1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Порошенко: Можен прекин на огнот?

ЖА/дпа/афп/ртре18 јуни 2014

Во борбите на двете страни во Источна Украина повторно има загинати, меѓу кои и двајца руски новинари. Рускиот и украинскиот претседател, Путин и Порошенко телефонски разговарале за евентуален прекин на огнот.

https://p.dw.com/p/1CKsu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во крвавите борби меѓу владините воени единици и проруските сепаратисти во Источна Украина повторно загинаа повеќе луѓе. Во регионот на Крематорск биле застрелани шестмина бунтовници, соопшти портпаролот на армијата, Владислав Селеснјов. Украинската војска исто така имала загуби, во регионот на Доњецк се ранети над 30 војници. Сепаратистите освен тоа јавуваат дека собориле воен авион од типот Сухои Су-25. Пилотот се спасил со катапултирање на седиштето. Во Источна Украина вчера загинаа и двајца руски телевизиски новинари. Специјалниот дописник на ВГТРК во Украина, Игор Корнељук, видеоинженерот Антон Волошин и операторот Виктор Денисов вчера снимале во околината на Луганск кога почнало гранатирањето. Корнељук и Волошин загинаа, додека Денисов не настрадал бидејќи бил на одредено растојание од неговите колеги. Телевизиската екипа снимала како борците на „народната самоодбрана“ придружувале група бегалци, во тој момент почнало гранатирањето.

Ukraine Bürgerkrieg Opfer Journalist Igor Kornelyuk
Новинарот Игор Корнељук, жртва на својата професија,Фотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Петро Порошенко разговараа за евентуален прекин на огнот во источна Украина, соопшти Кремљ. Путин во телефонскиот разговор изразил загриженост поради загинувањето на двајцата руски новинари во близина на Луганск. Во соопштението од Кремељ се посочува и дека Порошенко наредил истрага и да се преземат мерки за безбедност на новинарите.

Во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, Петро Порошенко предложил свој мировен план за Источна Украина. Тој предводува создавање десет километри широка тампон зона долж границата кон Русија заради спречување достава на оружје и засилување за милитантните групи.Сепаратистите во основа искажаа подготвеност за преговори, но бараат во нив да бидат вклучени како посредувачи Русија или меѓународни организации. Директни разговори во Киев веќе не се можни, зашто „владата секој ден убива свои граѓани во Славјанск и другите градови“, изјави од Киев непризнатиот доњцски заменик-премиер Андреј Пургин.