Путин гради алијанси без Западот?
8 јули 2015Во Уфа деновиве ќе се расправа за светската политика. Овој индустриски град југозападно од Урал, повеќе од 1300 километри оддалечен од Москва, е домаќин на двоен самит на незападниот свет: утре започнува средбата на врвот на земјите во подем БРИКС -Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка ( на насловна фотографија лидерите на овие земји)- а задутре и самитот на Шангајската организација за соработка (СЦО).
Рускиот претседател Владимир Путин има намера на овие средби да ја форсира својата идеја за мултиполарен свет, без доминација на САД. Цел, според Путин, треба да биде БРИКС да прерасне од форум за дијалог во „ефикасен инструмент“ на светската политика.
Конкретна реализација на проектот за БРИКС-банка
Русија бара алтернативи во соработката на светската сцена уште пред да биде исклучена од Г8 (сега Г7 -н.з.) поради украинскиот конфликт. Во БРИКС, група која опфаќа 40 проценти од светското население, таа одамна гледа голема иднина. Сега, на самитот во Уфа, Русите првенствено сакаат да се унапреди проектот за нова БРИКС-банка. „Новиот институт ќе биде една од големите мултилатерални банки“, вели министерот за финансии Антон Силуанов. БРИКС-државите постојано бараат реформи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е под западна доминација. Сега тие сакаат да етаблираат своја банка за инфраструктурни проекти и за борба против кризи. САД и ЕУ не се вклучени во неа. Во Уфа треба да биде даден знак за почеток на практична работа на овој проект. Силуанов смета дека БРИКС-банката би можела да учествува во финансирањето на „Патот на свилата“ - голема сообраќајна магистрала од Азија до Европа.
Пропагандно шоу или вистински поттик на соработката?
Самитот на БРИКС си постави големи цели: во документите за него се вели дека БРИКС треба да стане „полноправен механизам на стратегиската соработка во клучните прашања на светската политика и економија“. Треба да биде усвоена стратегија на БРИКС за економски развој до 2020 година. Во трите дена на самитите на БРИКС и на СЦО, Владимир Путин планира билатерални средби со 11 шефови на држави или на влади. Теми притоа ќе бидат и иранската атомска програма, кризата во Грција, конфликтот во Украина како и други глобални проблеми.
Експерти забележуваат дека БРИКС, иако го проширува полето на дејствување, не може да се пофали со некакви успеси. „Многу иницијативи остануваат само во зародиш, оти нема доволно усогласување“, вели Александар Габуев од Московскиот Карнеги центар. Овој политиколог во самитот првенствено гледа значајно пропагандно шоу, во кое Русија сака да се профилира како предводник на незападниот свет, но признава и дека Русија навистина сака нешто да придвижи.
Нотирани се 130 точки за дискусија на самитот. „Мораме да сториме уште многу за оваа организација да добие дејствувачки карактер, за да биде активен и ефективен инструмент за развојот на нашата економија“, вели Путин за БРИКС. Притоа нагласува дека исклучиво станува збор за економска и политичка соработка, а не за градење нови воени блокови.
„Импотенцијата на ОН и ОБСЕ“ налага регионална самозаштита
Истовремено, меѓутоа, првенствено државите организирани во Шангајската организација за соработка (СЦО) одамна организираат и заеднички воени маневри. Русија има свои воени бази во Таџикистан и Киргистан, држави-членки на СЦО. Таа го снабдува регионот со оружје. Сојузот сака уште поблиска соработка во иднина кај безбедносните прашања - посебно во борбата против тероризмот и шверцот со дрога. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кратко пред самитот најави основање на „апарат на националните воени советници“ под закрила на СЦО, за така во иднина да биде зацврстена „воената компонента“ на сојузот. Во Уфа СЦО треба да ја усвои својата стратегија до 2025 година, со која треба да се засили значењето на државите-членки. Иран, кој се стреми кон членство во СЦО и чиј претседател Хасан Рухани ќе биде присутен во Уфа, инсистира на тоа регионот самостојно, без влијание на САД или други странски сили, да се грижи за сопствената безбедност. И во Русија многумина мислат така. „Импотенцијата на ОН и на ОБСЕ бара од земјите во регионот да го пополнат тој вакуум и самите да ја контролираат ситуацијата“, вели Александар Књазев, експерт за Азија, за весникот „Независимаја газета“.