1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Трамп не гледаат воено решение за Сирија

ЕМФ /агенции
11 ноември 2017

САД и Русија, според руски наводи, ќе продолжат со својата соработка во борбата против ИД во Сирија, сѐ до конечна победа над исламистите. Војната, како што се вели, мора да заврши со мировен процес под раководство на ОН

https://p.dw.com/p/2nRfb
Vietman APEC Gipfel Trump Putin Handschlag
Фотографија: Getty Images/AFP

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин постигнале согласност за соработка во борбата против Исламска држава во Сирија сѐ до конечен пораз на џихадистичката милиција. Според соопштение на Кремљ, шефовите на двете држави имале кус контакт на маргините на самитот на АПЕК во Виетнам, по што е соопштено дека претседателите се единствени во ставот дека „за конфликтот во Сирија нема воено решение“. На интернет страницата на Кремљ е наведено и дека Трамп и Путин ја повториле заложбата за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сирија. Двајцата претседатели во заедничката изјава ги повикуваат и страните во сирискиот конфликт да учествуваат на мировните разговори во Женева, под раководство на ОН.

На самиотот на Апек во Да Нанг, Виетнам, немаше официјална билатерална средба на Трамп и Путин, но тие се сретнаа во три прилики: за време на групното фотографирање, во текот на кое насмеани позираа еден до друг во сини кошули, специјално направени за таа прилика, потоа се ракуваа додека шефовите на држави или влади се собираа на разговори, а кусо меѓусебно разговараа и кога учесниците на самитот отидоа на друго групно фотографирање.

Поради разликите меѓу САД и Русија, на пример по прашањето на Сирија и Украина, со напрегнатост се очекуваше дали Трамп и Путин ќе имаат билатерална средба на маргините на самитот на АПЕК. Белата куќа ги демантираше наводите на Кремљ дека ваква средба била планирана.

Односот на американскиот претседател кон рускиот колега е под лупа во САД. Повеќе луѓе од изборниот тим на Трамп се товарат за блиска соработка со Москва со цел да му се помогне на Трамп за победа на претседателските избори минатата година. Средбата со Путин за Трамп е акт на баланс, поради тоа што тој сака да добие руска поддршка во атомскиот конфликт со Северна Кореја.