се радувале на својот успех, зашто никој во светот не би им верувал дека извојувале фер победа.